Пролетта во земјава и на северната хемисфера започнува денеска во 15.46 часот, додека на јужната полутопка истовремено настапи есента.
Денешниот ден е 79-ти во годината и трае 12 часа и 8 минути. Сонцето изгреа во 5.37, а ќе зајде во 17.46 часот. Новото годишно време ќе трае 92 дена, односно до 21 јуни, кога календарски започнува летото.
Според најавите на синоптичарите, времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималните температури ќе се движат од -2 до 3 степени, а максималните од 8 до 16 степени.
Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време со повремени сончеви интервали и умерен до засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од 2 до 15 степени.
































