- Овие редови се однесуваат на прерано згаснатите животи како последица на насилство што се повторува, на прашањата за превенција и за постапување на околината, пропустите и несоодветното постапување на надлежните институции, на општеството во целост… дали сето тоа можело да се избегне и како никогаш повеќе да не се повтори. Тогаш беше Росица, сега се Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја, тогаш беше Велес, а сега е Скопје. И тогаш и денес сите сме потресени и сочувствуваме
Насилството, пред да се пројави или пред да излезе надвор, крши нешто внатре во човекот, значи пред да „скрши“ нешто надвор, крши нешто однатре. Насилните луѓе фактички имаат направено пустош во себе и тоа само го манифестираат надвор… Овие редови што ги напишав во коментар пред неколку месеци, по повод трагедија предизвикана од семејно насилство, за жал, ги повторувам во краток период и најстрашно е што сосема се вклопуваат во сегашните случувања, како ништо да не се сменило оттогаш. И овој пат се однесуваат на прерано згаснати животи како последица на насилство што се повторува, на прашањата за превенција и за постапување на околината, пропустите и несоодветното постапување на надлежните институции, на општеството во целост… дали сето ова можело да се избегне и како никогаш повеќе да не се повтори. Тогаш беше Росица, сега се Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја, тогаш беше Велес, а сега е Скопје. И тогаш и денес сите сме потресени и сочувствуваме.
Станува збор за трагичниот настан во кој загинаа мајка и ќерка по пад од балкон на зграда, што во јавноста беше протолкувано како очајнички чин поради трпење долгогодишно семејно насилство. Набрзо потоа беше приведен сопругот и татко, кому му е одреден притвор под сомнение за предизвикување на трагедијата преку континуирано малтретирање. Братот на жртвата јавно ги обвини институциите за неажурност, тврдејќи дека семејството претходно поднело голем број пријави за физичко и психичко насилство, па дури и за обид за убиство во надлежната институција, кои не биле соодветно процесирани.
Веќе се евидентирани четири жртви на родово базирано насилство во првите два месеца од годинава, во рамките на алармантните статистички податоци за фемицид во Македонија.
Јавноста одново реагираше бурно, и со право.
Се јавија психолози што се специјализирани за случаи на семејно насилство, организациите како ХЕРА и ЕСЕ укажуваат на сериозен јаз помеѓу законската рамка и нејзината практична примена. Извештаите на Државниот завод за ревизија покажуваат дека мерките за заштита најчесто се неефикасни, иако Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција. Трагедијата затоа отвори широката дебата за ефикасноста на системот во заштитата на ранливите категории, при што практичната имплементација на постојните механизми и прописи останува предизвик. Иако со измените во Кривичниот законик е предвидено насилникот да може да биде гонет по службена должност, дури и ако жртвата не поднесе жалба.
Алармот е вклучен во надлежните институции. Министерството за внатрешни работи веднаш најави засилени мерки за превенција преку испраќање телеграма до сите полициски службеници во државата со нови, строги инструкции за постапување при сомнежи за семејно насилство. Министерството за труд и социјална политика спроведува вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјални работи во Скопје за да се утврди дали биле испочитувани стандардните оперативни процедури за заштита на жртвите. Основното јавно обвинителство-Скопје исто така врши детална истрага, вклучувајќи вештачење на мобилни телефони, анализа на видеоснимки и распит на сведоци.
Како и на почетокот, можам да го повторам претходно напишаното, во надеж дека овој пат ќе резултира со суштински коренити промени што ќе спречуваат трагедии. Мора да се работи и на воспитувањето од најрана возраст, во семејството, како и во училиштата. Семејното насилство повеќе не смее да остане зад затворени врати, скриено зад ѕидови на тишина и страв. Жртвите не смеат да бидат стигматизирани од околината и да се чувствуваат беспомошно и препуштени сами на себе кога се обраќаат за помош до институциите од кои треба да добијат заштита. Веќе немаме ниту алтернативи ниту време за чекање. Траумите и заплашувањето на жртвите треба да станат минато, за конечно да го сузбиеме семејното насилство со сите расположливи средства.
Сотир Ристо
































