Епски бес за неубедливите геополитички мускули на Европа

Американско-израелската војна со Иран се проширува, откако Иран нападна со беспилотно летало британска воздухопловна база на Кипар, а Израел започна со напади врз проиранскиот сојузник Хезболах во Либан. Хезболах објави дека влегува во војна со САД и Израел, а израелските сили го продолжуваат нападот врз Техеран и Бејрут. На четвртиот ден од воените операции против Иран, медиумите ја пренесоа изјавата на американскиот претседател Трамп дека операциите веројатно ќе траат од четири до пет седмици, но и оти е подготвен „да траат и многу подолго од тоа“. Во меѓувреме, Техеран возвраќа со напади низ регионот, пред сѐ врз Израел и разни цели во земјите од Заливот, вклучувајќи ги енергетските капацитети во Катар и американската амбасада во Саудиска Арабија.
Каде се Европа, Европската Унија и поодделно водечката група Е3 – Франција, Велика Британија и Германија во и околу војната во Иран, веќе проширена на Блискиот Исток? Оваа војна ја исфрли на површина бавната европска реакција на настаните во Иран и на Блискиот Исток, кои се одвиваат сѐ побрзо. Париз, Берлин и Лондон првично реагираа исклучително претпазливо на американските и израелските бомбардирања на Иран, па дури потоа повикаа на „регионална стабилност и заштита на цивилите“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, повикаа на „крајна воздржаност“.
Длабоко поделената Европа како да чекаше да избие војната, па дури потоа да се огласи со соопштение. Како со тапани по свадба, Франција и Британија сега им нудат воена поддршка на Американците. Настојуваат и тие да се прикажат како глобално важни геополитички играчи, но иранската воена криза ги одрази нивната нерешителност и намалено влијание. Во заедничка изјава, францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер изразија „зачуденост поради неселективните и непропорционални ракетни напади што ги лансираше Иран“, започнувајќи конечно да се усогласуваат со Американците, со својот трансатлантски сојузник.
Најголемите воени сили во Европа го предупредија Иран доцна во неделата дека се подготвени да преземат „одбранбени мерки“ за да ја уништат неговата способност да испукува ракети и беспилотни летала „кон нивниот извор“, освен ако Техеран не ги запре своите „неселективни напади“. Предупредувањето од силите на Е3 – Франција, Германија и Велика Британија – не ги вовлекува овие земји директно во војната меѓу САД и Израел, но укажува дека се подготвени да преземат мерки против иранскиот режим, кој вложува големи напори да се консолидира колку е можно повеќе по смртта на врховниот лидер ајатолахот Али Хаменеи.
Франција се обидува да го зајакне своето воено присуство на Блискиот Исток откако ирански напад погоди француска база во Обединетите Арапски Емирати. Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, го предупреди Иран „веднаш да ги запре своите неодговорни напади“. Велика Британија им кажа на САД дека можат да ја користат воената база Диего Гарсија на островите Чагос, за воздушни напади – нешто што Стармер претходно не беше подготвен да го направи, на големо разочарување и бес на Трамп.

Значи, почнаа и Макрон, Стармер и Мерц да ја манифестираат својата „геополитичка релевантност“, но и да му покажуваат на Техеран колку „големи геополитички мускули“ имаат. Арно ама, неодоливо се наметнува еден впечаток, ако не и можеби реален заклучок: колку повеќе ним дома им се случуваат „предизборни бомбардирања“ од јавноста и домашните политички противници и колку повеќе се покажуваат нивната слабост и недоволната геополитичка важност, толку повеќе Париз, Берлин и Лондон му покажуваат „мускули“ на Техеран и му упатуваат закани. Макрон, Мерц и Лондон и тамошните владејачки коалиции и политички елити како да се обидуваат своите урнисани политички рејтинзи и рекордната непопуларност да ги надоместат, да ги „закрпат“ со демонстрирањето „сила и решителност“ кон Иран.
А колкави им се „геополитичките мускули“ на Макрон, Мерц и Стармер? „Ју.Гов.“ од Лондон, глобалната агенција за мерење на политичките рејтинзи на политичките и партиските лидери, како и на владејачките коалиции во Европа и светот, објави егзактни податоци дека Макрон, Стармер и Мерц се меѓу најнепопуларните западни и европски лидери! Јануарската анкета на „Ју.Гов“ покажа дека 18 отсто од Британците имаат позитивно мислење за Кир Стармер, а 75 отсто имаат неповолно мислење. Само 16 отсто од француските испитаници имаат позитивно мислење за Емануел Макрон, а 79 отсто имаат неповолно мислење. Само 26 отсто од Германците имаат позитивно мислење за Фридрих Мерц, а 69 отсто имаат неповолно мислење. Ете дел од причините зошто и овие тројца европски лидери се решија и тие да му покажат, конечно, заби на Техеран!
Меѓутоа, јавното мислење во Франција, Германија и Велика Британија, во рамките на пошироката европска јавност, им дава предност на дипломатските решенија пред воената конфронтација. Преовладувачкиот став меѓу британската, француската и германската јавност во врска со ескалацијата на конфликтот меѓу САД/Израел и Иран е длабока загриженост, страв од поширока регионална војна и желба за дипломатско решение. Постои растечка вознемиреност во врска со економските последици, како што се зголемувањето на цените на нафтата и енергијата. А имаат и зошто Французите, Германците и Британците вака да стравуваат: веќе доволно се информирани колкави се потенцијалите и силата на нивните армии, низ годините недоволно осовременувани, недоволно надополнувани со најнови вооружувања и сега соочени дури и со значителна неможност за пополнување со нови војници.
Армиите на водечката европска тројка дури сега започнуваат со обемни програми за големи вложувања во своите напаѓачки и одбранбени капацитети, за да ја заменат застарената нефункционална опрема, да оформат нови „дивизии за брз одговор“, но и да создадат силна морнарица и мобилни и високооперативни воздушни сили, способни за глобални операции, не веќе толку зависни од „воениот чадор“ на Трампова Америка.
Американскиот претседател Трамп ја започна воената операција „Епски бес“ со бомбардирања врз Иран, комбинирано со Израел, но прашање е дали годинава и Макрон, Мерц и Стармер, исто така, дома ќе се соочат со „операција епски бес“ од нивните лути политички противници и од домашната јавност?! Оваа 2026-та е изборна година во многу држави во Европа, вклучително и во Франција и Германија… Со своевиден „епски бес“ од граѓаните на Европа и посебно од десничарски партии и политички групации веќе се соочува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, додека се обидува да го формулира заедничкиот одговор на сите 27 држави членки кон Иран, но и воопшто како да се позиционира кон воените активности на САД и Израел.

Свето Тоевски