- Дејствијата на Малинин нѐ потсетија сите дека извонредноста не се мери само со пласман на подиумот туку со почитта и солидарноста што им ја покажуваме на нашите натпреварувачи во најтешките моменти, рече претседателката на ИОК, Кирсти Ковентри
Меѓународниот комитет за ферплеј, во соработка со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), објави дека американскиот натпреварувач во уметничко лизгање Илија Малинин е добитник на наградата за ферплеј на Зимските олимписки игри што (ЗОИ) во Италија. Во потесниот избор имаше шест исклучителни финалисти, а Малинин беше избран за неговото покажување длабок спортски дух за време на натпреварот во машка конкуренција. По предизвикувачкиот настап во кој отиде од првото на осмото место, Малинин веднаш го остави настрана своето лично разочарување за топло да го прегрне и да го поздрави златниот медалист Михаил Шаидоров, пишува ИОК.
– Длабоко сум почестен што ја добивам оваа чест, особено со оглед на неверојатното наследство на Еуџенио Монти во Италија. Честитката на Михаил не беше за резултатите, туку за заедничкото патување што го правиме како спортисти. Сознанието дека гледачите низ светот се поврзани со тој момент ми значи повеќе од кој било медал – рече Малинин.
Годинашниот натпревар генерираше највисоко ниво на ангажман на гледачите во историјата на наградата. Вкупниот број гласови дадени од гледачите низ светот го надмина дури и рекордниот ангажман забележан за време на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, извонреден подвиг за едно издание на Зимските олимписки игри и јасен сигнал за растечката глобална вредност што се става на интегритетот и карактерот во спортот, пишува ИОК. Наградата за 2026 година е симболично враќање дома за движењето „Ферплеј“. Таа му оддава почит на наследството на италијанската легенда за боб, Еуџенио Монти, првиот добитник на наградата во 1964 година
– Ферплејот е срцето на Олимпиското движење. Дејствијата на Малинин нѐ потсетија сите дека извонредноста не се мери само со пласман на подиумот туку со почитта и солидарноста што им ја покажуваме на нашите натпреварувачи во најтешките моменти. Невиденото учество на гледачите во оваа награда е доказ за успехот на ЗОИ 2026 и за универзалната привлечност на олимписките вредности – рече претседателката на ИОК, Кирсти Ковентри. Н.М.































