Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О'Флаерти / Фото: ЕПА

Од обраќањето на Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти

  • Посветеноста на Европа кон човековите права, демократијата и владеењето на правото не е слабост. Напротив, таа е нашата најголема стратешка сила. Сепак, геополитичките превирања ја доведуваат во прашање оваа реалност. Сè повеќе, земјите се повлекуваат во своите тесни национални интереси, занемарувајќи го меѓународното право, нагласува Мајкл О’Флаерти

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, остро ги отфрли критиките, кои сѐ почесто се слушаат од некои „стари демократии“ за системот за заштита на човековите права во Европа – на прво место Европската конвенција за човекови права и судот од Стразбур – нејзиниот столб.
Посветеноста на Европа кон човековите права, демократијата и владеењето на правото не е слабост. Напротив, таа е нашата најголема стратешка сила, нагласува Мајкл О’Флаерти.
Сепак, геополитичките превирања ја доведуваат во прашање оваа реалност. Сè повеќе, земјите се повлекуваат во своите тесни национални интереси, занемарувајќи го меѓународното право. Војната во Украина е директен напад врз вредностите врз кои е основана Европа. Уште позагрижувачки е што долгогодишните сојузници сега се обидуваат да нè ослабнат, како што констатира комесарот за човекови права.

Човековите права ја зајакнуваат довербата неопходна за долгорочна безбедност

Роден од пепелта на Втората светска војна и кодифициран во Универзалната декларација за човекови права и Европската конвенција за човекови права, овој модел е основа на нашите општества веќе 80 години. Тој не е само морален компас; тој произведува опиплива отпорност. Човековите права ја поттикнуваат меѓусебната доверба неопходна за долгорочна безбедност, нешто што политиките засновани на страв никогаш не можат да го гарантираат.
За да се види алтернативата, треба само да се погледне што се случува на источните граници на Европа. Постои директна врска помеѓу напуштањето на човековите права и демократските принципи од страна на Русија на домашно ниво и нејзините воени напади во странство, објаснува комесарот.
Обратно, човековите права обезбедуваат мапа на патот за справување со предизвиците на миграцијата, климатските промени, загадувањето и губењето на биодиверзитетот, нееднаквоста и технолошките нарушувања.
Според него, Европа е посилна кога ја брани слободата на изразување заснована на човековите права – слобода на изразување различна од екстремниот говор на омраза. Посилни сме кога ја регулираме вештачката интелигенција за да спречиме дискриминација и злоупотреба, градејќи доверба во иновациите наместо да поттикнуваме страв. Посилни сме кога одбиваме да дозволиме волјата на мнозинството да се сведе на тиранија врз малцинствата.

Човековите права да бидат во средиштето на стратешкото репозиционирање на Европа

Мајкл О’Флаерти се спротивстави на критиките од САД насочени за состојбата во Европа.
– Неодамнешната Стратегија за национална безбедност на САД, повторувајќи ги критиките на потпретседателот Џ.Д. Венс во Минхен, ја прикажува Европа како континент во „цивилизациски пад“. Ја отфрлам анализата на САД. Дури и ако имаме недостатоци во неговата имплементација, европскиот цивилизациски модел, цврсто вкоренет во човековите права, е извор на гордост – вели меѓу другото О’Флаерти.
Тој ја истакнува важноста за човековите права да бидат во средиштето на стратешкото репозиционирање на Европа.
Соочени со алармантните предвидувања на САД за нашиот пад, европските лидери мора да ги стават човековите права во срцето на стратешкото репозиционирање на Европа. Ова бара акција во три области, кои Мајкл О’Флаерти ги нагласува.
Прво, доследност. Мора да го зајакнеме почитувањето на човековите права во нашите надворешни и домашни политики. Долгогодишната посветеност на Европа кон човековите права ни даде значителна мека моќ, но за да го ослободиме нејзиниот целосен потенцијал, мора да се справиме подобро дома. Тишината и двојните стандарди го поткопуваат нашиот кредибилитет. Не станува збор за усвојување морален став, туку за вистинско зголемување на финансирањето за меѓународни програми за човекови права и активна дипломатија, а истовремено да инвестираме повеќе во домашни политики за борба против сиромаштијата, нееднаквоста и падот на здравствените услуги. Робусна агенда за национални права, фокусирана на конкретни резултати, е единствената ефикасна противтежа на наративот за пад.
Второ, утврдување. Мора да ги заштитиме демократските институции што нè штитат. Во овој период на нестабилност, нелибералните актери неизбежно ќе продолжат да доаѓаат на власт. Нивните примарни цели остануваат судството, националните институции за човекови права, државната служба, академијата и медиумите. Тие се стремат да го преобликуваат изборниот систем. Владите треба да спроведат итна „проверка на здравјето“ на законските заштитни мерки околу овие институции. Бидејќи откако институционалниот вандализам ќе успее, штетата е тешко да се поправи.
Трето, храброст. Ни требаат европски лидери што ги бранат нашите вредности. Ова е исто така битка на наративи. Умерените политичари што се обидуваат да ги освојат гласачите со имитирање на јазикот на оние што сакаат да ги поткопаат нашите права и демократски норми се осудени на неуспех; гласачите секогаш ќе го претпочитаат оригиналот пред копијата.
– Ако немаме храброст да се залагаме за нашите вредности, ја предаваме битката. „Цивилизацискиот пад“ што го предвидуваат нашите критичари нема да дојде од тоа што ќе останеме верни на нашите вредности и принципи, туку од тоа ако ги напуштиме. Силата на Европа не лежи во имитирањето на авторитарните лидери (или автократи) или на оние што се спротивставуваат на човековите права, туку во демонстрирањето дека достоинството, законот и слободата остануваат единствените темели врз кои може да се изгради стабилна и просперитетна иднина – завршува Мајкл О’Флаерти, комесарот за човекови права на Советот на Европа во неговата реакција на најновите тенденции во Светот и Европа во однос на човековите права.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Францијаa