Википедија го прослави својот 25. роденден

Глобалната енциклопедија Википедија го прослави својот 25. роденден, потврдувајќи ја својата улога како клучен извор на информации. Македонската Википедија — издание на Википедија на македонски јазик, пак, е енциклопедија што е слободна и достапна за уредување. Ова издание е почнато во септември 2003 година, а моментално има 158.016 статии и 128.751 регистриран корисник. Таа го достигнала бројот од 10.000 статии во 2007 година. Македонската Википедија претставува витален дигитален архив, кој го зачувува и афирмира македонскиот јазик во глобалниот информациски простор преку волонтерски ангажман и институционална поддршка.

Посетеноста на македонската верзија се зголемува

Посетеноста на македонската верзија може да се согледа и низ следните бројки: вкупно 63,7 отсто посети се од Македонија, 13,4 отсто од САД, 6,8 отсто од Германија, 4,8 отсто од Франција, 2,1 отсто од Канада и 9,2 отсто од другите земји.
На Попова Шапка од 5 до 7 декември минатата година, вкупно 43 волонтери создадоа 243 нови статии на македонски јазик за глобалната интернет-енциклопедија Википедија, за време на одржувањето на седмиот по ред „Вики-камп“, на темата „Занаети во светот“. Преку создавање статии, дискусии и предавања, учесниците не само што ја збогатуваа Википедија туку имаа можност и да дознаат повеќе за занаетчиството преку едукативни предавања, информираат од Викимедија МКД, невладина организација што се занимава со умножување слободни содржини и единствен македонски разгранок на Фондацијата Викимедија.
Предавања одржаа Ненад Шундовски, координаторот за ГЛАМ-програма на Викимедија МКД, Орце Нинески и Лили Арсова, координаторка на Вики-клуб од Велес. Свои обраќања имаа и претседателот на здружението, Николче Стојаноски, и извршната директорка на Викимедија МКД, Снежана Штрковска. Оваа иницијатива имаше цел да ја збогати содржината на Википедија на македонски јазик, како и да ги едуцира младите за користење и придонесување кон слободните енциклопедиски знаења. Кампот е дел од поголемиот број проекти и настани што ги организира Викимедија МКД, невладина организација што се занимава со умножување слободни содржини достапни за секого.
Викимедија МКД еднаш годишно организира „Вики-камп“. Како дел од глобалната Фондација Викимедија со седиште во Сан Франциско, Викимедија МКД ги користи своите волонтерски капацитети за да создаде за читателската публика што поголем број бесплатни и добро потврдени енциклопедиски содржини.

Начин за справување со маргинализацијата на помалите јазици

Успехот на проектот во Македонија се должи на посветеноста на активните уредници и поддржувачи, кои волонтерски придонесуваат со содржини. Преку иницијативи како „Вики-клубови“ и уредувачки маратони, Викимедија МКД поттикнува дигитална писменост кај младите. Овие активности се клучни за одржување на квалитетот на статиите и за проширување на темите од областа на науката, културата и историјата на Балканот, спротивставувајќи се на маргинализацијата на помалите јазици.
Оваа платформа е доказ дека македонскиот јазик има свое значајно место во светската мрежа на информации. Со постојан труд, посветеност и ентузијазам, Википедија на македонски јазик ќе продолжи да се развива и да биде скапоцен извор на знаење за сегашните и идните генерации. Во ерата на дигитализација, пристапот до релевантни и точни информации на македонски јазик е клучен. Википедија овозможува слободен пристап до знаење за секого, без оглед на возраста, локацијата или образованието. Со тоа, таа игра важна улога во образованието, научните истражувања, новинарството и секојдневното информирање на македонските граѓани.
Википедија на македонски јазик придонесува за зачувување и промовирање на македонскиот јазик во дигиталниот простор. Преку статии за историјата, јазикот, културата и обичаите на Македонија, оваа енциклопедија служи како дигитална архива на националното наследство.
Википедија овозможува бесплатен пристап до енциклопедиски содржини на 340 јазици. Првата јазична верзија е Википедија на англиски јазик, која е основана на 15 јануари 2001 година. Основачи на најпознатата енциклопедија и креатори на идејата се Џими Велс и Лери Сангер, кои со здружени сили ја започнале работата, првично само на англиски јазик. Македонската јазична верзија на Википедија е основана во септември 2003 година и е во постојан раст, квантитативно и квалитативно. В.Д.