ХОЛИВУДСКА ЃУРУЛТИЈА (врева)

Гостивар имаше една малечка, топла киносала. Но таа беше нашиот прозорец кон светот. Претставите беа пополнети до последното место. Надвор имаше и тапкари, кои професионално си ја вршеа својата андерграунд-задача без разлика дали врне или вее. Во таа скромна киносала премиерно беа прикажани голем број филмски дела. Меѓу нив и повеќето наградени со Оскар. Ова е можеби и вистинското место и тајминг да се потсетиме на гламурот на Холивуд, на МГМ со лавот, на „Ворнер Брос“, на „Колумбија“ и студијата „Парамаунт“, на „Твенти сенчери фокс“ и „Универзал“, како и големиот број мали студија, кои подоцна се осамостоија на филмскиот пазар.
„Вингс“, во превод „Крила“, е првиот добитник на златната статуетка на Холивуд. Ова полетување се случи во градот на ангелите во 1927 година од минатиот век. Во 1928/1929 година имало пауза, за потоа во 1930 година Мелодиите на Бродвеј да ја почнат богатата филмска приказна што трае до денес. Величествен панаѓур беше и остана, а на панаѓурот имаше од сѐ по нешто, па дури и ништо, односно безвредно. Во таа холивудска ѓурултија, која со децении нѐ прави да бидеме насмеани, тажни, среќни и исполнети, по малку зачудени и вџашени, сите како да пронајдовме лек и урнек за сопствените животи. Некои стории нѐ направија да се чувствуваме возвишено небаре сме дел од таа спектакуларна сцена, некои ја определија насоката на нашите животи. Светот ја проголта таа приказна со воодушевување и почна да ги следи насоките за начинот на однесување, на мислење, имитирање, мода. Холивуд, со сите свои подеми, падови и надежи, стана бренд прифатен од сите. На филмските платна во црно-бела техника, волшебен техниколор, синемаскоп, истманколор, метроколор и 70 мм ТОДАО систем-технологија, успешно или помалку успешно ни беа нудени приказни, бајки, воени стории, СФ-филмови, хорори и она што можеби е и врвот на комерцијалната инспирација, вестерни и авантуристички акции, од кои имавме силен немир или по ново адреналин во дрвените или тапацираните столови во киносалите.
Ред е да се набројат некои филмски приказни наградени со Оскар што продефилираа низ киносалите и театрите во светот. „Бродот Баунти“ со Клерк Гејбл и Чарлс Лејтон од 1935 г., спектакуларниот „Одвеани од виорот“ со истиот актер и славната Вивиен Ли, кој промени неколку режисери за конечно Виктор Флеминг да го заврши грандиозниот проект. Потоа, „Ребека“ на Алфред Хичкок (никогаш награден како режисер), извонредниот филм на Џон Форд „Колку е зелена мојата долина“ со Мојрин О’Хара и Волтер Пижон, легендарниот „Казабланка“ на Мајкл Кертиз со Хемфри Богарт и Ингрид Бергман, мјузиклот „Американецот во Париз“ на Минели со Џин Кели, „Одовде до вечноста“ на Цинеман со Ланкастер и Дебора Кер, филмот за борбата на американските тредјуниони (синдикати) „Крајбрежје“ со Марлон Брандо и Карл Малден, па до филмовите на еден од најнаградуваните британски автори Дејвид Лин, меѓу кои „Мостот на реката Квај“, „Лоренс од Арабија“, „Рајановата ќерка“ и „Доктор Живаго“. За да се изнаредат сите, потребен е простор, а за коментари и критики и да не зборуваме. Како и да е, пред некој ден заврши и најновото доделување на златните статуетки. Се разбира, како што е вообичаено, некои од нас беа задоволни од поделбата на наградите на Американската филмска академија, некои скептично се заградија од праведливоста. Но како и да е, добро е да постојат различни мислења и оценки за вредностите на делата.

Со многу пикантерии на кои не беше имун ниту еден од фестивалите во минатото, со срамежливи политички ставови на кои местото не им е на сцената на гламурот, со модни новитети како тренд на моментот, потребно е да се истакне настапот на славната Барбара Стрејсенд, со мелодијата „Можевме ли“ од саундтракот на филмот „Девојката што ја љубев“, во кој играше заедно со Роберт Редфорд. Инсценирано или вистински, славната Џејн Фонда добро ја прекори за случка од минатото, велејќи ѝ дека токму таа требало да игра со Редфорд во истиот филм. Како и да е, да не ги заборавиме ниту имињата на големите наслови „Бен Хур“, „Застрелајте ја птицата што се потсмева“, „Приказната од западната страна“, „Кум“ на Френсис Копола и одбивањето на Марлон Брандо да ја прими наградата сметајќи дека во демократска Америка целосно се запоставени правата на домородните Индијанци. Шон Пен не отиде во Лос Анџелес да ја прими наградата за најдобра споредна улога. Зошто и би го направил тоа, кога сега е во главна улога во Украина. Тој е проект како и во минатото Мерилин Монро или Ричард Гир, на пример. Но, ете, никој од нив не помисли да оди на Блискиот Исток. Но да се свртиме на листата на наградени филмови, на која мора да се најде место и за „Ганди“, „Амадеус“, „Надвор од Африка“, „Во врелината на ноќта“ и секако „Девојката од милион долари“ и вестернот „Непростено“ на мајсторот Клинт Иствуд. Можеби не сум во право, но чинам дека добитникот „Една војна по друга“, со кој Андерсон им остава аманет на своите деца за светот каков што не треба да биде и да го живеат, не морал да бега во некој замислен свет, бидејќи тоа е нашата реалност. Апокалипсата е веќе на прагот, а за неа доволно зборуваат многуте воени судири, кои и најдобриот режисер тешко дека ќе може да ги стави под контролна палка. Се разбира, доколку продуцентите продолжат да се движат и да нѐ движат по сечилото на ножето за бричење. Во секој случај, уметноста се натопи со смрт. За жал, замисленото од сценаристите на холивудските студија, агресивно се пресели на улиците односно во секојдневието. Не знам сега, но до пред некоја година постоеше филмски фестивал на хоророт во Аворијаз, Швајцарија. Можеби филмската академија со своите над 3.000 члена би требало да размисли за жанровските определби. Тие не треба да мешаат баби и жаби. „Грешниците“ е секако филм за фестивалот во Аворијаз. Но којзнае, можеби грешам и можеби треба да престанам да живеам во некоја апстрактна димензија сметајќи си се за пуританец. Ноќта на Оскарите ја нареков „ѓурултија“ бидејќи како да ги запоставува вистинските вредности. Затоа, ајде да се присетиме на текстот од песната што славната Барбара Стрејсенд ја испеа во филмот „Девојката што ја љубев“.

„Сеќавањата ги осветлуваат мрачните агли од мојот ум. Начинот на кој бевме нешто и некои, расфрланите сликички на сеќавањата, насмевките што си ги подарувавме едни на други, топлината во погледот, искреноста, карактерите како мостови на поврзување. Дали од денешна гледна точка е верно дека навистина сме биле такви? Дали времето бележи сѐ? И кога би имале вистинска шанса истото тоа да го повториме и во ова наше турбулентно секојдневие, дали би го направиле?“
Не верувам, почитувана Барбара Стрејсенд, бидејќи јавето е сурово кон сето она што некогаш било наша и ваша вредност. Со малку повеќе слобода при обработка на текстот на мелодијата „Можевме ли“, би сакал сите да го ставиме прстот на челото и несебично да се обидеме да го разбереме дури и оној што знае да нѐ подналути со своите различни толкувања на вистината. Холивуд беше моќен со пораките што ги праќаше. Не сакам да поверувам дека неговата уметничка енергија сѐповеќе гасне и обезличува, приспособувајќи се на времето и комерцијализацијата.
До следните Оскари, да живееме во надеж дека многу нешта ќе се сменат во позитивна насока… Можеме ли да го направиме тоа?