Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по влажни коловози. Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри има на планинскиот премин Ѓавато и во Крушево – соопшти Автомотосојузот на Македонија.
АМСМ информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат соопштува дека слаб снег провејува на планинските премини Плетвар, Ѓавато, Буково, Пресека и во Крушево кој во моментов не се задржува на коловозот.
Се препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.
































