Петтото јубилејно издание на спортскиот фестивал „Илинден 2026“, во организација на спортско-рекреативниот клуб Соларис се одржува денес во Струга.
Во рамките на своите можности силите ќе ги одмерат голем број натпреварувачи.
Ќе можат да се проследат ватерполо турнир во соработка со Ватерполо федерацијата на Македонија, пливачките трки, кајак регатата, трките во СУП и за крај на радост на сите македонски граѓани, ќе се одржи и натпреварувањето во струшка такла.
Натпреварите имаат свои пропозиции за учество, а тие се следни:
Пливање: Трките ќе се одржат на 25 метри (ширина на реката Црн Дрим), во слободен стил, во машка и во женска конкуренција. Право на учество имаат сите полнолетни лица што не се во тренажен процес (неактивни натпреварувачи во пливање). Трките ќе се реализираат во групи од по четири натпреварувачи, а тие со најдобрите четири времиња одат во финале. Дозволен е еден предвремен старт по трка, а повторното предвремено стартување значи дисквалификација. Натпреварувачот што ќе ја напушти патеката или ќе попречи друг учесник, ќе биде дисквалификуван.
Кајак: Трките ќе бидат во едносед на 100 метри, веслање низводно во машка и во женска конкуренција. Право на учество имаат сите полнолетни кајакари со и без искуство, кои не се во тренажен процес. Трките ќе се реализираат во групи со по четири натпреварувачи, а тие со најдобри четири времиња одат во финале. Ќе се користат стабилни кајаци, т.н. фалбути, и исти весла за сите. Кајакарите не смеат да користат свои кациги и весла. Учесникот што ќе падне од кајакот или ќе попречи друг натпреварувач во трката, ќе биде дисквалификуван.
Веслање СУП-штици: Трките ќе се одржат на 100 метри, веслање низводно во машка и во женска конкуренција. Можат да настапат полнолетни лица со право да користат свои СУП-штици и весла. Трките ќе бидат во групи со по четворица, а најдобрите четворица одат во финале. Веслањето се реализира од исправена позиција (на стапала), а ако веслачот падне, има право повторно да се качи и да ја продолжи трката.
Скок во вода – такла: Скокот такла ќе се реализира од чаршискиот мост. Можат да настапат сите полнолетни лица. Секој учесник има право на по еден обид. Најдобрите пет што ќе исфрлат најмногу вода во висина (вертикална проекција), се финалисти, каде што ќе имаат уште по еден дополнителен скок. Висината на исфрлената вода ќе се утврдува со специјална компјутерска програма. Организаторот има право да ја промени локацијата на скокот.
































