Фото: МНР

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Брисел оствари средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос, на која се разговараше за текот на пристапниот процес и реформската агенда на државата.

На средбата биле разгледани и активностите поврзани со имплементацијата на Планот за раст, при што Муцунски ја нагласил целосната ангажираност на Владата за напредок во евроинтеграциите и исполнување на обврските кон Европската унија.

– Владата останува целосно мобилизирана за реализација на реформите и за испорачување конкретни резултати што ќе го подобрат животот на граѓаните – истакнал Муцунски.

Како позитивни чекори биле издвоени напредокот во пристапувањето кон Единствената европска платежна област (СЕПА), како и активностите за усогласување со роаминг правилата на ЕУ.

Во разговорот биле отворени и други актуелни теми поврзани со секторската соработка, со акцент на економската интеграција и регионалната поврзаност.

Претходно, министерот одржал брифинг со претставници на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на Европската Унија (КОЕЛА), каде ја реафирмирал посветеноста на Владата кон европскиот пат и ја нагласил потребата од јасен и на заслуги заснован пристапен процес.