Фото: Собрание

Во Собранието денеска се одржа работна средба на Комисијата за локална самоуправа, на која беше презентирана анализа за правната рамка за превенција и спречување на корупцијата, со посебен фокус на општините.

Средбата, со која раководеше претседателот на Комисијата Драган Ковачки, беше организирана на барање на Националниот демократски институт (НДИ), во рамки на проектот „Заедници со интегритет“.

Анализата, изработена од професорите Мишо Докмановиќ, Мемет Мемети и Дарко Спасевски, опфаќа над 30 закони и ја оценува ефикасноста на антикорупциската рамка на национално и локално ниво.

Истражувањето покажува дека голем дел од општините немаат усогласени документи со националните антикорупциски стандарди. Во многу статути недостасуваат одредби за јавна отчетност, пристап до информации, судир на интереси и етички правила, што ја намалува транспарентноста и го зголемува ризикот од злоупотреби.

Дополнително, мал број општини имаат кодекси на етика, а често недостига и обврска за јавно објавување на одлуките и записниците од седниците на советите и комисиите.

Во анализата се препорачува ревидирање и усогласување на општинските статути со законската рамка, воведување политики за интегритет и обезбедување јавна достапност на сите одлуки и акти. Исто така, се предлага воспоставување регистри за подароци и активности на избрани и именувани лица.

Ковачки информираше дека со поддршка од НДИ е формирана и меѓупартиска парламентарна група за борба против корупцијата, што, како што рече, покажува зголемен интерес на пратениците за системско справување со овој проблем.

Во дискусијата учествуваше и пратеникот Емил Спасовски, кој оцени дека анализата ќе придонесе за подобрување на законодавството и ќе биде основа за идни измени и дополнувања.

Проектот „Заедници со интегритет“ е финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, со цел зајакнување на интегритетот и намалување на ризиците од корупција на локално ниво.