Вчера во спомен-собата на писателот Васил Иљоски во Крушево, се одржа свечено доделување на нововостановената книжевна награда „Васил Иљоски“ што ја доделува Здружението за афирмација на културата, екологијата и руралниот туризам „Културен манифест“.
Истакнатиот македонски професор, писател и колумнист Венко Андоновски е добитник на наградата за животно дело, на писателот Михајло Свидерски му беше врачена награда за развој на македонската книжевност, а на авторот Никола Јовановски, специјална награда за четириесетгодишно творештво.

Настанот се одржа во присуство на градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, снаата на писателот Иљоски, Весна Иљоска, претседателот на книжевниот кружок „Васил Иљоски“, Валентин Тасески и бројни почитувачи на македонската литература.
Биобиблиографиите на лауреатите со осврти кон нивното творештво ги претставија Маја Митева Петроска, Марија Трифуновска Тасеска и Никола В. Ристевски.
По доделувањето, следеше интерактивен дел кој вклучи читање извадоци од најновите дела на наградените писатели од страна на ученици од СОУ „Наум Наумовски-Борче“, како и разговор меѓу писателите, членовите на литературниот кружок и публиката.
Со овој настан кој има тенденција да прерасне во традиционален, годинава се одбележуваат 125 години од раѓањето и 30 години од смртта на Васил Иљоски, еден од столбовите на македонската драмска книжевност.
Ф.Д.

































