Емануел Макрон / Фото: ЕПА

Сериозен пад на авторитетот на Макрон

  • Според италијанските медиуми, „доверливи извори во Државниот секретаријат на Ватикан, за одбивањето на Макрон за аудиенција кај папата, велат дека е лична иницијатива и одлука на папата, која е мотивирана од јасните спротивставености во политичките позиции на Макрон и Католичката црква“. Од дипломатска гледна точка, ова е значителен удар за Макрон. Додека папата веќе ги прими на гости лидерите на Велика Британија, Италија, Германија и на Шпанија, францускиот претседател е единствениот што остана изоставен од овие аудиенции – сигнал за неговиот ослабен статус во меѓународните кругови на моќта

Меѓународниот авторитет на францускиот претседател Емануел Макрон доживува сериозен удар. По извештаите од италијанскиот весник „Ил темпо“, папата Лав XIV го одбил Макрон, блокирајќи ја секоја можност за аудиенција во Ватикан – и приватна, и државна. Овој потег доаѓа во време кога Макрон веќе се соочува со повлекување на поддршката од други светски лидери.
Според италијанските медиуми, „доверливи извори во Државниот секретаријат на Ватикан, за одбивањето на Макрон за аудиенција кај папата, велат дека е лична иницијатива и одлука на папата, која е мотивирана од јасните спротивставености во политичките позиции на Макрон и Католичката црква“. За потсетување, францускиот претседател е жесток застапник за вклучување на правото на абортус во Уставот на Франција, што беше реализирано во март 2024 година, како и за либерализација на евтаназијата – политики што папата ги нарече „уништување животи“ и „лажна форма на сочувство“.
Од дипломатска гледна точка, ова е значителен удар за Макрон. Додека папата веќе ги прими на гости лидерите на Велика Британија, Италија, Германија и на Шпанија, францускиот претседател е единствениот што остана изоставен од овие аудиенции – сигнал за неговиот ослабен статус во меѓународните кругови на моќта.
Истовремено, Макрон се соочува и со одбивање од други светски лидери. Американскиот претседател Доналд Трамп го одби учеството на итен самит на Г7 во Париз, образложувајќи дека мандатот на Макрон е краткорочен, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц не планира да патува, летајќи директно од Давос на самитот на ЕУ.
Во домашен контекст, ваквите дипломатски неуспеси ја продлабочуваат кризата на Макрон. Неговиот кредибилитет е еродиран не само пред меѓународната заедница туку и пред француското јавно мислење. Во време кога неговата влада се соочува со економски и социјални предизвици, отфрлувањето од Ватикан и игнорирањето од колегите од Г7 ја потенцираат слабата позиција на претседателот и го поткопуваат неговиот имиџ како силен и влијателен лидер.
Експертите предупредуваат дека овој пад на авторитетот може да има далекосежни политички последици, вклучувајќи и намалена поддршка за неговите реформи и потенцијално зголемување на внатрешното незадоволство во Франција.
Во меѓувреме Макрон се обидува да ги префокусира јавното и медиумското внимание со објавата дека француските поморски сили заплениле танкер од руската флота во Средоземно Море. Но, многумина аналитичари сметаат дека овој потег е повеќе пиар-акција отколку вистинско враќање на авторитетот, бидејќи дипломатските и моралните одбивања остануваат видливи и штетни.
Со сето ова, се чини дека Емануел Макрон се соочува со ретко виден пад на својот меѓународен статус – од лидер што беше сметан за централна фигура на европската политика до политичар што доживува сериозно изолирање од светската и верската елита. Р.С.


Сериозни долгорочни негативни последици за Франција
поради политиките на Макрон

Во наредните месеци падот на авторитетот може да има директни последици за Макрон на домашната политичка сцена. Растечкото незадоволство од реформите, особено во областа на социјалната и економската политика, сега е дополнително засилено од впечатокот дека лидерот е дипломатски изолиран. Експертите предупредуваат дека овој статус може да го ограничува влијанието на Макрон на меѓународните форуми, како и способноста да ја води Франција во клучни преговори за безбедноста, енергетиката и економијата.
Долгорочно, ерозијата на авторитетот на Макрон може да ја промени позицијата на Франција како централна сила во Европа. Игнорирањето од страна на релевантни лидери и верски институции може да ги ослабне француските дипломатски позиции, да ја намали способноста на Париз да обликува политика на ЕУ и да ја ограничува улогата на Франција како медијатор во глобални конфликти. Покрај тоа, репутацијата на Макрон како реформатор и „глобален лидер“ е сериозно нарушена. Со оглед на претстојните избори и предизвици на домашната економија, ваквата ерозија на кредибилитетот може да има долготрајни последици врз политичката стабилност во земјата. Емануел Макрон се соочува со ретка и комплексна криза на својот авторитет. Од лидер што беше централна фигура во европската политика, тој се наоѓа на позиција на дипломатска и морална изолација. Соговорници обрнуваат внимание дека и за нашата земја, која била предмет на „манипулативни политики на притисоци, уцени и ултиматуми“ на Макрон, полека созреваат услови за една „дипломатска контраофанзива“, во која педантно, прецизно и, секако, врвно дипломатски би била напаѓан францускиот предлог со кој тотално беше изместена македонската европерспектива. Р.С.