Галерија КО-РА

Во галеријата КО-РА – салон Зелен покрив на ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ е отворена групната изложба на творби на учениците на познатата уметница и педагог Афердита Кики, кои изучуваат ликовна уметност во ателјето за ликовна уметност „Кикис арт клас“. Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, историчар на уметноста, стручна соработничка за визуелни уметности, дизајн и архитектура во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“- Скопје, која истакна дека оваа изложба е од едукативен карактер во рамките на програмата чија цел е афирмација на млади таленти преку годишните групни изложби, кои се реализираат со цел да се презентираат повеќе различни ликовни студија, ликовни ателјеа што работат под раководство на истакнати ликовни уметници.
– Воедно, тоа е и во контекст на заложбата за рано разоткривање и негување на талентите, преку повеќе изразни форми, поттикнување на нивната креативност, но воедно и запазување на еколошката димензија, и тоа од најраната возраст, со акцент и на рециклирањето, колажирањето и примена на разни елементи и од природата, природни материјали, семки, лисја, плодови… Затоа оваа изложба се случува токму во салонот на Зелен покрив, кој е еден од повеќето салони на галеријата КО-РА, со цел да се поттикне и негувањето на зелените оази во урбаната градска средина – вели Виолета Калиќ.
На оваа изложба се претставени над сто дела со најразновидна тематика, настанати во текот на 2025 година, во различни техники, медиуми и формати, кои непосредно ги одразуваат детската фантазија, детските сништа, детските желби и пораки, нивниот чист и неосквернавен светоглед, но воедно ги одразуваат и нивните дострели во совладувањето на основите на ликовниот израз. По тој повод се доделени и благодарници.