Екипажот на вселенската станица на симпатичен начин ја прослави Лунарната нова година
Тие се наоѓаат на 400 километри над Земјата и не можат да се вратат дома за Пролетниот фестивал годинава, но кинеските астронаути пронајдоа свој начин за да го прослават соодветно традиционалниот кинески празник. Екипажот на „Шенжоу-21“ на вселенската станица Тјангонг, што значи „небесен дворец“, ја прослави кинеската Лунарна нова година – Годината на коњот. Тројцата астронаути ги испратија своите поздрави до Земјата преку видео објавено неодамна од Кинеската вселенска агенција со екипаж.
– Им посакувам на сите сѐ најдобро и мир – рече Џанг Лу, кој вторпат го поминува празникот во вселената, откако учествуваше во мисијата „Шенжоу-15“, лансирана во ноември 2022 година, при што тогаш остана во орбитата шест месеци.
За астронаутот Ву Феи, ова е неговиот прв Пролетен фестивал во орбитата.
– Годината на коњот бара енергија на галопирачки коњ. Да продолжиме да се стремиме кон нашите соништа и да работиме за среќа. Ви посакувам безбедно и непречено патување напред и живот што станува сè подобар и подобар – рече младиот инженер.
Специјалистот за товар Жанг Хонгџанг исто така првпат ја дочекува Кинеската нова година во вселената.
– Во новата година ќе продолжиме да го истражуваме космосот како галопирачки коњ, пишувајќи нови поглавја на огромното ѕвездено небо. Нека секој потфат биде награден – кажа Жанг, забележувајќи дека научните експерименти на вселенската станица напредуваат постојано.
Ова е четвртиот Пролетен фестивал што астронаутите го прославуваат на вселенската станица откако таа беше завршена во 2022 година. Триото во „Шенжоу-21“ ја украси вселенската станица со црвени фенери, кинески јазли и хартиени резби. Тие исто така ќе уживаат во традициите што обично ги споделуваат со своите семејства на Земјата, како што се јадење кнедли и деликатеси што симболизираат просперитет, мир и среќа. Во споредба со претходните екипи, тимот „Шенжоу-21“ има уште едно јадење на својата маса: свежо печен колач направен во таканаречена „вселенска печка“.
Лансирано на 31 октомври 2025 година, вселенското патување на екипажот „Шенжоу-21“ веќе надмина сто дена. Сите задачи, вклучувајќи научни експерименти, одржување на опремата и управување со здравјето, напредуваат непречено, според вселенската агенција.

































