Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека иднината на политиката лежи во фокусот на енергијата и вештачка интелигенција, а не во, како што рече, „романтични идеи од минатото“. Тој се обрати на настанот „Youth Vision 2030: Western Balkans, Stability & AI in Education“, што се одржа во Скопје.

Според него, идните политичари мора да имаат познавања од современите технологии и енергетиката, бидејќи тие ќе бидат клучните предизвици во периодот што следува. „Ако сакаме да ги развиваме нашите општества, мора да се фокусираме на иднината, а младите се нејзиното решение“, истакна Мицкоски, обраќајќи им се на учесниците од сестринските партии на Европската народна партија.

Тој изрази уверување дека дел од присутните млади ќе станат идни европратеници и комесари, имајќи ја предвид улогата на ЕПП како водечка политичка сила во Европа.

Настанот е организиран од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Студентската организација на ЕПП и Фондацијата Конрад Аденауер.

Претставникот на фондацијата, Даниел Браун, посочи дека актуелните глобални конфликти укажуваат на распаѓање на досегашниот светски поредок. Тој нагласи дека Европската Унија мора да дејствува поединствено, особено во надворешната политика, енергетиката и безбедносните прашања.

Браун се осврна и на изјавата на Фридрих Мерц, кој неодамна порача дека Европа мора повторно да „зборува на јазикот на моќта“, особено во услови на зголемени безбедносни ризици.

Претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, во своето обраќање нагласи дека европската интеграција е стратешка неопходност за земјата, но мора да се базира на реални реформи, функционални институции и владеење на правото.

Тој потенцираше дека процесот треба да биде кредибилен и предвидлив, со јасни критериуми и еднаков третман, бидејќи во спротивно ризикува да ја изгуби довербата кај младите.

На настанот учествуваат повеќе од 70 млади лидери од Европа, кои дискутираат за улогата на технологијата, стабилноста и младинските политики во иднината на Западен Балкан.