Американската филмска академија ги објави кандидатите за „оскар“

Академијата за филмска уметност и наука објави дека вкупно 317 играни филма се подобни за разгледување на 98. доделување на „оскарите“, од кои 201 филм ги исполнуваат условите за категоријата најдобар филм. Ова претставува благ пад во однос на минатата година, кога 323 филма беа подобни во целина, а 207 конкурираа за најдобар филм. За разлика од другите категории, кандидатите за најдобар филм мора да исполнат построги критериуми, вклучувајќи поднесување доверлив формулар за репрезентација и инклузија и проширена кинодистрибуција.
Овие стандарди бараат филмовите да исполнат најмалку два од четири критериуми поврзани со застапеноста на екранот, креативното раководство, пристапот до индустријата и развојот на публиката. Дополнително, филмовите мора да имаат најмалку седумдневна проекција во десет од 50-те најголеми американски пазари, во рок од 45 дена од првичната премиера во текот на 2025 година.
Некои доцни изданија сè уште имаат привремена подобност. Филмовите што нема да ја завршат планираната проширена кинодистрибуција до 22 јануари 2026 година може да бидат отстранети од трката. Продуцентите и дистрибутерите исто така имаат право доброволно да ги повлечат своите филмови од конкуренцијата за најдобар филм.
Објавата доаѓа само неколку дена по наградите од критиката, каде што филмот „Една битка по друга“ на режисерот Пол Томас Андерсон доминираше, освојувајќи ги наградите за најдобар филм и режија. Актерот Тимоти Шаламе ја освои наградата за најдобар актер за улогата во „Марти суприм“, додека „Синерс“ и „Франкенштајн“ освоија по четири признанија. По овој успех, „Една битка по друга“ се смета за водечки фаворит во пресрет на „оскарите“.
Официјалната листа на номинирани ќе биде објавена на 22 јануари. Церемонијата ќе се одржи на 15 март 2026 година, со Конан О’Брајан како водител.