Митрополит дебарско–кичевски г. Георгиј

Дебарско-кичевската епархија подготвена како никогаш досега за најмaсовната верско-културна манифестација во земјава, Богојавление-Водици

Православните верници во земјава со нетрпение го очекуваат понеделник, 19 јануари, за заеднички да го одбележат големиот христијански празник Богојавление-Водици. Како по традиција, празникот најмасовно се празнува во Дебарско-кичевската епархија, каде што речиси сите населени места на највисоко ниво ги почитуват верските традиции и граѓански обичаи, пред сѐ во Охрид и Струга на брегот на Охридско Езеро.

Здрава кохезија меѓу граѓаните на Македонија

Интересот за учество во манифестациите за Водици годинава бележи пораст. Освен оние што се осмелуваат да скокнат по крстот во осветените води, празникот го следат и голем број граѓани, за кои Водици претставуваат не само религиозен туку и културен и општествен настан, настан преку кој се гради и отсликува здрава кохезија на населението.
Богојавление–Водици го симболизира духовното раѓање на човекот – почетокот на животот во верата и е потсетник на христијанските вредности, кои и денес силно одекнуваат меѓу верниците низ целата држава.
За годинава се најавува една од најмасовните прослави на Богојавление во Охрид. Она што годинава му дава посебно значење на одбележувањето на големиот празник е фактот дека за пр пат езерските води ќе ги освети новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија, г. Георгиј. Традицијата за спуштање на светиот крст во езерото ќе ја продолжи новиот митрополит, откако лани таму беше архиепископот на наѓата МПЦ-ОА, г.г.Стефан.
Во координација на локалната власт, веќе се завршени сите подготовки, а на состанокот на митрополитот Георгиј, заедно со претставници од МПЦ, со јавните претпријатија, од МВР, Капетанијата, Црвениот крст и нуркачите клубови беа дефинирани сите детали за настанот да биде реализиран во најдобар ред.
Според распоредот што е дефиниран од страна на Дебарско-кичевската епархија, на 19 јануари (понеделник), централните празнувања започнуваат во раните утрински часови со свети и празнични литургии во сите парохиски цркви, по што трите литии од црквите „Св. Богородица“ – Каменско, „Св. Георгиј“ – Горна Влашка Мала и „Св. Никола“ – Геракомија ќе се упатат кон градското пристаниште. Чинот на полагањето на светиот крст во водите на Охридско Езеро ќе биде во 10 часот од колцето на пристаниште, а ќе го изврши митрополитот дебарско–кичевски г. Георгиј.

Струга, Охрид, Кичево, Радика…

Во рамките на подготовките за овој величествен настан, во сите парохиски цркви во Охрид во тек е пријавувањето на верниците што сакаат да бидат дел од најмасовната културно-верска манифестација кај нас. В недела, 18 јануари, од 19 до 23 часот на пунктот на Црвениот крст во Охрид, поставен на платото помеѓу Капетанијата и ресторанот „Чун“, медицински тимови ќе вршат основни здравствени прегледи на оние што се одлучиле да „скокаат“ по положувањето на светиот крст во водите и нивното осветување.
Паралелно со ова, посебни подготовки се во тек и во Струга, каде што положувањето на светиот крст традиционално се одвива во водите на Црн Дрим. Осветувањето на водите и положувањето на светиот крст во водите на Црн Дрим в понеделник ќе почне во 11 часот на Чаршискиот мост, а ќе го изврши митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј.
Богослужбата во соборниот храм „Свети Ѓорѓи“, од каде што и ќе тргне поворката, ќе почне во 7.30 часот, а поаѓањето кон Чаршискиот мост ќе биде во 10.30 часот.
За безбедноста на капачите и годинава ќе се грижат волонтерите на Црвениот крст од Струга, од каде што препорачуваат внимателно да се пристапува во студените води на реката Црн Дрим.
Празникот Богојавление-Водици масовно се одбележува во Струга. Секоја година голем број верници скокаат по светиот крст во студените води на Црн Дрим, но голем е бројот и на оние што влегуваат во осветените води за здравје. Се верува дека оној што ќе го фати светиот крст ќе има бериќетна година.
Традиционално, по повод празникот Богојавление-Водици, во Кичево светиот крст се положува во градскиот базен. По завршување на литургијата, која е закажана за утрото во 8 часот, во 10.15 часот Кичевската парохија заедно со свештенството во поворка ќе се упатикон градскиот базен, каде што ќе започне „Водосветот“, а потоа ќе се положи крстот во 11 часот.
Во рамките на Дебарско-кичевската епархија се очекува да има масовност за време на одбележувањето на големиот празник на брегот на реката Радика, за што годинава, за само два дена, над сто верници од повеќе градови на нашата држава се пријавени за положувањето на светиот крст во водите на реката. Според најавите, се очекува до понеделник да се пријават и повеќе од 200 верници. На свечениот чин на полагање на светиот крст во водите на Радика, по традиција, ќе присуствуваат претставници на Општина Маврово и Ростуше, како и жители од долнореканските села. Претходно учесниците во чинот на полагањето на крстот во водата ќе учествуваат и на божествената литургија со примање на светата причест.
На 19 јануари, на денот на празникот, во 8 часот, ќе биде одржана Божествена Златоустова литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во селото Ростуше (Дебарско-кичевската епархија), од каде што во 9.30 часот ќе тргне литијата до Ростушки мост, каде што ќе биде полагање на крстот во реката Радика.