„Арктички стражар“ – воени маневри на НАТО на Арктикот
- НАТО досега имаше фрагментирани активности во регионот на Арктикот, без интегриран оперативен пристап!
Со „Арктички стражар“, стратегијата на Алијансата кон овој регион се менува. Маневрите се дефинирани како „мултидоменска мисија“, која ќе опфаќа интегрирани воени маневри во воздух и на море и копно.
Со официјалното лансирање на мисијата „Арктички стражар“ на 11 февруари, НАТО отвори нова фаза во своето позиционирање на Арктикот – регион што сè поочигледно прераснува во геополитичка арена на иднината.
Според некои западни аналитичари, со маневрите „Арктички стражар“ под единствена команда, Алијансата за првпат ги консолидира сите свои активности на далечниот север. Соговорниците нагласуваат и дека од НАТО сега се сака да се испрати не двојна, туку тројна порака:
– едната кон Москва, а втората кон Пекинг за тоа дека Арктикот нема да биде стратешки вакуум;
– третата порака е и кон Вашингтон, дека „Европа (т.н. Коалиција на подготвените) е подготвена да преземе поголема иницијатива во рамките на Алијансата“.
Централизирање на НАТО-стратегијата за Арктикот
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, најавувајќи ја мисијата „Арктички стражар“ во Брисел, истакна дека „за првпат сè што правиме на Арктикот ќе собереме под една команда“, со цел „да се идентификуваат и пополнат постојните празнини во одбранбената архитектура“. За потсетување, НАТО досега имаше фрагментирани активности во регионот, но без интегриран оперативен пристап!
„Арктички стражар“ е дефинирана како мултидоменска мисија – ќе опфаќа воздух, море и копно. Не се објавени детали за бројот на земјите учеснички. Во мисијата се инкорпорираат и тековните воени активности: данската вежба „Арктичка издржливост“ во и околу Гренланд со учество на 11 европски земји, како и претстојната „Студен одговор“ во Норвешка и Финска, каде што се ангажирани околу 25.000 војници, вклучувајќи и американски сили. Со тоа, „Арктички стражар“ станува чадор-рамка за постојните и идни маневри во високиот север.
„Арктички стражар“ и Гренланд
Лансирањето на воените маневри следува по дипломатски тензии меѓу Данска и САД околу политичката иднина на Гренланд. Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Марк Руте во Давос, според официјалните изјави, резултирала со договор НАТО да игра поголема улога во регионот на Арктикот, за „спречување потенцијално руско и кинеско влијание“.
Но факт е дека во моментов нема значително присуство на руски или кинески бродови во водите околу Гренланд. Исто така факт е и дека климатските промени драматично ја менуваат стратегиската равенка, односно „топењето на мразот отвора нови поморски коридори и пристап до енергетски и минерални ресурси“, трансформирајќи го Арктикот од периферија во центар на идната глобална трговија и безбедност. Р.С
Внатрешнополитичката димензија на воените маневри „Арктички стражар“
Обид на Европа да демонстрира „стратегиска автономија“ во рамките на Алијансата
Според некои аналитичари, интересно е становиштето дека токму маневрите „Арктички стражар“ имаат и внатрешна НАТО-димензија. Во услови на периодични трансатлантски тензии и американски притисок Европа да преземе поголем дел од безбедносниот товар, европските членки на НАТО гледаат можност преку „Арктичкиот стражар“ да ја демонстрираат својата стратешка зрелост.
Данска, Норвешка и Финска – како директно засегнати арктички држави – преземаат видлива оперативна улога. Вклучувањето на 11 европски земји во „Арктичка издржливост“ не е само воена вежба туку и политичка порака: Европа може да координира, планира и спроведува комплексни операции во екстремни услови.
Концептот на „европска стратешка автономија“, кој со години циркулира во рамките на ЕУ, често беше перципиран во Вашингтон како потенцијално дистанцирање од НАТО. Арктикот, меѓутоа, нуди поинаков модел: автономија во рамките на Алијансата, а не надвор од неа. Со други зборови, Европа не се обидува да го замени американското лидерство, туку да покаже дека може да биде покохерентен и поефикасен столб во рамките на заедничката структура. Р.С.
Нова северна безбедносна оска или крај за НАТО какво што го познаваме
„Арктички стражар“ се надоврзува на претходните мисии на НАТО во Балтичко Море, воспоставени во 2025 година по серијата безбедносни инциденти и обвинувања за саботажа на подводна инфраструктура. Со тоа, Алијансата постепено гради континуирана северна безбедносна оска – од Балтикот до високиот север.
Овој тренд укажува на структурна трансформација на НАТО: од фокус кон јужното соседство и антитерористички мисии до враќање на класичната колективна одбрана и одвраќање во евроатлантскиот простор. Во контекст, пак, на американската политика, особено чувствителна околу прашањето за Гренланд, европското засилување на арктичкото присуство има и дипломатска тежина. Со демонстрирање иницијатива, европските сојузници испраќаат сигнал дека „не се пасивни актери во одбраната на Северен Атлантик“. Европејците итро праќаат порака дека „европската автономија не значи оддалечување од САД, туку подготвеност за поголема одговорност“. Во услови на глобална нестабилност и можна промена на американските приоритети, Европа настојува да се позиционира како кредибилен и проактивен партнер. Затоа, според повеќе наши соговорници, „Арктички стражар“ е повеќе од воена вежба. Тој е индикатор за тоа како НАТО се адаптира кон новата геополитичка реалност – внатрешни несогласувања, климатски промени, ресурсна конкуренција и надворешно стратешко ривалство со Русија и Кина.
Истовремено, тоа е тест за европската способност да ја претвори реториката за автономија во конкретна оперативна тежина. Доколку мисијата резултира со поефикасна координација и видливо европско лидерство во регионот, Арктикот може да стане пример за новиот баланс во Алијансата – трансатлантски, но со малку поразлична внатрешна распределба на моќта.
Во спротивно, високиот север ќе остане уште една сцена на зависност од американската воена супериорност. Засега сигналите укажуваат дека Европа сака да игра поактивна улога. Арктикот е местото каде што таа амбиција се става на тест. Ако падне на тестот, според соговорниците, тоа ќе биде и конечен крај на НАТО какво што го познаваме. Р.С.






























