Собранието денеска ја продолжува 85. седница, на чиј дневен ред се измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и измените и дополнувањата на Законот за минимална плата.
Со предлогот на пратениците од власта се бара продолжување на рокот за легализација на бесправно изградените објекти за уште пет години, односно законот наместо 15 да важи 20 години – до 3 март 2031 година.
Како што образложи пратеникот Бојан Стојановски, целта е граѓаните да не останат со нерешени статуси поради административни пречки.
-Многу наши сограѓани со години се заглавени во лавиринтите на судски спорови за имотно-правни односи, разни постапки или претходни прашања, кои не биле по нивна вина. Актуелниот закон предвидуваше рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети, кои се во процедура, би биле прекинати по сила на законот во фазата во која се затечени – рече Стојановски.
Со измените се овозможува општините да ги довршат веќе започнатите постапки, без можност за поднесување нови барања. Доставени се од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и се предлага дополнителни пет години за легализација на бесправно изградените објекти, односно продолжување рокот на неговата важност до 3 март 2031 година.
-Оваа иницијатива доаѓа како директен одговор на барањето на Управниот одбор на ЗЕЛС и општините што секојдневно се соочуваат со реалните проблеми на терен. Ова законско решение не предизвикува никакви дополнителни финансиски импликации врз буџетот на државата и ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во „Службен весник“ за да нема правен вакуум – посочи Стојановски.
На дневен ред е и предлогот на СДСМ минималната плата да изнесува 600 евра.
Како што изјави пратеничката Јована Тренчевска, ова е одговор на барањата на синдикатите и работниците.
Сведоци сме дека за достоинствен живот работниците се принудени да протестираат на улиците. Поради тоа што нивната мака е тешкото секојдневие, не може да си ги платат сметките и да обезбедат храната за своите семејства – рече Тренчевска.
Пред пратениците е и Предлог-резолуцијата за почитување на стандардите на правична постапка во меѓународното судење против поранешните челници на институциите на Република Косово, поднесена од ДУИ.
Денеска ќе заседаваат и Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно-правната комисија.

































