- Кога светот повторно се дели на сфери на моќ, Македонија има ретка можност да покаже дека достоинството, принципите и правдата сè уште имаат место во политиката!
- Низ својата долга и често тешка историја, нашиот народ како етнички ентитет, како колективитет, а потоа и како држава, без исклучок секогаш застанувал на вистинската страна на историјата, на страната на прогресот, на антихегемонизмот, на антиимперијализмот, на страната на антифашизмот и на правдата. Тоа никогаш не било лесно, ниту без цена. Но токму во тие избори се гради карактерот на една нација. Македонија покажува дека да се биде мала држава не е само ограничување. Тоа е и привилегија!
- Она што од геополитичка перспектива изгледа како маленкост, за сопствениот народ е огромно. Тоа е прашање на достоинство, идентитет, култура и историска меморија. Народите не се паметат само по големината на нивната армија или економија. Се паметат по тоа како постапиле во клучните моменти на историјата
- Во свет што станува сè поциничен, попревртлив и понепредвидлив, примерите за принципиелност, доследност, смелост и храброст да се опстојува на своите принципи, ставови и одговорно да се спроведуваат, се забележуваат секаде. И дома и надвор во светот. Луѓето низ светот и институциите од меѓународен карактер каде што се слуша нашиот глас знаат да препознаат кога една нација стои исправено, дури и кога не е најмоќната. И тие луѓе сè уште се мнозинство на планетата. Затоа денес Македонија има нова шанса!
Во време кога меѓународните правила, ајде да бидам и попрецизен, кога меѓународното јавно право, меѓународното воено право и актуелниот меѓународен поредок сè почесто се третираат како нешто растегливо и аморфно, а понекогаш и како нечиј непотребен товар, малите држави повторно се соочуваат со старото искушение – да станат топовско месо во судирите на големите сили!
Денес, во свет каде што полека, но сигурно исчезнува дури и хартијата на која се запишани тие правила, принципи и меѓународни стандарди, а зборувам токму за резолуциите, декларациите, повелбите и сите други норми на меѓународното право, малите народи лесно можат да се почувствуваат „оттурнати“ на маргините на историјата. Да не употребам потешки зборови за тоа дека малите држави, неразвиените или земјите во развој се само монета за поткусурување, деноминирани или хегемонизирани…
Но токму тука се крие еден парадокс што историјата многупати го потврдила. Имено, за малите држави понекогаш е потребно многу малку за да застанат на вистинската страна на историјата.
Е, Македонија е една од тие земји!
Низ својата долга и често тешка историја, нашиот народ како етнички ентитет, како колективитет, а потоа и како држава, без исклучок секогаш застанувал на вистинската страна на историјата, на страната на прогресот, на антихегемонизмот, на антиимперијализмот, на страната на антифашизмот и на правдата. Тоа никогаш не било лесно, ниту без цена. Но токму во тие избори се гради карактерот на една нација.
Да се биде мала држава не е само ограничување. Тоа е и привилегија!
Малата држава може да ја искористи сопствената „безначајност“ во игрите на големите сили. Зашто она што од геополитичка перспектива изгледа како маленкост, за сопствениот народ е огромно. Тоа е прашање на достоинство, идентитет, култура и историска меморија.
Народите не се паметат само по големината на нивната армија или економија. Се паметат по тоа како постапиле во клучните моменти на историјата.
Македонија можеби нема огромни воени ресурси. И без оглед што Македонија ќе каже или ќе направи од таа област, демек како т.н. тврда сила, големите процеси во светот ќе продолжат да се движат според своите траектории, и со и без активно учество на Македонија. Но токму затоа Македонија има нешто што многу поголеми држави често го губат: можност за морална јасност!
И јас со чиста совест, од оваа перспектива на зрел и презрел новинар, со знаење, вештини и усвоени новинарски професионални принципи, етика и морал, можам слободно и недвосмислено, јавно и гласно да кажам за можностите на мојата татковина и држава Македонија, што таа може да направи.
Имено, Македонија има можност да заземе јасен и достоинствен став за универзалните човечки, демократски и духовни вредности.
Македонија има можност да ја води политиката со етика, а не од некој интерес, особено НЕ од интерес наметнат однадвор со ултиматуми и уцени на кои подлегнавме заради ветувања за подобро утре.
Македонија има можност да покаже дека принципите не се слабост, туку сила!
Во свет што станува сè поциничен, попревртлив и понепредвидлив, примерите за принципиелност, доследност, смелост и храброст да се опстојува на своите принципи, ставови и одговорно да се спроведуваат, се забележуваат секаде. И дома и надвор во светот. Луѓето низ светот и институциите од меѓународен карактер каде што се слуша нашиот глас знаат да препознаат кога една нација стои исправено, дури и кога не е најмоќната. И тие луѓе сè уште се мнозинство на планетата. Затоа денес Македонија има нова шанса. Шанса повторно да се издигне онаква каква што многумина ја препознаваат, и дома и во светот. Македонија принципиелна, правдољубива и правична, чесна, достоинствена и со визија. Држава што не мисли само на сопствениот интерес, туку и на поширокиот просперитет и благосостојба.
Историјата не ја пишуваат само империите. Ја пишуваат и малите народи кога ќе одлучат да стојат исправено. Македонија веќе многупати покажала дека знае како се прави тоа. Сега е време повторно да се потсетиме. И да постапиме така.
































