Предлог Законот за Советот на јавните обвинители кој денеска се разгледува во прво читање претставува еден од клучните столбови во реформата на правосудниот систем и зајакнувањето на владеењето на правото, истакна министерот за правда Игор Филков пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.
Министерот Филков информира дека законот добил позитивно мислење и од Венецијанската комисија со неколку препораки кои се вградени во предлог Законот за Советот на јавните обвинители.
– Овој Закон е дел од поширок реформски пакет и има за цел да одговори на утврдените слабости во функционирањето на Јавното обвинителство и неговите управувачки структури, како и да обезбеди усогласување со европските стандарди и препораки. Предлог Законот за Советот на јавните обвинители заедно со предлог Законот за јавното обвинителство беа доставени на мислење до Венецијанската Комисија и притоа Венецијанската Комисија усвои позитивно мислење со неколку препораки. Сите препораки се инкорпорирани во предлог законот. Иако не постои единствен модел за Совет на јавните обвинители во Европа. Сепак нашата цел беше да создадеме модел кој ќе биде во согласност со највисоките европски стандарди и ќе одговара на нашите институционални потреби – рече министерот Филков.
Министерот за правда во своето обраќање пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците посочи дека донесувањето на овој предлог закон ќе значи исполнување на чекор од реформската агенда во областа од владеење на правото, пренесе МИА.
– Со овој Закон се воведуваат суштински реформи во повеќе сегменти, се реформира постапката за избор на членови на Советот на јавните обвинители, се воведуваат јасни и транспарентни критериуми, се гарантира нивна стручност, искуство и интегритет по пример на критериумите предвидени во новиот закон за Судски совет, а со тоа се гарантира избор на најквалитетни кадри. Се воведуваат обврски за целосно и аргументирано образложение на одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите, се воведува доследна примена на системот на заслуги, се зајакнува транспарентноста на Советот преку обврска за објавување на одлуки и извештаи, јавно одржување на седници, и директни преноси и информирање на јавноста. Овој Закон има повеќекратно значење. Придонесува кон зајакнување на довербата на граѓаните во правосудниот систем, создава јасни правила и процедури кои ја намалуваат можноста за арбитрарност и влијание. Претставува важен чекор во процесот на европска интеграција на државата преку усогласување со европските стандарди и практики, ја зајакнува институционалната стабилност и професионалноста на Јавното обвинителство – нагласи Филков.
Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците го прифати предлог Законот за Советот на јавните обвинители и го проследи за понатамошно читање во Собранието. На денешната седница, а во функција на предложениот Закон за јавните обвинители, надлежната собраниска комисија донесе одлука да се одржи јавна расправа која според заклучокот на комисијата ќе се одржи во првата половина од идниот месец.
































