Неолит

„Се трудам да се сетам / на исконот / на глината на Адам / и на мигот кога бев, / пред да се родам, / првиот збор и глас, / првата пупка и пастир / на првата пролет / во неолитот јас.“ Тоа е мојата песна „Сеќавање на книгата „Missa solemnis“. И пак почнуваме со поезија, драг читателу, ама и темата на оваа колумна, неолитот, е тоа, првата пролет на човештвото, нешто слично и со колумната „Негрево“ со развиена слика на моето длабоко детство. А секое детство е слично на сликата на неолитот, детството на светот, првото расцутено гранче по долгите 50 милиони години праисториска зима со која како космичка закана бил опколен праисторискиот човек. Тоа е ледената епоха во која тој сепак успеал во суровата егзистенција да го открие во себе и својот естетски нагон, за што говори сликарството во Алтамира. А во тој леден период, некаде пред 30 илјади години кога ја ставил отпечатена својата дланка на каменот, човекот го обзнанил и своето прво големо откритие – огнот. Го открил тој лично, не му го донел Прометеј, крадејќи го од боговите како што говори митот. Него го разобличува Гастон Башалар во неговата книга „Психоанализа на огнот“. Имено, тој во неа ја изнесува убедливо хипотезата дека тој скапоцен елемент, човекот го открил со чинот на љубовта во еротска екстаза меѓу маж и жена со триење на нивните тела што создаваат топлина. Така, по аналогија на тоа тој се досетил да го направи тоа и со триење суви гранки, а потоа и со триење белутраци. И експериментот бил успешен, на негова гола радост пламнал огнот и ја стоплил и осветлил неговата душа и долгата палеолитска ноќ. Во моето детство ги гледав старците како ја обновуваат несвесно праисториската слика на огнот со нивниот ритуал на произведување оганче за цигарата со железно секало, белутрак и сув трат. Фасцинантно како човекот е во дослух со некои прастари митски слики на неговата егзистенција. Така е и со првата таква откровенска слика на огнот што ги сугерира светлината и љубовта како симболичка префигурација на Христос, далеку потоа како духовна и онтолошка светлина на човекот и светот.
Така. Но сега кој беше иницијалниот мотив за оваа колумна, драг читателу? Парадоксално тој има технолошка основа во една симболична слика од тој аспект. Тоа беше слика на една група девојчиња пред влезот на мојата зграда, кои по везден зјапаа на нивните паметни телефони, кои се разбира не се глупави ама сепак заглупуваат без да го сетиш тоа. Зјапаат и не разговараат девојчињата меѓу себе, по цел ден така, без да забележат дека раскошното дрво под кое седеа е полно со смарагдни лисја и птици. Да. И таа слика на девојчињата пред мојот влез ми се стори, драг читателу, архетипална за новата ситуација на модерниот homo sapiens заглавен до гуша во глибот на технологијата. Човекот на екстратехнолошката цивилизација, кој многу одамна на самиот крај на неолитот, негде десет-дванаесет илјади години пр. н. ера се ослободил од ледената епоха, ама сега во модерното време заглавил симболички кажано во една друга технолошка зима. Нејзиниот радиус сега којзнае до каков технолошки бескрај, како еден вид, според него, го растегнува како онтолошка јанѕа вештачката интелигенција.
Но сега конечно да му се вратиме на неолитот, убавата сончева слика на детство на човештвото од осум до дванаесет илјади години, рековме, пр. н. е., епохата што ја фрла зад себе ледената праисториска слика и ја заорува првата бразда на она што се дефинира со поимот цивилизација. Тоа е првата пролет во која излегува праисторискиот човек од пештерата по долгата педесетмилионска зима и влегува во смарагднозелениот пејзаж силно осветлен од сонцето. Излегува подрака со својата жена на првата сончева прошетка, како некогаш, пред да слегнат на земјата, што шетале Адам и Ева низ градината на рајот голи, без смоквин лист. Тоа е невината слика на неолитот во која мажот по долгата палеолитска зима и камена темница ја има пред себе, како што би рекле Хименез и нашиот Јован Котески, како чешма голата убавина на жената. А тука е и сјајниот чешки поет Јарослав Сајферт, кој во една откровенска поетска екстаза вели дека почнал да верува во чуда кога за првпат видел гола жена. Тука сега зборот ми е, драг читателу, дека тоа откровенско чудо за кое говори поезијата на Сајферт најдобро како епоха го илустрира неолитот во сликата на неговата женска и женствена убавина, на неговиот веќе по студената праисториска зима раскошен и заоблен со женски облици пејзаж.

Така, човекот сега е целиот во таа слика на голата и невина женска и женствена убавина, која ја огрева не само „дивата“ машка страст туку сè околу себе, а нејзината светлина стасува и до далечните соѕвездија. Со еден збор во неолитот како раскошно расцутено дрво на средина од светот се отвора откровенски култот на Големата мајка, Anima mundi, на кој ја исфрли подоцна во оптек како една од неговите големи архетипски идеи и Небесната Афродита на Платон, а по аналогија на него кај Гете Вечно женското. Кај Соловјов и Блок, тоа, како варијација на тема, е Прекрасната дама. А сето тоа, сите тие архетипски слики на во неолитот откриениот и силно нагласен женски принцип за префигурација на Богородица, таа која и според Јунг му се приклучува на небото и Светото тројство што е машко во кусок на женскиот архетип, за да ја надополни празнината што пополнета ја оформува сликата на целината како четворство. Археологијата посебно сведочи дека Македонците како никој друг имале свет однос кон култот на Големата мајка, па оттука и не е случајно што по онтолошка интуитивна линија тие во поново време ја избрале Богородица за нивна заштитничка.
А сега нешто конкретно, драг читателу, за некои дополнителни откровенски слики и пронајдоци на човекот на неолитот по прапронајдокот огнот, кој го наследил од неговиот палеолитски брат. Од него исто така ги наследил покрај огнот и камената секира и лакот и стрелата. Особено лакот и стрелата тој уште долго ќе ги користи, не поинтензивно како неговиот палеолитски брат, кој во снежните столетија и милениуми бил исклучиво ловец. Сега тој не скита низ шумите, туку е во низините, пред отворениот и расцутен пејзаж, кој допрва треба да го осмисли, припитоми и прегрне со својата имагинација и раце. Тој сега го активира динамично својот ум да истражува и да пронаоѓа, оти сè што е прострено пред него е ракопис на шифри и крие огромни тајни, кои треба полека да се откриваат и како основа за идниот умствен раст на човештвото. Во тој правец и во таа смисла излегува на виделина и првиот голем изум, запаметен како прапочеток, праимпулс на цивилизацијата, која со него ја отвора сега далечната слика што ја сугерира технологијата. Со други зборови, дивиот инстинкт на палеолитскиот сега го заменува логосот на палеолитскиот човек како синтеза на интуитивното и рационалното. Така. Но кој е тој откровенски изум на тој неолитски човек, драг читателу? Тоа е, како што веќе насетуваш и знаеш, грнчарското колце со кое тој, да се изразиме поетски, создава тркалезна убавина бидејќи и самите негови производи создавани со естетски нагон се такви. И токму во тие предмети што ги создавал неолитскиот грнчар како посатки за домаќинство (стомни, чинии, чаши итн.) го гледаме она што Старите Грци го именувале со поимот калокогатија, синтеза на естетското и корисното, практичното. Нешто што го знаел и нашиот Рацин, кој бил грнчар и кој работел со сè уште преживеаното од неолитот до наши дни грнчарско колце за насушна егзистенција. Како само преживеала таа далечна митска слика во нашата екстратехнолошка епоха и сè уште активно живее во некои наши села е вистинско антрополошко чудо.

Грнчарското колце, а паралелно со него и тркалото се најголемите откровенски технолошки чуда на неолитот, но тука пред неолитскиот човек сега е и откровенската слика излезена пред него од под сега стопениот снег на палеолитот. Сега тоа е најголемиот предизвик за неговата имагинација и ум. Сликата на раскошната природа што тој и пред Спиноза ја открил како deus sive natura. За него таа била жива не само физичка туку и духовна слика во која тој сè населувал со духови: дрвото, реката, каменот, планината итн. Она што Леви-Брил го дефинира со синтагмата „мистична партиципација“. Нешто што му недостига на современиот и обезбожен човек на модерната технолошка цивилизација. Но мистиката на палеолитскиот човек, драг читателу, одела и во практична насока. Неговата мистична интуиција и рационален логос биле во идеална синтеза. Така, во таа смисла тој и бргу од ловец на самиот почеток на неолитот се трансформирал во земјоделец, ги открил семињата, кои ги диктирале новите драгоцени изуми плугот и ралото, уште едни драгоцени пронајдоци на примитивната технологија, која понатаму во времето се доусовршува и модернизира, која, не сме свесни, до денес ја задржала сликата на неолитскиот архетип. А паралелно со земјоделството се одвива и процесот на припитомување на дивите животни за потребите на човекот. Така и се обликувала лека полека идеалната богата слика на неолитот и неолитскиот човек како голем ќуп полн со жито и секаква друга блажина. Таа слика ја имав во свеста кога ја пишував песната „ја заврте човекот глината на колцето“ за „Missa solemnis“: „Ја заврте човекот глината на колцето / како тогаш кога науми Господ / да го создаде од неа во рајот Адам. / Ама без болка беше и без јанѕа / резултатот на новиот обреден чин, без крикот на материјата: Боли страдам! / и ѕунам во литургиска екстаза / пчелите-свештенички во жбунот син.“ // Го заврте неколку сончеви круга / околу небото човекот колцето. / Од неговата безимена празнина / што се римува со Големото Не / го зграпчи обликот свет на ќупот, / кој со устата отворена како првосват / почна свадбарски песни да пее. / Тој настан се случи во неолитот / во присуство и на Бог, кој за да го наполни ќупот празаен и песнопоен / заповеда да ’рти и класа првото жито“.
Неолитот е радосното детство на човештвото, епохата во која човекот како зачудено дете доживува откровенија, зјапа во првите нешта во светот појавен како смарагд од под чаршафот на педесетилјадната зима. Како во златна чинија пред неговите детски усни разбудената Природа-Бог и Спиноза ги истури своите штедри дарови наменети за него. Тоа се, меѓу другите, првиот испечен леб од првокласеното жито, првата чаша млеко од првото стадо, првото саќе мед од дивата пчела припитомена во улиште итн. Да. Но во неолитот се прават и некои први научни откровенија, на изглед архаично наивни, но кои многу подоцна ќе бидат темел за модерната наука. Тоа го наоѓаме посебно кај халдејските пастири покрај Тигар и Еуфрат во Сумер. Љубопитни и интуитивни, тие ја проектираат својата душа во ѕвездениот свод, и обратно, него во неа, толкувајќи го така шифрираното писмо на космосот и преведувајќи го пак во шифри, како астролошки знаци на човековиот антрополошки космос. И како што е познато, имено, таа астрологија на халдејските пастири ја отвора широко вратата на астрономијата и астрофизиката. Пастирите што, фигуративно речено, молзеле млеко од вимето на своите стада.
Да. А ти, гледам, драг читателу, веќе се прашуваш какво фајде од овој сепак архаичен есеј за нешто што се случило и што било десет/дванаесет илјади години пред нашата ера. Прашувам каков епилог ќе произлезе од него. А јас знам на што мислиш, имено дека сè тоа е непотребно и застарено во нашата денешна екстратехнолошка и крајно рационална епоха., во која нема ни најмал знак од онаа „мистична партиципација“ на архаичниот човек за која говори Леви-Брил. Притоа за да ја подвлечеш супериорноста на твојата заклучна мисла ми ја споменуваш вештачката интелигенција. Железната интелигенција, која, имено, во некои аспекти му се закануваа на пронаоѓачот дека наскоро нејзиниот алгоритам ќе ја загрози неговата когнитивна моќ и што е најстрашно ќе му ја киднапира душата, како што му го стори веќе тоа поодамна во западната цивилизација Мефистофел на Фаус, како претслика на ова што сега се случува и допрва ќе се случи.

Оти човекот е рационалниот деветнаесетти век, иако начнат од имагинацијата на романтизмот се излажа дека е наивен, чиста фантазија киборгот на Мери Шели, жената на славниот поет Перси Биш Шели, и дека неговите испреплетени кабли и гумени црева не водат кон ништо. А не беше точно, доведоа до најновото технолошко чудовиште за кое може ќе зажали човекот што го измислил, како што (можеби) зажали по Хирошима и Нагасаки што ја измисли и атомската бомба. Но ќе видиме. Човекот денес, според мене, драг читателу, е во технолошка апокалипса, која допрва како Армагедон во новиот завет ќе го постигне својот дистопичен ефект. Денес машината во ликот и делото на вештачката интелигенција веќе има сериозни претензии да ги замени (еуфемизам за обезличи) и Човекот и Бог. Новиот голем инквизитор, како што би рекол Достоевски. Да. А ти прашуваш, драг читателу, како веќе да се согласуваш со мојата дистопична хипотеза, кој е тогаш излезот од таа катастрофична гранична психолошка и онтолошка ситуација на човекот. А одговорот е истовремено и сложен и едноставен. Мислам дека едно решение тука нуди, и јас се согласувам со него, Готфрид Бен, поетот на најбезнадежните песни од мртовечницата во поезијата, кој излезот го наоѓа во таканаречената од него „регресивна трансценденција“. Имено, пак, тоа значи враќање кон среќниот прапочеток и тварта кога човекот сè уште не е зачнат, а тоа е слузта во претпотопските мочуришта. И тоа е веќе еден вид филозофски и онтолошки радикализам. Но, да признам, јас сум помалку радикален од Бен и не сметам како него ни дека најголемата несреќа за човекот е неговиот мозок, тој што ја измисли и атомската бомба, а сега и вештачката интелигенција, која не е далеку кога ќе ги смета за излишни неговото срце и неговото битие. И наместо кон претпотопските мочуришта и слузта во нив во мојата регресивна трансценденција јас човекот од екстратехнолошката ера, за да ме спаси да не стане целосно машина, го враќам кон чистата, длабока и невина слика на неолитот како архетип на среќното детство на секој од нас, во кое сме се ракувале барем за едно екстатично расцутено дрво, ако не сме имале шанса него да го поминеме, како јас, него во ридови и планини, покрај извори и реки. Оти, драг читателу, потребен му е на модерниот човек фатен цврсто во канџите на технологијата барем во својата имагинација како спасение од технолошката мора да ја вглоби во себе лековитата слика на неолитот. Доволно е и тоа, и толку.

ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ