Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата внимателно ја следи состојбата со цените на нафтата и најави дополнителни мерки доколку продолжи растот по истекот на тековната интервенција.
Тој посочи дека во моментов е на сила двонеделна мерка за намалување на ДДВ-то од 18 на 10 проценти, со што директно се влијае врз цените на горивата.
– Ќе ја следиме и понатаму состојбата и врз основа на тоа во периодот што следи ќе интервенираме. Доколку продолжи растот, следна мерка ќе биде намалување на акцизите и маржата, односно цената на складирање и транспортните трошоци – изјави Мицкоски.
Изјавата ја даде по отворањето на новата трафостаница „ТС Централна“ во Скопје, нагласувајќи дека ваква директна интервенција преку буџетот, како намалување на ДДВ, ретко се применува во Европа.
Во однос на растот на платите, повикувајќи се на податоците од Државен завод за статистика, премиерот оцени дека позитивниот тренд е охрабрувачки, но не и доволен.
– Секогаш радува кога има раст на платите, вклучително и во јануари. Дали е тоа доволно? Не, секогаш треба повеќе. Ќе се трудиме да има што помали трошоци за живот, односно инфлација, а што повисоки примања кај вработените – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека тоа останува клучен приоритет на Владата и во наредниот период.
Прашан за евентуален раст на цените на храната, премиерот информираше дека на терен се ангажирани 30 тима од Државен пазарен инспекторат, кои ја следат состојбата.
– Се анализираат сите трошоци и врз основа на тоа носиме стратегии и политики. Таму каде што ќе утврдиме непазарно однесување, ќе делуваме како Влада – истакна Мицкоски.
Тој додаде дека институциите ќе продолжат со засилен надзор со цел да се спречат евентуални злоупотреби и неоправдан раст на цените.
































