Во големата сала на Центарот за култура во Кичево, денеска, со почеток во 19 часот, предновогодишен концерт ќе одржат хорот и оркестарот при ОСУ „Мирко Милески“. На овој концерт хорот и оркестарот ќе изведат по четири песни и ова е убава можност младите таленти средношколци да ги покажат своите музички квалитети пред многубројниот аудиториум.
– Како најава на доаѓањето на Новата година, хорот и оркестарот од нашето училиште на предновогодишниот концерт ќе изведат повеќе песни и оркестарски нумери. Ќе бидат застапени: „Неправда“ на групата „Лева патика“, „Ој девојче, девојче“ од Тоше Проески и групата „Синтезис“, „Излажи ме“, исто така на Тоше. Оркестарот ќе има четири изведби, меѓу кои сплетот „Ратевка-Беровка“, на пијано нумера ќе изведе Ана Софрониеска, ученичка од прва година, а во преостанатите оркестарски изведби ќе учествуваат и други ученици од нашето училиште. Ова музичко патување ќе трае околу 70 минути и сметаме дека со понудената програма ќе ги задоволиме вкусовите на нашите сограѓани – вели Благојче Аврамоски, професор по музика во ова училиште.