Фото: ЕПА

Правдата тропа на вратата на Европа: Ќе го пробиеме ли обрачот со кој сме окружени на нашиот пат кон ЕУ?

  • Известувачот Томас Вајц поднесе свој амандман до стручна служба во Брисел, во кој се бара „правната служба на Европскиот совет (ЕС) да ги разјасни сите двосмислености околу вториот протокол…!“ Вајц со својот амандман посочува на, од своја страна, детектирани индикатори дека навистина во т.н. втор протокол „…постои правна нејаснотија…“ и дека „постои ризик од злоупотреба“ (во бугарските барања). И што е најважно од сѐ, во поднесениот амандман до правната служба на Европскиот совет (ЕС), тој посочува дека „постои потреба од објективна интерпретација“!
  • Во време кога европската интеграција на Македонија повторно се наоѓа во турбулентна зона, најновите случувања во Европскиот парламент со амандманот на Вајц откриваат повеќе од обичен институционален процес. Тие ја откриваат суштинската битка меѓу политичките (политикантските игри) притисоци, од една страна, и правната вистина, од друга страна. А факт е дека за да излезе правната вистина како победник над опскурните бугарско-европски кујни, нашата дипломатија со сите расположливи инструменти и на сите нивоа направи офанзива, која се гледа дека дава плод
  • И уште еден момент е битен… Бугарските европратеници поднеле речиси 100 амандмани на извештајот на Томас Вајц. Тоа не е само статистика туку е добро позната стратегија, која има цел уште повеќе да го прошири списокот на услови, условувања и ултиматуми за Македонија. Ова практично значи обид за дополнително обременување на преговарачката рамка, нешто што не е формално договорено, но се турка низ „амандманска дипломатија“ во Стразбур, во Советот на Европа, со стравотни бугарски лобирања во Брисел. Но токму во таа нивна агресивна офанзива се појавува нешто неочекувано. Пукнатина во бугарскиот наратив, која Вајц барем ја препозна и ја детектира. Да работиме и да се надеваме дека и други чесни и вистинољубиви луѓе, а пред сѐ легалисти со висок морал и етика, ќе ги препознаат прекршувањата на меѓународното право наметнати врз Македонија.

Во амандманот на известувачот Томас Вајц се бара „…правната служба на Европскиот совет да ги разјасни сите двосмислености околу вториот протокол…“. Тоа е нешто повеќе од „техничко барање“. Дали проработи совеста кај него со некакво ретерирање поради прифаќањето на забелешките на бугарските европратеници, кои додадоа шовинистички зачини (допуштени од Вајц), во претходниот Извештај за Македонија?!
– Вајц како да се престрои со своите предлози, со своето флагрантно признавање, преку поднесениот амандман дека „постои правна нејаснотија“, дека „постои ризик од злоупотреба“ (во бугарските барања) и, најважно, дека „постои потреба од објективна интерпретација“!
Ретерирањето на Вајц може да се чита како „будење на европската институционална совест, нешто што долго време недостигаше во процесот“ – велат нашите соговорници, аналитичари на евроинтегративниот процес на Македонија, додавајќи дека за тоа „будење на европската и светската совест“ значајно придонесува и македонската формална и неформална дипломатија, засилена преку повеќе форми, облици, разговори и аргументи во европските и светски центри, држави и меѓународни институции.

ВТОРИОТ ПРОТОКОЛ – ЈАДРОТО НА СПОРОТ

Во центарот на целата дебата е – вториот протокол кон Договорот за добрососедство со Р Бугарија.
Нашите соговорници, правни експерти од Македонија, кои се во директна комуникација со експертските служби во ЕУ, коментирајќи за потегот на Вајц сметаат дека прашањето што тој си го поставил е едноставно, кусо, јасно и суштинско: Дали овој протокол е правно обврзувачки услов за евроинтеграцијата?
– Заклучоците од 2022 година не го наведуваат експлицитно како формален услов. Сепак, неговата интерпретација постепено се трансформира во политичка алатка за блокада. Токму затоа интервенцијата на правната служба на Европскиот совет (ЕС) може да биде пресудна. Доколку се утврди дека протоколот не е дел од формалната преговарачка рамка или дека излегува надвор од европските стандарди, тогаш ќе се отвори простор за негово правно делегитимирање – велат наши правни експерти од Македонија, кои се во директна комуникација со експертските служби во ЕУ.

ЕВРОПА ПРЕД ОГЛЕДАЛО

Ова прашање не е само македонска болка. Тоа е тест за кредибилитетот на Европската Унија. Дали ЕУ ќе дозволи билатерални спорови да станат системски услови или идентитетски прашања да бидат инструментализирани или правото да биде заменето со политички жонглирања, манипулации или, пак, со притисоци… Или, пак, ЕУ ќе се врати кон сопствените принципи – Копенхашките критериуми, владеењето на правото и почитувањето на идентитетот?
– И покрај сите предизвици, а и неверба во ЕУ, во оваа ситуација постои јасна причина за умерен оптимизам. Зошто? Затоа што барањето за правно толкување веќе е на маса… Затоа што поддршката за екстремните амандмани е ограничена… Затоа што европските институции почнуваат да ја препознаваат неправдата, а најважно, затоа што вистината, колку и да е оттурнувана, има својство да исплива – вели еден наш познат адвокат, чест посетител на Стразбур.
Тој притоа додава дека, доколку правната служба на Европскиот совет постапи објективно и во духот на европското право, тогаш исходот може да биде историски!
– Очекувам јасно разграничување на правните и политичките обврски, очекувам заштита на македонскиот јазик и идентитет од релативизација и деблокада на европскиот пат на Македонија. Во таков развој, вториот протокол би ја изгубил својата тежина како инструмент за условување – вели нашиот соговорник, адвокат од Скопје.

Македонија НЕ води битка да влезе во ЕУ, туку води битка за принципи

Ова не е само битка за напредок во преговорите. Ова е битка за принципи. Ако Европа сака да остане заедница на вредности, тогаш мора да покаже дека правото е над политиката. Идентитетот не е, ниту може да биде предмет на преговори.
Правдата не е прашање на компромис, па и да се нарече тој „разумен компромис“.
Македонија можеби е мала држава, но прашањето што го отвора е големо. И токму затоа, исходот од оваа фаза може да биде моментот кога Европа ќе покаже дали навистина стои зад сопствените идеали. Или ќе дозволи тие да останат само на хартија, вели адвокатот, додавајќи во спортски жаргон дека ние нема и не треба да застанеме овде, бидејќи сега имаме НЕ еден туку и повеќе „пенали“ за шутирање.
– Добиените случаи пред Европски суд за човекови права и новоподнесениот амандман на Вајц, кој патем споменато не е само негов во врска со можните амандмански злоупотреби во бугарските барања и потребата од нивна објективна правна интерпретација. И третиот и најнов случај, во врска со десетгодишната забрана за влез во Бугарија на правниот застапник на Македонците во Бугарија. Европските и светските институции останаа стаписани од „бугарското практикување на демократијата и човековите права“ – поентира нашиот соговорник. П.Р.