Бездна

Нашата денешна колумна, драг читателу, има незгоден наслов: „Бездна“. Ако се сеќаваш, ние имавме порано една колумна на истата тема: „Светот над бездна“. Сега нашиот нов текст го дефинираме како „варијација на тема“. Нешто како „Болерото“ на Морис Равел во музиката, еден од моите омилени композитори. Сеедно. Поимот или поарно речено симболизмот на бездната е присутен особено кај модерните поети, не толку кај романтичарите, колку кај нивните родствени чеда симболистите, а посебно по нив кај експресионистите, кои целиот свет, па и вселена ги проектираат во сликата на бездната. Сега немаме простор за цитирање, освен само да се потсетиме на некои поети во тој контекст. Пред некој ден, не знам по кој пат, ја читав мојата омилена Емили Дикинсон, која како никој друг ја опева елементарната радост на животот алхемиски амалгамизирани со природата. Но во подоцнежните години кај нас се зачестени два клучни збора: гроб и бездна, што се фактички синонимни и значат едно и исто, паѓање во смрт или исчезнување.
Со други зборови, бездната како страшна слика има есхатолошко значење и говори за крајот на животот, нештата и светот, не само земните туку и небесните. И Светото писмо доволно говори за тоа, дека по неговиот неминовен крај, Господ ќе создаде Ново небо и Нова земја. Сè ново. Тоа го вели Исус, астрофизичар пред модерната астрофизика, кој го открил молецот на ентропијата што ја разјадува не само живата туку и неживата природа, материјата. Ентропијата-бездна во која гине и вселената. Страшна есхатолошка слика, која интуитивно посебно во руската поезија е присутна кај Александар Блок и Владимир Соловјов.
Доволно за бездната како есхатолошка слика кај поетите. Но неа, подзагатнавме, ја откри и модерната физика, астрофизиката посебно по добро средената механичка слика на вселената на генијалниот Исак Њутн, кој според неговата визија функционира прецизно како швајцарски саат, а базирана на неговото фасцинантно откритие на гравитацијата и инерцијата на материјата која Спиноза во манир и на врвен поет ја дефинира како „порив за постоење“, или траење. Сеедно. Така, но во науката нема статичност, метафизика како во филозофијата, туку жива дијалектика низ која тече реката на Хераклит. Така, статичната механичка, наизглед совршено дотерана слика на вселената на Њутн ја разнишува речиси во темели теоријата на релативноста на Ајнштајн, а по него доаѓа уште еден гениј, во инвалидска количка, ама со мозок колку вселената, кој ја развива теоријата, а што се покажа точна, на сингуларитетот и црните дупки во космосот. Мистериозната енергија што вцицува во себе и цели галаксии, од милијардите што ги има, кои исчезнуваат, без разлика што по нив се раѓаат нови.
Така. Но јас не сум астрофизичар да одам понатаму од овие неколку елементарни ремарки. И пак можеби малку подолг вовед да дојдеме, драг читателу, по бездната, или хокинговски речено „црната дупка“, или во множина дупки во конкретниот свет во кој живееме; во нашата индивидуална и колективна егзистенција, на единката и на народите во него. А во таа општа есхатолошка слика, како што стојат работите, се вклопува и нашата жална Македонија, која пропадна според антрополозите во најстрмната црна дупка, или бездна со име идентитетска смрт, и тоа со официјален акт, со печат на цивилизацијата (која ја јаде молецот на ентропијата), прецизно на 17 јуни 2018. Тоа е, пак, цивилизацијата, драг читателу, која по аналогија на космичкото откритие за страшната енергија во која исчезнуваат цели соѕвездија, отвори многу црни дупки и бездни на планетата. И сè уште отвора. Ти, пак, веќе знаеш дека станува збор за западната цивилизација. Таа, на големите нејзини империјални нации, но и на помалите прилепени кој нив, како што се, на пример, тоа Белгија и Холандија, не води сметка дали светот ќе пропадне или не поради нејзините страшни колонизаторски авантури за свое лично богатство, уништувајќи или осакатувајќи притоа и цели други цивилизации, народи и култури со насилство и грабежи. Тие негде прочитале, знаат оти астрофизичарите пресметале дека по 14 милијарди години ќе згасне и сонцето, ќе биде тотален крај на планетата на која живеат, а може и на вселената, ама и покрај тоа брзаат уште од времето на темпларите, а особено по Колумбо, на пљачкање на светот колку што можат, како да ќе се случи таа вселенска и земна катастрофа веќе утре. А размислуваат според својата колонизаторска, технолошка и воена моќ и дека потоа Бог за шест дена, како што стои тоа во Библијата, пак ќе го создаде светот само за нив, а не и за малите и сиромашните, за „смачканите племиња“, а смачкани од нив, како што би се изразил нашиот Блаже Конески, имајќи ги, се разбира, притоа во прв ред Македонците.

Ама тие шест дена, во кои пак Бог ќе го создаде светот за нив, како што мислат моќните-колонизатори, се доста долги за да ги дочекаат вгнездени во своето пљачкано богатство. Кај Индусите, на пример, денот на Брахма трае негде околу три и пол милениуми, па веројатно е тоа така и во Светото писмо. Само тука се говори за денови за да бидат работите поедноставени и поразбирливи за обичниот народ, за кого тоа е многу повеќе пишувано отколку за интелектуалците, кои Исус не ги ценел многу. Итн.
Во претходната колумна пишував за моето родно село Негрево забиено во најисточната точка на Македонија во Малешевските Планини. Една кристално чиста рајска слика и нејзина онтолошка варијанта вглобена во моето детство, сместена сега како што би рекол Јунг не во потсвеста и свеста, туку во натсвеста во која се чуваат со трансцендентен сјај дијамантите на спомените. А по „Негрево“, наместо оваа сега со травматична содржина за општата денешна драматична траума на светот, требаше да се појави колумната за неолитот, според мене најсреќната епоха на човештвото. Во неа немало вештачка интелигенција. Основни технолошки пронајдоци тука биле тркалото и грнчарското колце што произведувало тркалезна убавина, садови за домаќинството. Во неолитот немало аптеки и спасоносни апчиња, но немало ни вируси како неодамнешниот ковид, произведени во лабораторија од некоја длабока мафија во сенка за деморализирање на човекот за да не го наруши со револуција или на некој друг начин спокојот на богатите што им ја цицаат крвта на работниците и сиромашните. Моја хипотеза, драг читателу, но верувај точна е. Во неолитот човекот живеел кратко, најмногу до педесеттата, но среќно слеан алхемиски со природата што ја населил со живи божества. Тоа е „мистичната партиципација“ за која говори Леви-Брил. Воопшто природата била убавиот бог за неолитскиот човек. Па и сјајниот Барух Спиноза својата теза Deus sive natura како да ја извлекол како дете на неолитот од неговата епоха.
За тоа повеќе во следната колумна, драг трпелив читателу. И пак ќе речам и со оваа „неолитска“ и „негревска“ дигресија пак како да се оддалечивме од средиштето на поставената тема бездната на човештвото, но не е така. Контрастите на убавото и грдото се потребни за да ја осветлат и разјаснат поубаво бездната на цивилизацијата во која пропаѓа таа. Таа што мисли дека сè уште е сигурна во својата ариевска, а потоа и технолошка, воена и колонизаторска моќ. Рековме, драг читателу, западната цивилизација, која е позната не само по својот животен туку и по својот танатосен ерос, кој е, ако се земе предвид нејзиниот садистички колонизаторски авантуризам, можеби и посилен. Доволен е за тоа примерот дека Англосаксонците на различни, нивни инвентивни начини усмртиле садистички 15 милиони Индијанци во Америка на Колумбо за да им земат сè, плодната земја, шумите, изворите и богатите ловишта кон кои тие имале свет однос. И така Америка, денес САД, стана витална и силна со моќен и животен и танатосен ерос. Оној вториот беше, а и денес е наменет за другите и како страст на самозадоволството и покажување моќ. И нашата Преспа, јуни 2018, како македонска идентитетска смрт беше само излив на тоа самозадоволство, кое го споделија главно Вашингтон, Брисел и Атина, со Софија во заседа. И тоа, драг читателу, се вика цивилизација, која е составена од елементите на културата и варварството. Ние Македонците главно сме маркирани од вториот елемент, бидејќи од антички времиња до денес не ни недостасувала култура. Дури и сме извезувале дел од неа и во Европа.

Западната цивилизација компонирана од гении како Шекспир и други, но и од темплари, крстоносци, инквизиција, конквистадори, фашисти и неофашисти под либерална маска, рековме понапред, произведе две светски бездни со нејзините две светски војни, а сега ја подготвува според серија апокалиптични знаци и третата, која веројатно есхатолошки ќе биде најтрагична. Лукавиот и политички и морално перверзен Запад вината за тоа, познато е, ја фрла на Русија за војната во Украина. Но вистината е поинаква, таа војна е смислена и фингирана од Западот како продолжение на планот „Барбароса“ на Хитлер за уништување на Словените. Вистината е дека тука Русија води војна со Западот и НАТО чии жртвувани војници се несреќните Украинци. Тоа е тоа, драг читателу. И парадоксот е во тоа што сега најмоќната членка на западната (сега по Хирошима и Нагасаки) нација, Америка (САД), се ангажира божем да ѝ стави крај на таа трагична војна меѓу двата братски народи. И таа иницијатива ја презеде новиот по Бајден американски претседател Трамп, кој со неа ја „ловеше“, парадоксално, и Нобеловата награда за мир, нешто слично и со нашиот мал Трамп од Муртино. Ама и двајцата не успеаја во тоа. Трамп направи инвазија на Венецуела, а сега го нападна и Иран под претекст демек да ја оневозможи неговата нуклеарна програма и плус и да му даде форца на „избраниот народ“ кому му е дозволено да има нуклеарни бомби, но на друг не му се дозволува тоа. А јас мислам, драг читателу, дека и ние Македонците како Севернокорејците треба да имаме атомска бомба ако сакаме да не исчезнеме докрај од картата на светот. Ако ја имавме неа, немаше да ни се случи идентитетскиот геноцид и ќе имавме цврст национален и државен суверенитет, а не како сега никаков.
Туку сега уште малку за Трамп „миротворецот“, кој отвора војни под претекст на мир и Нобел. Кога стапи на сцена, и ние Македонците се одушевивме од неговото понижување на Европа, кои нас садистички, и воопшто од неговото уривање на гнилиот западен либералистички концепт. А се воодушевивме и со неговото пласирање на тезата за суверенизмот, која најпосле се покажа дека, пред сè, важи за хегемонот Америка, а за другите ако се нејзини поддржувачи и полтрони, каков што е, за жал, случајот и со нас. Но и тоа испадна лага. А нашиот суверенизам, драг читателу, нигде го нема по неговиот цивилизациски закон во Преспа 2018. Денес само сè уште се докусурува тој. Гајле им е на обожаваниот од нас Трамп и на неговата Америка за нас, нашиот стратешки партнер што ја подготви Преспа 2018. Наивни, пак, на него се надевавме и во неговиот прв мандат пред Бајден.

Тогаш дури еден писател и поет (правам разлика меѓу тие два поима) ми рече дека нам ни е поважен Трамп од Рацин. Тоа за мене беше страшен шок, од кој ни денес не можам да се ослободам.
Но при крај сме на просторот. Мене може да ми се забележи, драг читателу, дека имам и премногу анимозитет кон западната евроамериканска цивилизација и нејзиното колонизаторско варварство. Прифаќам дека е тоа точно, но прифати и ти дека десет пати повеќе сум восхитен од гениите на нејзината култура, уметност и наука, кои штедро им ги подарил Господ за да се одвикнат од варварството, кое за жал беше и не е под негова туку под контрола на Мефистофел (ѓаволот). Тоа е тоа. Адорно праша дали може да се пишува поезија по Аушвиц. Тој е Германец, жител на една моќна нација со културно и фашистичко искуство. А јас би го прашал него дали може да се пишува поезија по идентитетскиот геноцид над Македонците во кој беа вклучени и неговите цивилизирани Германци. Доволно. Тука ставаме точка на нашата денешна колумна, во која завршуваме со отворањето по Втората светска војна на новата светска бездна, ама сепак на која ѝ претходеше како префигурација македонската бездна, Преспа 17 јуни 2018. И таа, според нас, драг читателу, беше експеримент за отворање на општата човечка бездна, која тешко дека ќе ја избрише утопизмот на Достоевски и Рацин дека „убавината ќе го спаси светот“.