Каков театар ни е потребен, драги мои? Откако паметам за себе, а тоа е веќе доволно долго, ова прашање отсекогаш се поставувало со очекувања дека одговорот ќе биде таков што ќе создаде општо и вечно согласување на сите што ја прават и сите што ја консумираат магијата на сцената. Театарот е дихотомна уметност. Тој во суштина има две функции. Првата е да биде забава, а втората да биде образование или знаење. Значи, сите оние стотици форми, жанрови, видови на театар, постојат, замислете – само со мешање на две работи. Во принцип, театарот е исклучително едноставна појава, за која на почетокот и на крајот од сѐ што ќе кажеме испаѓа дека Питер Брук бил во право, кога во она мало книжуле напиша дека за да постои театар – доволно е само еден човек да игра, а друг да го гледа! И во суштина, тоа е сѐ. За мене основниот проблем на македонскиот театар е во него самиот. Системот на 100 отсто платен од државата театар носи и 100 отсто моќ на тој што го плаќа тоа, во случајот државата. Тука започнуваат конфликтите. Државно платениот театар, систем што буквално е непроменет од 1945 година, иако повеќе од триесет години не сме во социјализам, нема како да не биде зависен од политички влијанија кога државата во краен случај се еманира преку политиката, која исто така е производ за пазарот за консумација на политика. Ова е свет на консумеризам, драги мои, сѐ се продава и сѐ се купува! Апсолутно е несериозно да очекувате некој да ве плаќа, а вие да ја свирите песната што нему не му се допаѓа. Тоа е невозможно. Никогаш и никаде и не било. Од древноста, па до денес. Кога на Еврипид не му се пеела песната што била популарна во Атина, заминал во Македонија и велат дека таму првата песна – драма што ја напишал – ја испеал и претставил била посветена на неговото величество кралот Архелај. Молам! Значи, ако вие имате систем што 100 отсто е зависен од волјата на нарачателот, тогаш вие ќе го добиете тоа што ќе ви го нарачаат. Тоа е живиот живот. Пари давам – гајда кинам, нели така е поговорката?
Во „Онтологија на театарот“, Љубиша Георгиевски напиша: „Театарот е јавен чин, а со тоа и политички, par excellence“! За мене, нема друга дефиниција. Нема ништо појасно сублимирано од ова за театарот како медиум. Секој обид да го негираме, нѐ одделува од суштината на театарот, кој се еманира самиот себе, единствено преку неговите две функции, забавата и образованието. Да не забораваме, и кажувањето виц е политика. Има своја функција, да ти биде забавно и поучно во исто време. Вицот е есенција на театарот. Вицот е најслободната театарска форма. Еден човек кажува – друг го слуша, и готово. Она што денес го нарекуваме стендап е само нова форма на старата комедија дел арте. Еден човек на улица или во кафеана ги засмејува и задева гледачите, им пр(е)одава забава и образование, а тие на крајот му фрлат пари во шеширот – за тоа што го добиле како задоволство. Системот на државно нарачан театар воопшто не е комунистичка измислица, напротив. Се работи за форма на организирање што минувала низ сите фази на општествените промени, од робовладетелство, преку феудализам, низ неколкуте капиталистички системи, на сите меридијани и цивилизации по светот, на еден или друг начин – државата односно политиката нарачувала театар. И сѐ уште тоа е така во Шпанија, Германија, Русија, Кина и во многу други земји на планетава. И јас немам ништо против тоа. Особено ако сте мала земја, во цикличен развој, со постојани антагонизми со оние околу вас. Во такви околности сосема е природно да барате начин за еманација на вашата посебност и вашето постоење, општо земено, преку рефлексија низ медиумите. Театарот бил и ќе остане она огледало во кое се рефлектираме точно такви какви што сме.
Ако сакаме да ги поедноставиме работите за да ги разбереме, тогаш, државата Македонија е апсолутна рефлексија на македонскиот театар денес. Се организираат протести, конференции, јавни прозивања, дебати, па дури и судски процеси од кои се бара остварување скратени или неостварени права и договори. Во принцип се работи за однос што е вечно антагонистичен и вечно конфликтен. Тој што изведува секогаш ќе мисли дека е малку платен за тоа што го прави и, обратно, тој што плаќа мисли дека плаќа многу. Сметките се израмнуваат само кога на крајот има „ќеф“ и кај тој што изведува и кај тој што плаќа. Катарзисот во театарот е потполен само ако е двостран. Ако по претставата се „прочистени“ и театарџиите и публиката. Во спротивно, останува чувството на искористеност на едната страна од другата.
Кога театарот е државна нарачка, што мислиме ние дека очекува државата? Првично би помислиле дека државата повеќе би ја преферирала функција образование/знаење, за да може да ги протежира и популаризира своите политики, односно да се еманира самата себе, што е крајната цел на секоја политика. Кога пред петнаесет години, општопрокламиран како политичар што протежира образовни вредности, тогашниот премиер Груевски нарача основање на „Театар комедија“, искрено, за мене беше изненадување! Лично, очекував формирање на „Театар лабораторија“. Таа идеја за театарот продолжи и кај новите властодршци, кои иако дојдени на силата на револуцијата и прокламираните вредности на едно отворено и општество за сите, во најтешките времиња за нацијата во епидемија и општествен колапс, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска направи државна нарачка на – театарски комедии! Тогаш ниту се изненадив ниту бев во шок. Сега сосема прагматично ги разбирам работите. И ги поддржувам како такви. Тоа е. Земете или оставете.
Драги мои, државата секогаш ќе сака да ве засмејува, да ве забавува, да ве „оттргне од реалноста“ како што го дефинираме оној момент на задоволство од прикажаното негираjќи ги стварноста и стварниот свет околу себе. Ништо не е подобро ниту по оние земји што ги нарекуваме европски и западни. Реално, во Америка најпродавани театарски производи се мјузиклите и водвилите. Оние редици во Њујорк и Лондон за билети не се за Ајсхили, Шекспири, Брехтовци, Јонесковци или Вилјамси, туку за Мачки, Бербери и Мама мии! Да не се лажеме. Знаењето никој и никогаш не сакал да го даде, онака, насмеано и со песна. Занаетот, драги мои, не се дава, тој се краде! Таа метафора за спознанието е раскажана како дрско „крадење“ оган од боговите. Од Зевс, самиот! И секогаш, тоа прометејство се плаќало скапо – со прогонство и живот во окови и маки. Ако сакате да правите театар што е прометејски, пркосен и предизвикува потреба да се знае, тогаш разгорете го во себе оној оган што пече, боли и создава незадоволство. Затоа што само оној што е незадоволен од себе може да биде и незадоволен од другите.
Незадоволството од себе е основниот творечки порив. Незадоволството од тоа што си, во овој момент, тука и сега, раѓа причини за бунт, за борба, прво против самиот себе и твојот, а потоа и против конформизмот на другите. Театарот во суштина е колективен чин. Театарот е возможен само како производ на група луѓе што се различни, но обединети заради остварување крајна цел – правење уметност. Но на почетокот и на крајот од сѐ, секогаш се работи за личен порив. И не барајте сојузници и поддржувачи на тој пат, ќе бидете разочарани. Да се занимаваш со театар што од двете функции ја избира како доминантна онаа на образованието и знаењето е мачна и неизвесна работа. Како и сѐ друго направено од луѓе што ползата од делото што го создале ја очекуваат отпосле и со силата на ехото. Театарот на знаењето е само ехо. Нема никаква друга смисла да се прави театар на знаење ако од него не остане ехо. Во театарот на забавата веднаш добивате воздишки и аплаузи. За мене, во театарот на знаењето, аплаузите и воздишките се ненужни. Ако по театарска претстава си отидете дома во молк, верувајте, кога и да е, ќе се погледнете во оној производ на песочната прашина познат како огледало. И ќе се видите самите себе. Од тој момент па натаму започнува претставата на вашиот живот, во која вие сте главниот лик.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“































