Претседателе, време е да заминете од функцијата претседател

Обете, и отсуството на надежта – очајот за стореното и постоењето на надежта – утре ќе биде подобро, се илузии. Времето, како што го доживуваме, е континуиран тек на „сегашноста“ – минлив момент, каде што минатото (сеќавањата) се среќава со иднината (очекувањата). За многу мислители, времето не е река што тече, туку димензија каде што минатото, сегашноста и иднината коегзистираат, оттука, според нивното мислење, „сега“ е само наша перцепција за промена, илузија за „премин“ во безвременскиот универзум. Она што го прави времето толку збунувачко е тоа што, на пример, во физиката, колоквијално говорејќи, постојат три различни начини на дефинирање на времето, коишто сѐ уште не се обединети.
Првата дефиниција произлегува од равенките што опишуваат како работите се менуваат со текот на времето. Постојат многу равенки што опишуваат сè, од движењето на тениските топчиња, до распаѓањето на атомските јадра. Во сите овие равенки, времето е величина на која можеме да ѝ доделиме одредена вредност. Втората дефиниција за времето доаѓа од теориите за релативност на Ајнштајн, каде што времето е димензија: освен трите просторни димензии, времето е четвртата димензија во четиридимензионалниот време-простор. Нашата слика за реалноста е таква што минатото, сегашноста и иднината се еднакво реални и коегзистираат, исто како што сите точки во просторот се еднакво реални. Уште повеќе, времето е тесно поврзано со гравитацијата: според Општата релативност, обликот на време-просторот е под влијание на гравитацијата. Третата дефиниција за времето произлегува од термодинамиката – дисциплина што ги опишува својствата на голем број честички третирани во однос на макроскопските величини какви што се: топлината, температурата и притисокот. Тука, времето е насока којашто покажува од минатото кон иднината. Ова обично се формулира преку Вториот закон на термодинамика: ентропијата секогаш се зголемува или останува иста, никогаш не се намалува. Сепак, и покрај сите неповратни (нереверзибилни) процеси што ги гледаме околу нас, факт е дека сите фундаментални равенки на физиката се реверзибилни во однос на времето: равенките важат и тогаш кога се менува насоката на времето.
Ако сегашноста е момент во кој минатото – сеќавањето на разнебитувањето на МАНУ што се случи во 2025 година, се среќава со иднината – очекувањето дека состојбата во МАНУ, можеби, ќе се подобри во втората половина на 2026 година, и ако сегашноста е реалност тогаш што треба денес да сториме? Ќе почнам со кус опис на состојбата во која се наоѓа МАНУ – резултат на дејствата спроведени во 2025 година – состојба што се карактеризира со анархија, самоволие и безизлез, за што исклучиво е виновен претседателот на МАНУ. Според Статутот на МАНУ, претседателот „ги потпишува актите донесени од Собранието и од Претседателството и го следи нивното извршување“ и Претседателот „е одговорен за законитоста во работата на Академијата“. Одлуките што се донесени на Претседателството на МАНУ се објавуваат во Билтенот на МАНУ – документ што се класификува како документ од јавен карактер, што, пак, мене ми овозможува непречено да ги предочам одлуките на Претседателството на МАНУ до јавноста. Ќе издвојам, од огромниот број нелегални дејства што ги потпиша претседателот на МАНУ во 2025 г., неколку одлуки и акти по кои Државниот завод за ревизија (ДЗР), според моето мислење, очекувано е да даде негативно мислење, утврдувајќи незаконитост на актите и препорачувајќи нивно поништување и усогласување со законската и подзаконската регулатива, како и со интерните акти на МАНУ:

1. Договорот за вршење вонредна внатрешна ревизија (спротивно на Законот за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор од 2024 година, според којшто внатрешна ревизија не може да прави надворешно лице ангажирано како ревизор) и одлуките произлезени од препораките врз основа на таквиот ангажман;
2. Одлуката за потврдување на Одлуката за прераспределување, донесена од ист орган по приговор на вработениот, со кои е прекршено уставно загарантираното начело на двостепеност и принципот на праведна постапка и непристрасност (МАНУ се претвори во институција во која се спроведува максимата: „Кадија те тужи кадија ти суди“);
3. Одлуките за бесправно раскинување Договор за работа (иако договорите за работа со кои е обезбедено враќање на вработениот на претходното работно место на кое тој бил именуван пред изборот, последователно, едноподруго, се потпишани од двајца поранешни претседатели; не е донесена Одлука за разрешување од договорното работно место, додека, пак, Одлуката за прераспределување на ново пониско работно место не содржи правна поука, ниту во Диспозитивот ниту во Образложението на Договорот, за вложување правен лек против донесениот правен акт, и на тој начин се доведува во прашање правото на натамошна правна заштита, а донесена е ретроактивно);
4. Одлуките донесени за да „озаконат“ незаконски дејства сторени во минатото;
5. Одлуките донесени спротивно на интерните акти на МАНУ и актите проследени до надлежни инстанции, кои не обезбедуваат правна сигурност и веродостојност на интерните акти на МАНУ и на одлуките на Претседателството на МАНУ.
Има уште многу други примери за ваков тип нерегуларни документи, но јас одлучив да издвојам само дел од нив и за нив, во изминатиот период, гласно истакнував дека имаат ваков предзнак, но за сметка на тоа, неосновано бев критикуван од претседателот на МАНУ, притоа напоменувајќи дека за овие мои согледувања ќе упатам информација и до ДЗР, а во пресрет на претстојната ревизија на регуларноста на работењето на МАНУ. Во контекстот на мојата активност, пред ДЗР напоменувам дека, во согласност со одредбите од Законот за државната ревизија, субјектот на ревизија не смее да го ограничи обемот на испитувањата или да оневозможи примена на одредени ревизорски постапки, така што претставниците на ДЗР имаат слободен пристап, право на увид во целокупната документација, како и право да бараат објаснувања за сите прашања од значење за вршењето на ревизијата. Оттука, независно од моите активности пред ДЗР, законскиот застапник на субјектот, претседателот на МАНУ е должен на овластениот државен ревизор и на државниот ревизор да им ги стави на располагање и да им обезбеди копии од потребната документација, исправите, извештаите и други евиденции, и да им даде други информации неопходни за спроведување на државната ревизија, а сметам дека овие информации се токму во рамките на предметот и служат за исполнување на целта на ревизијата.

Дали состојбата во МАНУ, можеби, ќе се подобри во втората половина на 2026 година? Според моето мислење, надминувањето на состојбата во која се наоѓа МАНУ, ќе повторам – за што е виновен исклучиво претседателот на МАНУ, се граничи со невозможна мисија. Разумот и словото на правото одамна – повеќе од една година, не се присутни во просториите на Академијата. Континуирано, синхронизирано и оркестрирано, низ шепот, провејуваат неосновани обвиненија против мене, се оцрнува работата на досегашниот секретар на Секретаријатот на МАНУ, се проблематизираат барањата на членовите на МАНУ, кои за одредени прашања немаат исто мислење со претседателот на МАНУ, се напаѓа дел од администрацијата како дел од целокупното сценарио, се оптоваруваат со административна работа научните соработници коишто соработуваат со мене, па оттука, надежта дека Собранието ќе стори што било со забележителен ефект е многу мала.
Ако очајот и надежта се илузии, како понатаму? Додека научниците копаат подлабоко во мистериите на времето (некои тврдат дека каузалноста е света и мора да се зачува по секоја цена, други се залагаат за идејата дека иднината влијае на минатото, трети веруваат дека времето ги содржи сите свои различни својства во зависност од тоа како го користиме: димензијата на време-просторот, величина според која треба да се мери и неповратната стрелка), нам ни останува можноста сега да сториме нешто. Дали ќе имаме сили да се соочиме со вистината и да поведеме соодветна постапка пред највисокиот орган на МАНУ, со цел да ги возобновиме вредностите, правната сигурност и изворните интереси на институцијата, зацртани уште во времето на нејзиното втемелување, а фокусот да го поставиме на основната и суштинска дејност, достојна за титулата академик и за научноистражувачката и културната општествена сфера каде што и припаѓа Академијата како ентитет од посебен општествен интерес? Да се ​​повлечеме и да мудруваме, да деконструираме зошто работите не успеваат е многу полесно отколку да останеме одговорни за она што некој сè уште продолжува да го прави. Некој, којшто сега е затекнат од можноста да раководи, но тоа го злоупотребува на таков начин што не може да се искаже, може да ги блокира моите постапки, да ги фрустрира моите планови и да предизвика мојата потрага по вистината и по правдата да пропадне; тој може да предизвика моите желби за праведност и за вистинољубивост да пропаднат, но не може да ми ја одземе способноста да сакам. Но тоа беше во минатото – молчев, надевајќи се, во очај, на подобри времиња. Меѓутоа, и очајот и надежта се илузии.

За некои мислители, разликата помеѓу минатото, сегашноста и иднината е илузија: физичките равенки не прават разлика помеѓу „сега“ и кој било друг момент. За други мислители, бидејќи животот може да се доживее само сега, сегашниот момент е „вечен“ – тоа е единствената арена каде што се случува постоењето. Меѓутоа, за сите „сега“ треба да значи нешто многу повеќе: тоа треба да биде нашата совест. Мислителите прават разлика меѓу зборовите: Претседател и претседател. Првиот збор се користи за „човекот што ја извршува функцијата претседател“, додека, вториот, за „канцеларијата претседател“. Парафразирајќи го Тукидид, најголемата закана за МАНУ доаѓа однатре. Зборот „однатре“ се однесува на владеењето со институцијата, или, цитирајќи го Вебер, се манифестира преку „харизмата на канцеларијата и достојноста на личноста што ја окупира неа“. Парафразирајќи ги зборовите на Исус, пазете се од лажните претседатели, „кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи“ (Матеј 7:15), Ви се обраќам Вам, претседателе, зашто Вие не сте достоен за извршување на функцијата претседател. Заминете си, за доброто на МАНУ!

Љупчо Коцарев, Академик