Ебола – катастрофа или катаклизма

  • Дали кај нас ќе се појави ебола? Малку е веројатно поради мерките на СЗО, изолацијата, а и малкуте патувања од кај нас во Африка, но никогаш не може да знаете дали нема да се имплантира од Европа, а можеби и САД. Дали е ова катастрофа или катаклизма? Очекуваме да биде епидемија (Конго и околината), но не пандемија. Ако кај нас се појави еден случај – тоа е исто како многу опасна епидемија. Дали да се плашиме? Внимателност да, паника не! Мора да бидеме во алерт. Сите релевантни служби треба да бидат подготвени и во алерт. Особено онаму каде што има промет и повратници.

Дали сте го гледале филмот „Вариола вера“ од 1982 година, со фамозните улоги на Раде Шербеџија, како „мангупски фраерски доктор“, и Раде Марковиќ, „самобендисан“ доктор што бега од критична ситуација? Фамозна реченица на Шербеџија за Марковиќ беше: „Пи… е полов орган, а пиз… карактерна особина“. Ова би можело да важи и за други, не само за доктори, на пример министри, раководители, пријатели, безбедњаци, ентифадери, сопрузи… Еј, замислите комбинација кај еден човек како министер, доктор и „орган-карактер“ – ејјј! Може да направиме и математички модел на комбинација министер, доктор, карактер и смртност од некоја болест – опааа! Кога е густо – на пример војна или пандемија, имаме повеќе „карактери“ од „органи“. Ете на пример целата моја фамилија и други фамилии ги убија во логор поради вакви „карактери“ што им „помагаа“ на окупаторите. А како умираа од вариолата – видовте на филмот. Замислете, првиот пациент дојден од аџилак требаше да дојде во Скопје, ама се премислил и отишол во Белград, а некој што видел вариола го препознал, но со големо задоцнување. Замислете (од филмот) дека нема кожни промени, па симптомите и знаците би личеле на ебола – температура, стомачни тегоби, повраќање, болки, крвавење и смрт. Многу различни вируси прават исти манифестации. А и ирадијациската болест има слични појави (плус и кожни) како оние во Хирошима, Чернобил или Винча, па замислете пандемија што ќе личи како цел свет да е озрачен од атомски или „валкани“ бомби. Искуството покажува дека најчесто се јавува само епидемиски остар „пик“ (врв) на временскиот графикон (Poisson), без да настане глобализам (пандемија).
Инаку, јас по специјалност не сум епидемиолог. Но имав светски реномиран професор по епидемиологија – професор Богдан Каракашевиќ. А ми стана и пријател (пациент). Подоцна се интересирав за математичко моделирање на епидемиите. Сѐ е математика. Професорот кажуваше дека една епидемија има три фази – раст (експоненцијално нагоре), врв и пад (логаритамски надолу, поради „исцрпување“ на епидемијата, што значи речиси сите ја поминале болеста или изумреле). Исто како војната меѓу САД и Иран – прво засилување, врв и „спласнување“ (исцрпена логистика). Врвот на епидемијата е остар ако постои терапија или вакцина. Генерално, моделите упростено одат вака: број на заболени = А – Б. „А“ е вектор на раст (сила на Њутн или поле за раст), а „Б“ е вектор на пад (сила или поле што „кочи“ – терапија или природен фактор). Ете, со овој „прост“ метод може да ги разберете сите модели за епидемии или економски движења, војна, биологија, Дарвинизам, општества, капитализам, па дури и генеза на држави итн. Денес вие само ќе мислите, а решавање ќе врши вештачката интелигенција (ВИ). Дали ВИ може да предизвика епидемија? Теоретски, да! Оваа епидемија на ебола ќе има остар врв, поради ефикасната изолација и природниот фактор – различно од онаа на ковидот, која буквално „експлодира“ низ светот, со огромни последици. Ќе видиме.
Ајде сега да преминеме на конкретното. Ситуацијата е многу, многу сериозна. Некои експерти предвидуваа дека следната епидемија ќе биде од ебола и, оп, се појави во Африка – источно Конго (Киву, Кампала, Киншаса, а епицентарот е во Итури) и Уганда, па векторот оди кон центарот на Африка, а може насекаде. А морталитетот на овој сој (Бундибугио) е сличен на вариолата – околу 50 отсто, а на оној од Заире до 90 отсто, со тоа што за вариолата има вакцина, па е ерадицирана, а за ебола од овој сој нема. Се најавуваат некои вакцини од Британија и од Тексас, но допрва ќе треба да се испитаат. Замислете ваква смртност во Македонија или на Балканот? Отидоа државите и нациите! Дали светот ја сфаќа ситуацијата сериозно? Па, СЗО да, светот млако, самобендисано како оној лик на Раде Марковиќ, а и ние сме тука. Американските центри се „пооптимистички“, веруваат дека таму нема да се пренесе. Важно им е да не се стресе берзата. Многу се загрижени Французите – Конго е и во зона на нивен интерес покрај другите, а и Италијанците – па ковидот во овие земји направи ’ршум. Се сеќавате ли дека првите случаи во Македонија беа од Италија дојдени прво во Скопје, па во Дебар? Имајте го и ова на ум. Инаку колку интензивно и брзо ќе се шири заразата зависи од биолошки фактори (заразност, густина на население, како се пренесува – воздух или секрети) и транспорт. Ако транспортот е бавен како во Африка (коњи, камиони), ширењето ќе биде бавно. Замислете купче заразени да патуваат со авион! Така беше и првиот случај со сида. Вирусот на еболата останува во спермата и по оздравувањето. Дали еболата се пренесува респираторно? Не. Фала богу, белки ќе остане така. Респираторните инфекции (преку дишни патишта) се многу заразни и брзо се шират масовно. Тие имаат висок „индекс на заразност“ (Р0 = колку ќе се заразат од еден болен) – од 2 до 15. За ебола Р0 е од 1,2 до 2,5.

Кај многу блиски (фамилија) овој индекс се вика САР (секундарна атак рата) и таа кај еболата е од 5 до 15. Еболата се пренесува со директен контакт – преку екскрети, плунка, фецес, урина, рани, повредени слузници – значи преку садови, крв, погреби, медицински инструменти, чаршафи, облека, работа без ракавици, сите хируршки или медицински манипулации, прегледи, сексуално, јадење месо од инфицирани животни и нехигиена (мислете на ѓубрето!). Брзо се уништуваат на температура. Не се пренесува преку вода и канализација. Дали животни пренесуваат ебола? Да – лилјаци (африкански), мајмуни, антилопи и бодликави прасиња. Глувци не е докажано дека пренесуваат (како кај вирусите на ханта и чума), но може експериментално да се инфицираат. Смртни случаи до денес има 139, а детектирани околу 600 (22 мај). Се очекува да има над 1.000 инфицирани, а верувам и повеќе покрај сите мерки. За Македонија е опасно ако се јави во околни земји и таму каде што има работници (Италија, Франција, Германија, Емирати). Во Африка ретко патуваат.
Да повториме подетално кои се манифестациите. Инкубацијата е 21 ден. Вакцина за сојот Заире не дејствува на Бундибугио. Манифестациите се делат на 3 фази: 1) Сува (ден 1-3) – висока температура нагла, главоболка, тежок замор, мускулна болка, гребење на грлото. 2) Гастроинтестинална – дијареја, повраќање, стомачна болка, дехидрација, кожен осип, нарушена функција на бубрезите и црниот дроб. 3) Хеморагична и невролошка – крвавења (столица, повратена, очи, нос, уста, кожа), нервен систем – конфузија, агресија, грчеви, шок, кома. Интензивно се работи на истражување за вакцина, серум или хемотерапија. Бидејќи специфична терапија не постои, останува само изолациска (карантин по сите прописи) и т.н. супортивна терапија со рехидрација, трансфузија при крвавење, спречување секундарна инфекција и евентуално животно поддржувачки апарати. Интересно е дека поимот „карантин“, што значи 40 дена (quaranta giorni) во изолација одн. бродот што имал чума не смеел да пријде во тој период. Тој пропис е донесен во 1377 година во Ракуза (Дубровник). Сепак во налетите на чума во 14 и 17 век населението на Европа речиси се преполовило. По мое мнение, најефикасна била Отоманската Империја со многу драстични мерки – ако се појавела чума, куќата со целата фамилија била „пломбирана“ (затворена без влез и излез). Ако некој преживеел по одреден период, бил пуштен, а куќата ја палеле. Така била спречувана епидемија, но повремени случаи се јавувале на секои две-три децении. Секако, оваа драстичност не е потребна денес, но само укажува на потребата од строга изолација.
Математички модели (логаритамски раст, стохастички, „теорија на игри“, мултипни логаритми, полиња и артифициелна интелигенција) се од голема корист за предвидување епидемии, прогнози, за епидемиолошки институции, осигурувања и Светската банка. Најважни мерки се сомнение (температура, контакти), изолација (најмалку 21 ден). Напомена: лица заразени но уште немаат симптоми не се заразни (сепак е потребна претпазливост). За нас се многу важни строги мерки на ризични места – болници, аеродроми, гранични премини или транспортери, туристички објекти. Уште сега треба владата да предвиди превентивни мерки: Совет за национална безбедност, комисија на експерти, да се дефинираат критериуми за карантин, евентуална вонредна состојба и кога (ако треба) да се затворат границите. Сето тоа треба да се одлучи – однапред. Во европските медиуми огромно место ѝ се дава околу еболата.

Едно провокативно прашање во правец на „теорија на заговор“. Овие теории се многу омилени кај популацијата и се права „епидемија“ на социјалните мрежи и Јутјуб. Понекогаш може и да имаат право. Прашање: дали е овој вирус вештачки и намерно пуштен во циркулација? Конго е колосално богато со шуми, води, животни и минерали. Има најбогат ураниум (65 отсто), за што се борат многу сили (на пример со сите војни, Иран е вештачки дојден до концентрација на ураниум од 65 отсто). Потоа – кобалт, колтан (хемиски танталит и колумбит), злато, бакар, литиум и дијаманти. А народот е беден, мизерен (сетете се на филмот „Крвави дијаманти“). Се инволвираат служби и фирми на Кина, САД и Русија и џихадистички „бунтовници“, манипулирани од секого. Порано во игра беше и Тито преку Лумумба, а и Белгија, па и Франција, па дијамантскиот милијардер Лев Левиев од Израел. Така овие „теории“ на заговор си „легнуваат“ на теренот. За ковидот знаеме дека е вештачка фрагментација на неколку вируси и рекомбинација – за правење вакцина, но некако „избегал“ од лабораторија (дали е случајно или намерно?). Се пуштаа секакви теории, некои глупави до небо – на пример дека „пушењето го убивало вирусот“ или дека „не е вирус, туку отров пуштан преку авиони“ итн. Па, тоа ве чека и сега.

Дали кај нас ќе се појави ебола? Малку е веројатно поради мерките на СЗО, изолацијата, а и малкуте патувања од кај нас во Африка, но никогаш не може да знаете дали нема да се имплантира од Европа, а можеби и САД. Дали е ова катастрофа или катаклизма? Катастрофа – да, за Конго, можеби и Африка, но катаклизма – не. Значи, очекуваме да биде епидемија (Конго и околината), но не пандемија. Ако кај нас се појави еден случај – тоа е исто како многу опасна епидемија. Дали да се плашиме? Внимателност да, паника не! Мора да бидеме во алерт. Сите релевантни служби треба да бидат подготвени и во алерт. Особено онаму каде што има промет и повратници.