Фото: Архива

Основното јавно обвинителство Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против 53-годишен маж од Брвеница, осомничен за кривично дело убиство.

Според обвинителството, на 25 март во Охрид, осомничениот од користољубие го лишил од живот Климе Митрески, со цел да спречи раскинување на договор за доживотна издршка склучен во февруари 2025 година. Со договорот, осомничениот требало да наследи значителен имот по смртта на оштетениот, кој во меѓувреме започнал постапка за негово поништување.

 – По вербална расправија, осомничениот го нападнал жртвата од зад грб, го соборил на под и повеќепати го удрил во пределот на главата. Потоа, со рака преку устата и носот му го оневозможил дишењето, предизвикувајќи смрт. По извршувањето на делото, го напуштил местото на настанот – стои во соопштението.

Од обвинителството информираат дека присуството на осомничениот е потврдено со видео надзор од куќата, како и со дополнителни материјални докази за неговото движење.

Со оглед на тежината на делото, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, како и ризикот од бегство и можноста за влијание врз сведоци или прикривање докази, обвинителството предложило определување мерка притвор.