АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

  • За освојување сезонава останаа уште трофеите во генерален пласман (Шифрин, Ајхер, Раст или Гоџа), спуст (Пиривано или Ајхер) и во супервелеслалом (Гоџа или Робинсон)

Јулија Шајб (Австрија) никогаш не победила на трка од Светскиот куп во нејзините осум години на патеката пред почетокот на сезонава, а сега австриската специјалистка за велеслалом е петкратна победничка и ја обезбеди титулата во таа дисциплината, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Таа победи на претпоследниот велеслалом сезонава, во саботата, во Оре (Шведска) и сега има непремостлива предност од 189 поени пред Камил Раст (Швајцарија).
– Се чувствувам многу посебно, освојувањето на кристалниот глобус во велеслалом е моја цел со години. Да го постигнам денес значи многу за мене – рече Шајб, деветтата австриска победничка на овој трофеј, но прва откако Ева-Марија Брем го освои во 2016 година, пишува АП.
Микаела Шифрин (САД), која претходно ја обезбеди титулата во слалом за сезонава, го освои петтото место во велеслаломската трка. Во вчерашниот слалом во Оре, Шифрин беше прва, а Ема Ајхер од Германија втора, по што во генерален пласман во Светскиот куп, Шифрин води со 140 бода пред Ајхер.
За сезонава остануваат уште трките во финалето на сезоната во Светскиот куп, во Норвешка, почнувајќи од сабота, со четири трки, во секоја дисциплина по една. За освојување останаа уште трофеите во генерален пласман (во конкуренција се Шифрин, Ајхер, Раст и Софија Гоџа), спуст (за трофејот се тркаат Лаура Пиривано и Ајхер) и во супервелеслалом (во конкуренција се Гоџа и Алис Робинсон). Н.М.