Деновиве слушам паника насекаде. Америка го киднапирала венецуелскиот претседател Николас Мадуро, ќе го преземела Гренланд, светот оди во пропаст, ќе имало голема војна, катастрофа, апокалипса. Како нешто ново да се случува. Како првпат човештвото да гледа алчност, сила и закани.
Ајде да се договориме еднаш засекогаш: ништо ново не се случува. Светот не се сменил. Луѓето не се смениле. Лидерите не се смениле. Се сменила само илузијата дека некогаш биле поинакви.
Истата приказна ја гледаме со векови. Истата алчност, истата жед за моќ, истото газење преку луѓе, држави и животи. Само сценографијата се менува – некогаш коњи и мечеви, денес дронови и санкции. Суштината е иста: територија, пари, влијание.
Очекуваме нешто да „еволуирало“. Од каде? Од луѓе што се однесуваат полошо од животни во борба за плен? Животното убива за да преживее. Човекот убива за да владее.
Иронијата е што денес единственото нешто што покажува повеќе емпатија и човечност од луѓето е – вештачката интелигенција. Машина. Алгоритам. Код. Без его, без алчност, без потреба да доминира.
А „разумниот човек“? Тој уште верува дека моќта се мери со тоа колку други можеш да згмечиш. Без војни, без грабање, без закани – големите сили не знаат да функционираат. Не умеат. Никогаш не умееле. Мирот им е здодевен, стабилноста им е закана, а човечкиот живот е само бројка во табела.
Затоа ниту една војна не треба да нè чуди. Ниту една интервенција. Ниту една „изненадувачка“ одлука. Чудно би било да не се случи. Луѓето не се важни. Така функционира системот. Важна е моќта. Важни се парите. Важен е контролниот панел, не пешадијата.
И колку и да се лажеме со приказни за вредности, демократија и морал, на крајот секогаш победува истото правило старо илјадници години: посилниот зема, послабиот брои мртви. Светот не оди во некаков нов хаос. Тој отсекогаш бил таму. Само сега престанавме да се лажеме дека не е.
































