Вчерашниот изумрен свет
Моите синови се обземени од серијата „Почудни нешта“ (Stranger Things). Со нив и јас ја гледам. Беше најавена како хорор за млади, па кај мене побуди желба да ја гледам. Како студент ме привлекувал „црниот“, готски роман, го читавме и го гледавме „Франкенштајн“ на Мери Шели, а пред тоа, се сеќавам, како средношколци, одевме во киното „Влае“ да гледаме хорор-филмови, од типот „Претскажување“. Па решив да погледнам: што ги плаши денес децата? А што возрасните?
Луѓето се суштества што се плашат, кои сакаат да се плашат, кои дури наоѓаат и уживање во тоа да се плашат и тоа отсекогаш било така: не е стравот измислица на новиот свет. Но во новиот свет стравот стана најпродавана стока, се изнесе на пазар, така што пазарот раководи со производството на страв, според своите „пазарни законитости“: ќе се произведе онолку страв колку што е побарувачката, по жител. Како пекарница: произведува онолку лебови колку што приближно има жители во населеното место. Во таа КУЛТУРА НА СТРАВОТ или во таа ЕКОНОМИЈА НА СТРАВОТ, на прво место профитираат фармацевтската и алтернативната прехранбена индустрија, зашто еден од најчестите стравови што денес се произведува е стравот од болести (и смрт) поради „нездрава храна“ (радијација, канцерогеност, загаденост, адитиви, конзерванси), како и некористење „суплементи“, кои станаа главно јадење на менито на денешниов гастрохипохондрик наместо да бидат тоа што и се „во превод“ – додатоци на исхраната.
Порано, во вчерашниот изумрен свет, со стравот главно раководеа политиката и идеологијата, па тоталитарните режими сееја идеолошки страв (на пример, страв од „Голи Оток“ ако дрдориш против власта и Тито), ама немавме страв дека се храниме нездраво. Пресреќни бевме и со виршлите на „Гавриловиќ“ и со „камп саламата“ – беа врв на менито, а никој не им ги броеше конзервансите во микрограми (не верувам дека немаа конзерванси). Така, стравот не беше на масата од трпезаријата во домот, туку надвор, на улица, во кафеана, на јавни места – идеолошкиот страв дека некој ќе те накодоши. Денес, стравот ни е дома: во кујната, во фрижидерот.
Кога бизнисмените станаа поважни од политичарите, а капиталот ги замени идеите за подобар свет (револуционерните идеи), се смени и перцепцијата на стравот: тој од орудие за покорност (стравот како заканувачки подигнат пендрек) се престори во стока: прашокот со колаген што секое утро го пијам, витаминот Ц од „илјадарка“, магнезиумот, омега-киселините и што ли уште не – се само знаци на мојот страв од болест и старост. Поточно, тоа се лекови за тој страв: стравот е произведен и бесплатно „поделен“ по социјалните мрежи, по медицинските и нутриционистички портали, по ТВ-интервјуата со разни самообразовани „коучи за храна и здрав живот“, обични шарлатани што во парни месеци од годината велат дека маргаринот е подобар од свинската маст за холестеролот, а во непарни тврдат дека „најновите истражувања“ покажуваат: заблуда било дека свинската маст ги качува холестеролот и триглицеридите, зашто тоа го прави маргаринот што вчера го купив за да бидам здрав. Кој повеќе ќе им плати: индустријата за маргарин или онаа за маста, за него гласаат.
Во тој бит-пазар на стравови, некој и нервно попушта, па фармацевтската индустрија, која произведува таблети со седативно дејство, од природно-билни (валеријана) до чиста хемија – анксиолитици, антипаници и антидепресиви, си инкасира дополнителни средства од продажба на стравот. Шемата е проста: медиумите бесплатно плашат, фармацевтите и производителите на „здрава храна“ го наплаќаат „бесплатното“. Профитот се дели, зашто секое медиумско плашење на народот е „платена програма“ од оние што го лекуваат стравот.
Така, и стравот веќе не е она што беше. Не само што е деполитизиран и сведен на личен егоизам (некои родители даваат повеќе пари за свои суплементи одошто за потребите на своите деца) туку е и естетизиран, доведен до совршенство. И во уметничка и во смисла на пенетрантност во длабинската психологија („да ти влезе во потсвеста“). Не беше така порано – стравот беше и наивен и често (бидејќи не бевме дигитално „вмрежени“) „рачно изработен“. Се сеќавам дека на првата екскурзија од основното училиште, наставниците имаа голем проблем да нè заспијат – почнавме да си раскажуваме страшни приказни за духови, се разбира измислени, и се натпреварувавме кој ќе смисли пострашно нешто: духови, вампири, пештери со костури. Тоа беше климаксот на нашиот хорор. На некои школски забави со маскирање, врв беше – од половина излупена главичка кромид, со ножот да направиш „прорези“, а кога ќе ја ставиш „протезата“ во уста, да изгледа како „вампирски заби“. А сега?
Е па, вака: во серијата што ја спомнав, едно чудовиште со натприродни моќи, крева едно 12-13 годишно момче во воздух, момчето избезумено од она што му се случува левитира, а потоа, пред наши очи, една по една (со ужасно крцкање) таа сила му ги крши рацете превртувајќи ги на спротивната страна од лактите, потоа истото го прави со нозете, превртувајќи ги од спротивната страна на колената, за конечно, во крупен план да видиме како очите на момчето се дујат и експлодираат прскајќи врз камерата.
Ви се блуе? Па да, не сме на час по обдукција. Моите деца на тие сцени ги покриваат очите и бегаат во друга соба, велејќи ми: „Кажи кога ќе заврши сцената!“ Се враќаат потоа, затоа што ги интересира трилер, поточно крими-делот од истрагата – очекуваат потрагата по тој мистериозен злосторник да заврши со некакво логично објаснение – вонземјанин ли е тоа, дух ли е на проколнат човек или е тајно оружје што го смислиле лошите Руси, а Американците им го украле, па им избегало од лабораторија (контрола). Сите овие опции се во игра во серијата. И мене ме интересира расплетот, па затоа гледам. Инаку, на веризам (хиперреализам), кој прикажува парчосување тела, кинење глава со гилотина, забивање шприц во око на неподвижен пациент – сум навикнал. Веќе одамна филмската индустрија е обична касапница за човековото тело. Впрочем, и тоа не е ново: од гладијаторите, преку јавните погубувања во средниот век (бесење, клада, гилотина), имаме една тажна историја, која сведочи дека луѓето САКААТ, од публика, да гледаат туѓо черечење (Мишел Фуко).
Но ова ново касапење е – изживување во смислување „најкреативни“, „оригинални“, „иновативни“ начини на парчосување. И тоа е стока: парчосаното човеково тело. Најподмолно се злоупотребува онаа (дури и од психолозите) не докрај разјаснета садистичка, мрачна страст во човекот, да ужива во телесно-физикален веризам, зашто во секој човек веројатно има по еден ѕвер, предатор, кој треба да се држи во кафезот. Ама овие и вакви филмски „производи“, од кои културата на стравот инкасира милионски суми, очигледно го отвора тој кафез, особено кај децата. Затоа, гледаме слики на тела што порано, во вчерашниот изумрен свет можеа да ги видат само неколкумина луѓе: полицискиот инспектор, форензичарите и обдукционистите. Знам само едно: треба ИТНО да се уфрли во рикверц колата на стравот, ако сакаме да си го зачуваме менталното здравје. За почеток, да се врати обдукцијата на судска медицина, каде што и припаѓа. Филмовите можат да се снимаат и на необдукционистички теми. Таквите филмови, кои ја избегнуваат масата за обдукција, можат и да насмеат и да расплачат, и да ве облагородат (пред некој ден го гледав легендарниот Форман, цел, филм по филм), а сепак касата на продуцентот да не остане празна. Зошто, човештво? Зошто станавме сите обдукционисти? А за обдукција на лешот на државата – ни збор, ни желба, ни скалпел. Сите молчат. Како да нема леш.

































