- Ама ајде да си го кажеме вистинското прашање: Што точно се осудува? Се осудува редот. Се осудува дисциплината. Се осудува оној што ја создал македонската држава, оној што ја омеѓил, оној што во тие историски услови создал правила и чувство дека не може секој да прави што сака… А најинтересното од сѐ е од каде доаѓаат тие осуди и повици?
- Да се осудува животот на обичниот човек во комунизмот – не политичарите, туку народот – е во најмала рака малоумно. Немаше екстремни богаташи тогаш. Тие се создадоа во „слободоумната“ демократија. И тоа од луѓе што без демократијата и нејзините дупки, денес ќе беа обични граѓани, а не газди на државата
Сè почесто слушаме повици за „осуда на комунизмот“. Како да е тоа некаков морален спорт, модерна мантра, доказ дека си „демократ“. Па така, деновиве можевме да слушаме некакви тврдења на политичари за „црвени барони“ што нѐ ограбиле со аграрна реформа, колективизација, национализација, приватизација… осудувајќи ги без дополнителна аргументација политиките на поранешниот систем на кој припаѓаше и Македонија.
Ама ајде да си го кажеме вистинското прашање: Што точно се осудува? Се осудува редот. Се осудува дисциплината. Се осудува државата што имала граници, правила и чувство дека не може секој да прави што сака – на штета на сите. И најинтересното: Од каде доаѓаат тие повици?
Од луѓе што во „омразениот“ комунизам живееја како средна класа, со сигурна работа, стан, здравство и образование – а денес, во демократијата, се милионери. Баш тие. Истите тие.
Каква репресија, бе? Тоа што немало слобода секој да плука по државата и да работи против нејзините интереси не е репресија – тоа е ред. Од оваа „слобода“ што ја славиме денес дотеравме дотука каде што сме: до никаде со вакви интелектуалци што пропагираат осуда на својата историја, на својата државотворност, осуда на квантниот скок во еволуцијата на македонската нација, која ги доби тогаш сите прерогативи на држава, за која векови се бореле нејзините ќерки и синови.
И, да, имало и грешки. Да, и во комунизмот имало понекој што се офајдил. Екстремно малку. И најголемиот „коруптивен скандал“ беше ако некој функционер со партиска врска добие барака од 80 квадрати. Толку. Ситна, речиси невидлива корупција.
А денес? Денес зборуваме за кражби во тешки милиони. За градоначалници без грам памет што за неколку години стануваат милионери. За политичари што не се писмени името правилно да си го напишат, а управуваат со милионски буџети. Корупција во незамисливи размери – и тоа под знамето на „демократијата“.
Да, денес имаме слобода. Секој може да го плука премиерот, претседателот, државата – и нема да оди во затвор. И што добивме од таа слобода? Подостоинствен живот? Посигурна иднина? Повеќе правда? Не. Добивме држава во која мирниот и сигурен живот е минато, а несигурноста е секојдневие.
Да се осудува животот на обичниот човек во комунизмот – не политичарите, туку народот – е во најмала рака малоумно. Немаше екстремни богаташи тогаш. Тие се создадоа во „слободоумната“ демократија. И тоа од луѓе што без демократијата и нејзините дупки, денес ќе беа обични граѓани, а не газди на државата.
Да се осудува мирниот и сигурен живот значи дека некому му одговара хаосот. Некому му одговара „слободата“ без одговорност. А сигурно не им одговара на мнозинството граѓани. И покрај тоа што одамна не постои, токму затоа голем број граѓани сѐ уште со носталгија се сеќаваат на некогашната Југославија и многумина се прашуваат и коментираат кој е виновен за распадот на таа силна држава, која беше почитувана низ целиот свет.
И, да, ќе кажам гласно: да имаше и денес правила како тогаш – строги казни за тие што ја плукаат државата, строги казни за тие што имаат екстремно повеќе од обичниот граѓанин – денес ќе се живееше помирно, посигурно и подостоинствено.
Ова не е носталгија. Ова е проста математика. Народниот капитализам на кој се повикува во осудата на комунизмот не се покажа како соодветно решение, каде што богатиот сопственик е слободен, како што се тврди. Таквата осуда денес не е борба за слобода. Тоа е оправдување за грабежот што го живееме секој ден. И на крајот, потсетување за краткото паметење на иницијаторите на „осудата“ на комунизмот. Во Собранието веќе има донесено Резолуција по овој основ. Се разбира, не е ваква, непрецизна, непедантна и малициозна, која не се стреми да се пресметува како со смртен непријател, туку која ги признава грешките, но го признава и историскиот континуитет.
































