Министерката и јазикот

Два спротивставени настана ја протресоа темата за употребата на јазиците во Република (сега Северна) Македонија. Имајќи ја предвид сензибилизираната јавност за оваа тема, одгласите се многубројни, политички, правни, емоционално и национално обоени. Тие сами по себе внесуваат низа дилеми и создаваат меѓунационална недоверба. Еден од тие настани е изјавата на поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, за Законот за јазиците, а другиот е содржан во краткото новинарско прашање дали министерката за образование Весна Јаневска кога оди во Тетово носи покрај себе и преведувач.
Пендаровски во емисијата со наслов „Дебатен агол“ на една косовска телевизија, објавена на 13 март годинава, изнесе став поврзан со практичната примена на Законот за јазиците алудирајќи дека не е потребно негово преиспитување во Уставниот суд каде што се води правна постапка. Судот експресно реагираше демантирајќи го Пендаровски и укажувајќи дека изјавите не се точни и не кореспондираат со фактичката состојба.

Поуки до Стево Пендаровски

Имено, поранешниот претседател изјави дека некој „подносител кој е непознат за јавноста“ поднел иницијатива за негово преиспитување до судот, а од судот потврдуваат дека станува збор за изнесена невистина. Судот му упати речиси директна поука на Пендаровски, нагласувајќи го ставот дека особено е значајно јавни личности или лица што вршеле високи државни функции и може да придонесат за креирање на јавната перцепција да се воздржат од изнесување неточни или непроверени информации, без разлика дали се наменети за домашната или за меѓународната јавност.
Има регистрирано 13 иницијативи поднесени од 45 подносители, меѓу кои има и политички партии, професори, адвокати, здруженија и граѓани, вклучувајќи ја им партијата ВМРО–ДПМНЕ од времето кога беше опозиција. Во претставките се оспоруваат многу членови, вклучувајќи го и законот како целина. Предмет по него е оформен во 2019 година, до денес не е донесена никаква одлука.
По него реагираше и ДУИ, наведувајќи дека обидите за доведување во прашање на уставноста на овој закон не се ништо друго, освен напад врз самите темели на соживотот и евроатлантската ориентација на земјата, оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок и детонатор за политичка и институционална криза со несогледливи последици. Членови на ДУИ неколку дена чуваа „уставна стража“ пред зградата на судот.
Кога беше во опозиција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го нарече овој закон правна дивоградба и дека тој е таков затоа што Зоран Заев манипулирал со чувствата на граѓаните и сакал гласови со измама, и тоа од Албанците. Во август 2024 г., како премиер изјави дека луѓето од ДУИ што изминативе дваесетина години заробија низа од институциите и од голтари станале милионери ќе се обидат да манипулираат со дел од нашите сограѓани со етнички теми, па некои од нив се дрзнаа дури и со верски теми да манипулираат и ова им е одлична тема на тој начин да прават интриги. Тој апелираше до јавноста да не се врши притисок врз судските инстанци, да не се врши притисок врз Уставниот суд и да се почека судот да се произнесе.

Провокации од ист бункер

Инцидентот на неименуваниот новинар со министерката за образование Весна Јаневска не е од правна, туку од политичка природа, но произлегува од истиот познат бункер за напади врз македонскиот јазик. Новинарското прашање – дали министерката носи со себе преведувач – не е само непочитување на категоријата што се именува професионален бонтон. Таа постапка не е поплака за статусот на албанскиот јазик во државата туку смислена провокација за употребата на македонскиот јазик во средините каде што јазичните прашања се решаваат нумерички, т.е. со бројката 20 отсто од говорното население на посебната етничка заедница.
Министерката Јаневска, говорејќи на македонски јазик, постапи во согласност со законот, според кој, употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Република Северна Македонија. Таа, во случајов, е државен службеник должен да го употребува тој јазик. За разлика од новинарот и за разлика, на пример, од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој и по 22 години нема проговорено на службениот јазик на државата. Низ примерот на Ахмети и низ постапките на други политичари од албанскиот блок не се крие тенденцијата македонскиот јазик постепено да се изгонува од општините каде што нивниот број е поголем од 20 отсто. Во Тетово и Гостивар, на пример.

Фото: „Нова Македонија“

Проблемот не е нов – само се подгрева

Проблемот со употребата на јазиците во Република Македонија иако не е непознат и нов, иако е регулиран и со Уставот, со негови амандмани и со посебни закони, менувани неколкупати, сѐ уште се движи во рамките со одредени дилеми, неусогласености и незадоволства. Екстремистите од албанскиот политички блок често забораваат дека Република Македонија (сега Северна) е унитарна држава и дека употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Република Северна Македонија.
Намерно се запоставува уставното решение дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, исто така, е службен јазик, но не треба да се биде уставен експерт за да се каже дека приматот во службените односи го држи македонскиот јазик, не јазикот на другите заедници, во случајов на албанската што има 20 отсто. Јазичната рамноправност, на која некои претендираат, би била можна во практика само доколку Македонија биде уставно конституирана не како унитарна држава туку како федерација или конфедерација. Таквото мислење го истакнуваат и многумина албански интелектуалци, меѓу кои е и поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој, всушност ги поддржува сите достигнувања што се направени за широката употреба на албанскиот јазик во земјава.
Република Македонија може да се претстави пред светот како ретко успешна држава што ги обезбедила јазичните права на сите етнички заедници. Посебен пробив е направен од независноста наваму, особено по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Донесени се многу закони во таа насока, образование на албански јазик од основно училиште до неколку универзитети. На албански јазик се говори во Собранието и на неговите комисии, на албански јазик и писмо се преведуваат сите акти и документи, двојазичен е „Службен весник“, двојазично се напишани називите на сите институции, функционираат медиуми, културни институции. Конечно, најмногу измени и најмногубројно изгласани амандмани во Уставот се направени во корист на зголемување на просторот и местата каде што албанскиот јазик има свое лежиште. Списокот на примена на албанскиот јазик во македонското општество може да се тегне во недоглед, но и тоа не би било доволно за задоволување на апетитите на екстремните албански националисти.

Македонскиот јазик загрозен во Македонија

Кога се говори за јазиците во Македонија не се споменуваат во дискусии правата на другите заедници наведени во Уставот, иако сите ги имаат истите права на користење, изразување, школување, говорење и пишување на својот мајчин јазик.
Парадоксот е што ниту еден јазик во Македонија не е загрозен во својата употреба, освен македонскиот. Албанскиот не е загрозен, напротив, тој се развива и шири низ демократски процеси, низ меѓусебно разбирање и поддржан е од мнозинството македонски граѓани преку нивните народни претставници во државните органи. Загрозена е употребата на македонскиот јазик во рурални делови од Западна Македонија каде што речиси е отпишан. Формално и законски постои, но го нема во пракса. Освен внатрешно, македонскиот јазик е загрозен и надворешно, него и денес не го признава официјалната бугарска политика, а грчките власти направија погром врз сите оние граѓани на кои македонскиот јазик им беше мајчин јазик. И во Бугарија и во Грција се оставени јазички догорчиња, кои, сепак, сведочат за неговата жилавост и за неговото постоење.
Повторното, којзнае по кој пат, фокусирање на темата за употреба на јазиците во Македонија, главно на албанскиот јазик, е уште едно сведоштво дека македонските политички фактори од сите партии не ги отстраниле уставните, правните, образовните и другите дилеми што се појавуваат во практиката. Тој факт остава простор за појава на лингвистички инциденти со изразита политичка и националистичка боја, внесува извесен немир меѓу граѓаните и влијае врз можноста за ширење меѓунационална нетрпеливост, дури и омраза. Таквата состојба бара искреност, отворен дијалог, правна јасност и сигурност, без бласфемија, без лицемерство и без меѓусебни калкулации во корист на останување власт на едните или на другите.


Кој му го одзема компасот на новинарството?

Кога седмата сила станува алатка за деструкција

Во време кога информацијата е најмоќната валута, новинарството сè почесто ја губи својата суштинска улога, а тоа е да биде чувар на вистината и коректив на општествените текови. Наместо тоа, сведоци сме на загрижувачка ерозија на професионалните стандарди, каде што дел од медиумските претставници ја злоупотребуваат својата позиција за лични, партиски или за идеолошки цели. Последниот пример од Тетово не е изолиран инцидент, туку симптом на подлабока деструктивна појава. Недоличниот, навредувачки и провокаторски однос на новинар кон носител на јавна функција не само што го нарушува достоинството на дијалогот туку директно удира врз кредибилитетот на целата професија. Обраќањето без почит, со намера за провокација, не е прашање на „остра новинарска реторика“, туку на елементарна неписменост во однос на етичките норми. Но проблемот оди многу подалеку од поединечни случаи. Денес, дигиталниот простор е преплавен со квазиновинарство, од содржини што НЕ информираат, туку манипулираат, кои НЕ истражуваат, туку клеветат, НЕ поставуваат прашања, туку наметнуваат агенди. Во таква средина, границата меѓу новинар и пропагандист станува опасно тенка, дури порозна. Вистинското новинарство не смее да биде инструмент за пресметки, ниту алатка во рацете на центри на моќ. Тоа мора да остане во служба на јавноста. Универзалните принципи на професијата: вистинитост, независност, одговорност, непристрасност и почитување на човечкото достоинство, не се апстрактни идеали, туку основни правила без кои новинарството не може да опстане. Етичките кодекси, без разлика дали се формулирани од меѓународни организации или од исклучително активниот „Совет за етика на Македонија“, не се формалност што стои на хартија. Тие се моралниот договор меѓу новинарот и општеството. Кога тие принципи се прекршуваат, не се нарушува само професионалниот интегритет, се разнишува довербата на јавноста, која е темелот врз кој почива целата медиумска сфера. Во таа насока, улогата на саморегулаторните тела е од исклучително значење. Следењето, укажувањето и едукацијата не се казна, туку обид за спас на професијата од сопственото пропаѓање. Но ниту една институција не може да ја замени личната одговорност на новинарот. Професионалноста не се наметнува, таа се избира. Ако дозволиме новинарството да продолжи по оваа надолна линија, последиците нема да се ограничат само на медиумскиот простор. Ќе се наруши културата на јавна комуникација, ќе се искривоколчат вредностите и ќе се продлабочи недовербата во институциите и во самото општество. Затоа, потребно е јасно и гласно да се постави границата. Новинарството не е професија што подготвува воини за борба за лична корист, ниту платформа за етнички или политички провокации. Тоа е јавна служба со висока одговорност. Враќањето кон етичките стандарди не е избор, тоа е нужност. Без новинарските стандарди и Кодексот за етика, седмата сила нема да биде сила на демократијата, туку нејзин најголем противник. Н.М.