Фото:Беким Сали/Фејсбук

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска го избра министерот за европски прашања Беким Сали за член на Националниот совет за евроинтеграции, а утврди и предлог за членови во Комисијата за спречувања и заштита од дискриминација.

Членовите на Комисијата едногласно за член на Националниот совет за евроинтеграции, на местото на поранешниот министер за европски прашања Орхан Муртезани, го избраа новиот министер за европски прашања, Беким Сали.

На денешната седница беше прифатено барањето на Миле Стојановски за повлекување на неговата кандидатура за член на Комисија за спречување и заштита од дискриминација и на негово место беше предложен Линко Бејзаровски. Со направената измена, до Собранието беше доставена изменета листа со кандидати во која сега се Линко Бејзаровски дипломиран политиколог доктор по историски науки од село Пласница, Наташа Амдиу, дипломиран правник и магистер на правни науки од Берово и Џихан Амхмед, дипломиран правник и магистер по правни науки од Скопје.

Дополнително, Комисијата констатираше дека по јавниот оглас за избор на директор и заменик директор на Агенција за заштита на право за слободен пристап до информации од јавен карактер се пријавиле само двајца кандидати, а од нив еден не доставил потврда дека има најмалку осум години работно искуство во областа на информирањето и правните науки.

Поради тоа, собраниската Комисија одлучи огласот да биде поништен, а во наредниот период ќе биде објавен нов јавен оглас за избор на директор и заменик директор на Агенција за заштита на право за слободен пристап до информации од јавен карактер.