АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
- Тој петти пат во низа е победник на Светскиот куп, четврти пат по ред во супервелеслалом и третпат во низа во спуст. Одермат води и во поредокот за велеслалом
Марко Одермат го врежа своето име уште подлабоко во рекордите на Светскиот куп (СК) во алпско скијање, обезбедувајќи уште две титули во еден ден. Швајцарската суперѕвезда седми пат беше на подиум во спуст сезонава, викендов во Куршевел (Франција). Со тој резултат, тој математички го обезбеди својот трет последователен трофеј кристален глобус, за триумф во дисциплината спуст во една сезона, како и својата петта титула во генерален пласман, изедначувајќи се на второто место на листата на сите времиња со луксембуршката легенда Марк Џирардели и само зад Марсел Хиршер (Австрија), кој го држи рекордот со осум сезонски круни, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Швајцарецот го додаде и кристалниот глобус во супервелеслалом кон своите титули во генерален пласман и во спуст, откако претпоследната трка сезонава вчера беше откажана. Организаторите го откажаа супервелеслаломот поради обилни снежни врнежи и магла што ја направија патеката небезбедна за тркање. И во саботата беше откажана трката во супервелеслалом. Двете трки нема да бидат заменети, оставајќи го Одермат со 158 поени пред Австриецот Винсент Крихмаер, со една трка до крајот на сезоната, во Норвешка, на 22 март (100 поени се доделуваат за победа), пишува агенцијата „Ројтерс“. Одермат е во трка и за титулата во велеслалом, водејќи пред Лукас Пињеиро Бротен од Бразил со 48 поени повеќе, на една трка до крајот на сезонава, пишува „Ројтерс“.
На патеката на која ја освои светската титула пред три години, Одермат веќе знаеше пред почетокот на спустот дека ја обезбеди титулата во таа дисциплина, откако сонародникот и олимписки шампион Фрањо фон Алмен, кој беше втор во пласманот, не ја заврши трката. Така, Одермат го зголеми своето водство во вкупниот пласман пред Бротен на 632 бода, недостижна разлика до крајот на сезонава. На таа трка во петокот победи Крихмаер пред Џовани Францони од Италија.
– За мене, спустот стана најважното нешто во мојата кариера, а победата третпат по ред, со толку голема разлика, ја направи дополнително посебна. Ме прави горд тоа што сум толку доследен во секоја трка и во секоја состојба, се борам за првото место секоја недела и во секоја трка со целиот притисок – рече Одермат, пренесе Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Н.М.
НАЈМНОГУ ТИТУЛИ ВО СВЕТСКИОТ КУП ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Марсел Хиршер (Австрија) 8
Марк Џирардели (Луксембург) 5
Марко Одермат (Швајцарија) 5
Густав Тени (Италија) 4
Пирмин Цурбриген (Швајцарија) 4
Херман Маер (Австрија) 4
Фил Мер (САД) 3
Ингемар Стенмарк (Шведска) 3
КРИСТАЛНИТЕ ГЛОБУСИ НА МАРКО ОДЕРМАТ
ГОД. ТРОФЕИ
2022 генерален пласман, велеслалом
2023 генерален пласман, велеслалом, супервелеслалом
2024 генерален пласман, велеслалом, супервелеслалом, спуст
2025 генерален пласман, велеслалом, супервелеслалом, спуст
2026 генерален пласман, супервелеслалом и спуст, води во велеслалом































