Фото: Маја Јаневска-Илиева

Земјите во светот рангирани според зависноста од увоз

  • Меѓу економиите што најмногу зависат од увоз често има мали острови или територии без излез на море. Според обработката на „Вижуал капиталист“, меѓу триесетте најзависни земји е и Македонија, која е влезена во овие податоци со 75 отсто

Геополитичките тензии ја ставаат трговијата во центарот на вниманието, поради што многу земји бараат диверзификација на својот увоз. Ова најмногу се должи на фактот што поради тензиите растат и цените на производите, особено на увозните продукти, поради растот на цените на нафтата, но и другите фактори. Ова рангирање ги прикажува земјите со најголем увоз како удел во БДП, врз основа на податоците од Светската банка.
Меѓу економиите што најмногу зависат од увоз често има мали острови или територии без излез на море. Во Хонгконг, на пример, 99 отсто од фосилните горива се увезуваат за да се задоволат енергетските потреби. Куба увезува до 80 проценти од храната што ја користи, што се должи на ниското домашно производство. Со увоз што достигнува до дури 178 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), Хонгконг е рангиран на првото место во светот, како најзависен од увозни продукти.
Но мора да се има предвид дека многу стоки влегуваат во Хонгконг, а потоа се реизвезуваат на друго место оти е еден од најпрометните светски бродски центри. Бидејќи увозот се смета по полна вредност, ова го зголемува неговиот сооднос увоз-БДП.
Други трговски и финансиски центри, вклучувајќи ги европските Луксембург и Сан Марино, како и азиски Сингапур, покажуваат слично висок удел во увозот од истата причина.
Надвор од овие центри, неколку мали островски земји како што се Науру, Сејшелите и Кирибати имаат вредности на увозот над 100 отсто од БДП. Покрај тоа, 26 од топ 30 земји најзависни од увоз имаат население под 10 милиони.
Обединетите Арапски Емирати исто така се многу зависни од увоз, особено храна, што ги прави поизложени на нарушувања во синџирот на снабдување. Имено, дури 90 отсто од нивната храна е увезена.
Во Европа, Словачка, која нема излез на море, е меѓу најзависните од увоз. Таа исто така беше една од ретките европски земји ослободени од забраната за нафта од Русија за ублажување на недостигот, при што Русија снабдуваше 87 отсто од својата нафта.

Македонија меѓу триесетте земји најзависни од увоз

Меѓу другите земји од Европа што имаат висока зависност од увозни продукти се и островската Малта, Белгија, Естонија, Словенија и Македонија. Според обработката на „Вижуал капиталист“, меѓу триесетте најзависни земји е и Македонија, која е влезена во овие податоци со 75 отсто.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, кој ги објавува податоците за трговската размена на нашата земја, соодносот меѓу увозот и извозот на продукти во нашата земја е во неповолна состојба, поради фактот што имаме поголем увоз од извоз на стока.
Иако состојбите се подобриле во текот на минатата година, и понатаму е висока разликата меѓу увозот и извозот. Имено, трговскиот биланс за минатата година или покриеноста на увозот со извоз достигнува 69,4 проценти. Вкупната вредност на трговскиот биланс изнесува 3,1 милиони евра.
Вкупната трговска размена во периодот јануари-декември 2025 година изнесува 19,5 милијарди евра, соопшти Државниот завод за статистика. Извозот на стоки достигнал вредност од осум милијарди евра, при што бил забележан раст од 2,9 отсто во однос на истиот период лани. Што се однесува, пак, до увозот, неговата вредност достигнува 11,5 милијарди евра и е зголемен за 4,4 проценти. Е.Р.