Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во моментов во Македонија нема опасност од недостиг на нафта и нафтени деривати и дека државата има убедливо најниска цена на дизел горивото во регионот.

Одговарајќи на новинарски прашања при увид во изградбата на пречистителна станица во населеното место Кучевишка Бара, во Општина Чучер Сандево, премиерот истакна дека Владата ја следи состојбата и засега не гледа потреба од прогласување кризна состојба.

По последното нивелирање на цените од страна на Регулаторната комисија за енергетика, цената на дизел горивото изнесува околу 1,39 евра за литар. Споредбено, во Албанија цената е околу 1,79 евра, во Србија 1,73 евра, во Грција 1,59 евра, во Косово до 1,51 евро, додека во Бугарија е околу 1,41 евро за литар.

 – Како држава имаме убедливо најниска цена на нафта. Тоа од една страна е позитивно, но создава и притисок во дел од пограничните општини, бидејќи голем број граѓани од соседните земји доаѓаат да точат гориво. Поради тоа на некои бензински пумпи може побрзо од очекуваното да се потрошат залихите, но тие брзо се надополнуваат – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен и дека нема прекини во снабдувањето со гориво.

Премиерот нагласи дека Владата е во редовна комуникација со дистрибутерите и компаниите што ја снабдуваат домашната економија со нафта и нафтени деривати.

 – Очекуваме притисок и во периодот што следи, но имаме доволно количини. Во моментот нема опасност од каков било недостиг – рече Мицкоски.

Тој додаде дека на светските берзи цената на суровата нафта бележи пад. Според него, ако вчера цената достигнала околу 120 долари за барел, денеска се движи околу 90 долари.

Премиерот најави и состанок со сопствениците на синџирите супермаркети и хипермаркети, со цел да се спречи евентуално зголемување на цените на основните прехранбени производи.

 – Ќе разговараме да не се користи оваа состојба како изговор за зголемување на цените и дополнителен притисок врз потрошувачката кошница на граѓаните – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците.

Во однос на предлозите на лидерот на СДСМ за намалување на акцизата и ДДВ за горивата, Мицкоски оцени дека тие се „несериозни и непрецизни“.

 – Не може истовремено да се бара значително зголемување на минималната плата, а од друга страна да се предлага укинување на даноци. Тоа се неусогласени политики – рече премиерот.