Фото: ЕПА

ПЕРСИСКИ ГАМБИТ ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ

  • Ограничувањето на пловидбата и условувањето на трговијата со нафта во јуани од страна на Иран не е импровизација, туку внимателно пресметан потег што го редефинира односот меѓу енергијата, валутите и геополитиката. Она што го прави потегот на Иран особено интересен е неговата политичка елеганција. Техеран не повикува на целосно блокирање на светската нафтена трговија, што би предизвикало глобална енергетска катастрофа и би ги оттурнало дури и неутралните земји. Наместо тоа, Иран нуди решение: нафтата може да продолжи да тече, но под нови правила! Брилијантна идеја што го засега целиот свет во позитивен аспект, а само САД – обратно. Така што, по овој предлог, дури сега и сојузниците можат да му завртат грб на Вашингтон во врска со продолжување на агресијата

Техеран со Ормуз го држи светот за грло

Ормускиот Теснец со децении е една од најчувствителните точки на светската економија. Низ овој релативно тесен морски коридор минуваат околу 20 милиони барели нафта дневно, како и приближно петтина од глобалната трговија со течен природен гас. Во суштина, станува збор за енергетска артерија без која современиот индустриски свет тешко може да функционира.
Токму затоа одлуката на Техеран, по заедничките израелско-американски напади на 28 февруари, ефективно да го затвори теснецот за повеќето танкери, оставајќи простор само за сопствените, веднаш ја крена цената на нафтата на највисоко ниво од летото 2022 година.
Но вистинската тежина на потегот не е во самиот прекин на пловидбата. Таа лежи во предлогот што Техеран ќе го подготвува за да го лансира како официјален, а тоа е: „дозволување ограничен премин на танкери под услов трговијата со нафта да се врши во кинески јуани“! Според низа светски аналитичари, ваквиот потег на Техеран има повеќеслојно значање за Иран, и од економски и од воен и од дипломатски аспект, и тоа не само за самата држава, но и во поширок контекст, и ги придобива симпатиите на сите оние што сакаат кризата што побргу да се заврши (поголем дел од светските држави), а цената на нафтата да се сведе во некаква нормала за светската криза да не се продлабочи, а регионот на Блискиот Исток да не се претвори во големо светско воено жариште. Што всушност значи предлогот на Техеран, додека Вашингтон е запрепастен од досетливоста на Иран?

Потег што ја погодува слабата точка на системот

Имено, со децении глобалната трговија со нафта функционира врз основа на таканаречениот „петродолар“. Речиси целата светска нафта се продава во американски долари, што ја зацврстува позицијата на доларот како главна светска резервна валута.
Предлогот на Иран директно го предизвикува токму тој механизам!
Ако дел од нафтената трговија почне да се врши во јуани, тоа нема да има само финансиски импакт. Тоа ја отвора вратата за постепена дедоларизација на енергетските пазари, а тоа е процес што веќе се појави кај санкционираната руска нафта, која делумно се продава во рубли или во јуани.
Со други зборови, Иран не го користи теснецот само како географска точка туку како инструмент за редизајнирање на финансиската архитектура на енергетскиот пазар! А тоа е колосално иновативен потег, кој произлегува како идеја, односно резултат од воената агресија на САД.

Персиска дипломатска математика

Она што го прави потегот особено интересен е неговата политичка елеганција.
Техеран не повикува на целосно блокирање на светската нафтена трговија, што би предизвикало глобална енергетска катастрофа и би ги оттурнало дури и неутралните земји. Наместо тоа, Иран нуди решение: нафтата може да продолжи да тече, но под нови правила.
Со тоа се постигнуваат неколку цели истовремено. Имено, се врши притисок врз САД, чија валутна доминација е директно предизвикана, потоа, се зацврстува партнерството со Кина, која со години се обидува да ја прошири употребата на јуанот во енергетската трговија, натаму, се продлабочува стратегиската координација со Русија и поширокиот блок земји што се залагаат за мултиполарен економски систем, како и најважното – се избегнува целосна конфронтација на Иран со остатокот од светот, бидејќи се остава простор за продолжување на трговијата!
Таквиот баланс меѓу притисок и прагматизам е пример за она што аналитичарите често го нарекуваат „персиска стратешка култура“. Тоа значи долгорочно размислување, трпеливост и употреба на економските алатки наместо директна конфронтација.
Со условеното отворање на пловидбата, Техеран испраќа порака дека не сака да ја парализира светската економија, туку да ја пренасочи рамнотежата на моќта во неа.

Почеток на крајот на петродоларот?

Дали ова навистина може да го разниша доларот? Краткорочно, веројатно нема. Американската валута останува доминантна поради длабочината на финансиските пазари и довербата во американската економија. Но долгорочно, ваквите потези создаваат пукнатини во системот. Ако повеќе производители на енергија почнат да прифаќаат плаќање во други валути, глобалната финансиска архитектура постепено би можела да се трансформира во многу пополицентричен систем.
– Во момент кога Блискиот Исток повторно се наоѓа на работ на поширок конфликт, потегот на Иран покажува дека геополитиката не се води само со ракети и авиони. Понекогаш најсилното оружје е контролата врз клучна географска точка и трпеливо осмислена економска стратегија. А во случајот со Ормускиот Теснец, Техеран го демонстрира токму тоа. Прави многу интелигентна комбинација од географија, енергија и валута, што е класичен пример на старата, внимателна и често потценета персиска мудрост – издвојува нашиот соговорник, бизнисмен инвеститор и бизнис-аналитичар од Германија, Доне Прентовски. Р.С.


Трамповиот повик за воено да му се придружат други сојузници за Ормускиот Теснец наидува на тивок отпор

Со Трамп сме, ама не толку многу!?

  • Сојузниците на САД, некои премолчно, а некои отворено, веќе избегнуваат директен ангажман во еден од најопасните морски коридори во светот и сè повеќе ја нагласуваат потребата од деескалација наместо воена демонстрација

Повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до неколку големи држави да испратат воени бродови и да помогнат во повторното отворање на Ормускиот Теснец засега наидува на внимателни, резервирани и во некои случаи речиси одбивачки реакции. Иако водниот теснец е еден од најважните енергетски коридори во светот, затоа што низ него поминува околу една петтина од глобалната нафта, повеќето земји што Вашингтон ги повика на соработка и на воено приклучување за обезбедување на теснецот не покажуваат подготвеност да влезат во потенцијално ескалирачка воена зона.
Имено, во серија објави на социјалните мрежи, Трамп ги повика Велика Британија, Франција, Јужна Кореја, па дури и Кина, да се приклучат на напорите за обезбедување на овој пловен пат за транспорт на нафта. Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Волц, дури дополнително го засили дипломатскиот тон на Вашингтон, изјавувајќи дека САД „ги поздравуваат, ги охрабруваат, па дури и бараат“ тие земји да учествуваат за да ги заштитат сопствените економии. Но досегашните реакции покажуваат дека меѓународниот одѕив е далеку од ентузијастички.

1. Британска претпазливост и повик за деескалација

Во Обединетото Кралство владата признава дека „се разгледуваат различни опции за обезбедување на пловидбата, но внимателно избегнува да најави директно испраќање воени бродови“. Имено, министерот за енергетика Ед Мајлибанд изјави дека „Лондон ги разгледува сите можности, вклучувајќи го и користењето автономна опрема за откривање мини“. Сепак, тој нагласи дека „најдобриот и наједноставен начин“ за повторно отворање на теснецот е деескалација на конфликтот. Зад неговиот дипломатски речник, аналитичарите читаат јасна порака: Британија не брза да испраќа бродови во активна зона на судир!

2. Јапонија: Уставот како правно-политичка бариера

Во Јапонија, пак, пречката е и правна и политичка. Пацифистичкиот устав на земјата значително го ограничува учеството во воени операции надвор од националната одбрана. Шефот на политиката на владејачката партија, Такаши Кобајаши, предупреди дека евентуалната одлука за распоредување воени бродови би се соочила со „големи пречки“. Јапонските власти подоцна испратија и директна порака до Вашингтон: одговорот на Токио ќе биде резултат на „независна процена“. Со тоа Јапонија, барем засега, е најотворена во дистанцирањето од иницијативата на Трамп.

3. Јужна Кореја

Во Сеул се води исклучително внимателна дипломатија, односно Јужна Кореја реагира многу дипломатски воздржано. Кабинетот на претседателот Ли Јае Мјунг соопшти само дека ќе „комуницира тесно со Соединетите Американски Држави“, без конкретни обврски. Повторно, без конкретна поддршка и дипломатски резервирано.

4. Франција најблиску до некаква соработка со САД за Ормуз, но само „одбранбено“

Најнијансирана позиција има Франција. Претседателот на Франција, Емануел Макрон, порано изјави дека француската морнарица би можела да придружува бродови, но само во „чисто одбранбена“ мисија и само ако конфликтот се стабилизира.
Макрон неодамна разговарал и со иранскиот претседател, нагласувајќи дека Техеран треба да ја гарантира слободата на пловидба низ теснецот. Дури и овој став, според аналитичарите, е далеку од реална воена операција во момент на активни непријателства.

5. Реакција на Кина

Пекинг, пак, воопшто не одговори директно на повикот. Наместо тоа, Пекинг повторно повика на прекин на непријателствата. Кина е најголемиот купувач на иранска нафта и има силен интерес да не се конфронтира директно со Иран. Според достапните податоци, иранските танкери продолжуваат да пловат низ теснецот, а Техеран сигнализира дека испораките за Кина ќе се одвиваат непречено – особено ако се тргува во јуани наместо во долари. Таквата ситуација делумно ја намалува економската штета за Пекинг и го намалува стимулот за активна воена улога.

Паралелна дипломатија со Техеран

Во меѓувреме, некои од државите очигледно бараат алтернативен пат: директни разговори со Иран за безбеден премин на нивните танкери. Техеран веќе сигнализира дека е отворен за такви договори. Ако тие преговори навистина се интензивираат, тоа ќе значи дека многу држави се подготвени да изберат дипломатска координација со Иран наместо учество во американска воена иницијатива. Во дипломатскиот свет, молкот често значи повеќе од отворено „не“. Досегашните реакции сугерираат дека голем дел од меѓународната заедница ја гледа идејата за воена придружба во Ормускиот Теснец како високоризична стратегија, со потенцијал да го продлабочи конфликтот наместо да ја стабилизира трговијата. Во таква атмосфера, повикот на Трамп за брзо формирање меѓународна поморска коалиција засега останува без реална поддршка! Р.С.