Учебната година во сите основни и средни училишта на територија на цела држава почнува на 20 јануари, потврди денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска која беше во посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип.
– Вчера веќе имавме изјава од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје дека нема да има пречки за новата учебна година. Апелирам до родителите, учениците да се редовни во училиштето и што е можно поретко да изостануваат. Затоа што сите испитувања и во Македонија и секаде во светот велат дека учениците, кои редовни ги посетуваат училиштата постигнуваат подобри резултати – вели Јаневска.
Таа во својот апел до родителите порача да престанат со праксата да ги оправдуваат часовите и да не им дозволуваат на своите деца одмори во текот на учебната година и како што рече „децата треба да се од првиот до последниот ден на училиште, освен кога државата заради некаква поголема сила ќе одлучи дека тоа не треба да се случи“.

































