Македонија заслужува што поскоро да стане членка на Европската Унија, оцени вечерва министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Радман нагласи дека земјата е подготвена за следниот чекор во евроинтегративниот процес и дека започнувањето на преговорите е важно пред сè за граѓаните на Македонија.
Според него, Хрватска дава силна и континуирана поддршка на европскиот пат на Македонија, оценувајќи дека земјата постигнала значителен напредок и може да претставува позитивен пример во регионот на Балканот.
-Сетете се пред 20 и повеќе години. Пет месеци претходно почнаа преговорите. Да не се случеше тоа што се случи, Северна Македонија можеби ќе беше во ЕУ пред Хрватска. Ако тогаш постоеја реформски услови, тогаш постојат и сега, по 20 години. Кога зборуваме за тој аспект, гледаме перспектива. И за граѓаните на Северна Македонија е важно за еден позитивен, афирмативен, психолошки моментум да почнат преговорите со ЕУ. Мислам и дека во тој процес, во таа перспектива и динамика, Северна Македонија може да оствари голем прогрес зашто според нашето искуство, знаење и уверување, Македонија е подготвена. Се надеваме дека многу скоро ќе се создадат услови за почеток на преговорите за што имате наша искрена поддршка – рече Радман на заедничката прес-конференција.
Тој додаде дека институционалната подготвеност значително го олеснува процесот на пристапување кон Унијата.
-Најважно е да се почне. И оној момент кога ќе се почне, а на тоа е Македонија, Северна Македонија подготвена, мислам дека членството ќе следи многу брзо – нагласи Радман.
Хрватскиот министер информираше дека односите меѓу двете држави се одлични и без отворени прашања, при што соработката се развива во повеќе области. Како потенцијални сектори за понатамошно продлабочување на партнерството ги посочи енергетиката, здравството и туризмот.
-Билатерално бележиме само јакнење на соработката во економијата, стопанството, во сите сфери кои се од заеднички интерес. Ние немаме никакви пречки, меѓу Македонија и Хрватска е се отворено и пријателски. Јас би сакал таква атмосфера каква што имаат нашите две земји да постои и во другите земји од Западен Балкан. Нашата соработка може да биде пример за други земји од Западен Балкан – потенцира хрватскиот министер.
Одговарајќи на новинарско прашање за можната помош во контекст на спорот со Бугарија и значењето на хрватската поддршка, Радман изјави дека Хрватска води разговори со Бугарија и дека постојат охрабрувачки сигнали.
-Секако дека тука, важни се сите земји членки на Европската Унија. Ние сме исто така пријатели на Бугарија и сакаме тука да најдеме платформа за дијалог, соработка. Мислам дека е во интерес на сите, во интерес на сите е да го видат европското членство на Северна Македонија. Секако дека ние ги следиме процесите во регионот, со сите ќе разговараме, и со Бугарија веќе разговараме за тоа и постојат исто така и позитивни сигнали. Но, таму исто така ќе има избори, така што ќе водиме сметка за тоа и кога ќе дојде новата влада, ќе продолжиме на тој пат на поддршка на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Мислам, уште еднаш истакнувам, дека тоа е во интерес на сите. Во интерес на сите и на целата Европска Унија е да се има земја која е опкружена со земји членки на Европската Унија и природно, геополитички Северна Македонија ѝ припаѓа на Европската Унија. Кога ќе погледнете, има многу геополитички предизвици кои постојат, и ние живееме во едно многу критично време, кога тие вредности се загрозени, ја имаме руската агресија врз Украина. Ние како Европска Унија мора да имаме заеднички одговор. А заедничкиот одговор се подразбира и рефлектира низ солидарност, низ единство, почитување на меѓународното право, низ меѓусебно почитување што всушност ја зајакнува и хомогенизира Европската Унија, но исто така би требало да значи и посилна динамика во приклучувањето на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија, бидејќи тоа е природен геополитички простор. Украина сака членство во Европската Унија. Молдавија сака членство во Европската Унија. Ако сега го следите Исланд, кој во еден момент се исклучи од таа трка поради свои причини, пред сè економски, рибарството и така натаму, сега Исланд најавува дека би распишал референдум. Значи, постои голем интерес токму поради афирмирање на целиот континент како единствен политички простор, со оглед на тоа дека Европската Унија нема алтернатива, но тука мораме да бидеме силни. Кога зборуваме за светот, каде што и меѓународниот светски поредок дојде на некој начин во прашање, мораме да ги бараме оние земји кои ни се слични во поглед на вредностите. Мораме да ја зајакнуваме трансатлантската соработка, тука САД се исклучително важни, како наш партнер. Така што, сè на сè, има простор за соработка, за зајакнување, има простор за одговорни политики, зрели карактери во политиките, кои се свртени кон просперитетот и иднината, на задоволство на граѓаните и на Хрватска и на Северна Македонија, но и секако на целото човештво – подвлече Радман.
Во рамки на посетата, хрватскиот министер претходно оствари тет-а-тет средба со Муцунски, по што следуваше и билатерална средба меѓу делегациите на двете министерства.

































