ЗАБРЗАН ШАХ – „ТРОФЕЈ НИШ 2026“
- На турнирот настапија 351 шахист од 12 држави, од кои шест велемајстори
Македонскиот шаховски интернационален мајстор (ИМ), член на ШК Алкалоид и репрезентативец Тони Лазов го освои 15. место на силниот меѓународен турнир во Србија „Трофеј Ниш 2026“ во забрзан шах. По девет кола, Лазов (2.419 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот) го подели 5-20 место со седум поени, но по дополнителниот критериум е 15-ти (шест победи, еден пораз и две ремија).
Првото место го освои повеќекратниот шампион на Србија, велемајсторот (ВМ) Иван Иванишевиќ (2.525, рангиран трети) со осум поени, колку што имаше и второпласираниот ИМ од Србија Вук Ѓорѓевиќ (2.369, рангиран 15.) но со послаб дополнителен критериум од победникот.
Од другите македонски шахисти, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Андреј Велјаноски (2.277) со шест поени е 39-ти, ветеранот Илија Стошевски (2.039, рангиран 103.), е 74-ти со 5,5 поени, Агим Шемсију (1.975, рангиран 129.) е 83-ти, исто така, со 5,5 поени итн.
Најдобра кадетка на турнирот (до 16 години) е талентираната македонска шахистка, членка на ШК Алкалоид, Илијана Велева (1.756, рангирана 224-та пред почетокот на турнирот), која со четири бода го освои 220. место, забележувајќи четири победи и пет порази.
На турнирот настапија импонзантни 351 учесник (шест ВМ, два ЖВМ, 17 ИМ, три ЖИМ и 30 ФМ) од Србија (296 играчи), Македонија (27), Бугарија (14), Црна Гора (четири), Романија (три), Ерменија, Белгија, БиХ, Франција, Русија, Шведска и ФИДЕ (сите по еден). Г.И.

































