Цените на горивата во државава од денеска се повисоки, но според податоците од Fuelo.eu, и понатаму остануваат меѓу најниските во регионот и поширокиот европски пазар, со исклучок на Босна и Херцеговина и Турција.
Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 сега изнесува 79,5 денари по литар (1,289 евра), а на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,5 денари по литар (1,386 евра). Во споредба, бензините и дизелот во соседните земји се значително поскапи – во Бугарија литар бензин 95 е 1,340 евра, во Србија 1,520 евра, додека дизелот во Србија изнесува 1,683 евра.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека има доволно нафта и нафтени деривати и дека Владата е подготвена да интервенира доколку се случи драматичен скок на цените.
-Имавме состанок со поголемите дистрибутери. Заеднички беше заклучокот дека има доволно нафта и деривати. Граѓаните треба да бидат спокојни, кај нас цената е значително пониска отколку во соседството. Доколку има драматичен скок, Владата ќе интервенира – изјави Мицкоски.
Во меѓувреме, цените на нафтата на светските пазари бележат пад, по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека војната во Иран е речиси завршена. WTI суровата нафта се тргува за 81 долар по барел, а Brent за 84 долари, додека претходно цената достигна 119 долари по барел.
Цените на гасот во Европа, пак, достигнаа највисоко ниво од јануари 2023 година, поради пренасочување на руски испораки кон азиските пазари и забраната за увоз во ЕУ. Мегават-час за април на холандската дигитална берза ТТФ се тргуваше по 62,51 евра, со раст од околу 17% во споредба со минатата недела.
































