Фото: Пиксабеј

Дали 24-годишници можат да се квалификуваат како тинејџери? Како што пренесе лондонски „Гардијан“, можат, според мислењето на австралиски научници, кои го објавија тоа врз основа на резултатите од истражување во Кралската детска болница во Лондон. Тие врз основа на добиените резултати го продолжија традиционалниот период на адолесценција, која се дефинира од 10 до 19 години, до 24 години. Младите до 24 години во иднина ќе се нарекуваат тинејџери иако во зборот што ја означува нивната возраст нема збор „тин“ (teen).

Денес еден од четворица средношколци нема возачка дозвола

Идејата дека ќе се продолжи адолесценцијата не е нова во науката, бидејќи минатата година научниот магазин „Развој на децата“ утврди дека современите тинејџери многу помалку учествуваат во задачи што би можеле да се сметаат дека ги одредуваат како зрел човек отколку генерациите од пред дваесет години.
Магазинот, кој ги анализирал податоците добиени од испитување на околу осум милиони млади од 13 до 19 години во периодот од 1976 до 2016, чија цел беше да се дознае што прават кога не се на училиште, утврдил дека едвај по 20-та година започнале да учат да возат, работеле ситни работи (чистење, уредување градина, полевање цвеќиња…), па дури и да одат на први средби со припадници на спротивниот пол.
На пример: денес еден од четворица средношколци нема возачка дозвола кога ќе заврши средно училиште, додека нивните врсници пред 20 години веќе возеле во последната година во средно училиште. На радост на родителите, младите денес имаат и помалку и подоцна секс отколку генерацијата икс. Истиот случај е и со излегувањето на вечерни забави.

Зошто младите денес подоцна стануваат зрели личности

Дали сегашните матуранти можеме да ги сметаме за подготвени да живеат самостојно? Психолозите одговараат „не“. Неколку студии се занимаваат со прашањето зошто младите денес подоцна стануваат зрели личности и поголемиот дел како главен причинител ја наоѓаат рецесијата или лошата состојба во економијата, бидејќи сѐ помалку студенти ги завршуваат студиите без долгови што треба да ги вратат и затоа преферираат да живеат кај родителите отколку да се одлучат да обезбедат сопствен стан. Рамноправноста помеѓу половите го одложи времето за стапување во брак, а потоа и за раѓање деца.
Сите истражувачи се согласуваат дека одложувањето на созревањето е последица и на современите паметни телефони, бидејќи сега 75 проценти од тинејџерите имаат паметни телефони, и тоа од сите социјални слоеви. Мобилните телефони ги навеле и оние помлади од 10 години и постарите од 18 да го минуваат најмногу времето со тој апарат и тоа им го наруши социјалниот живот надвор од родителскиот дом. Зошто да се најдеш во некое кафуле или во парк кога можеш да се дружиш со девојката преку телефон? Зошто да возиш кога можеш да повикаш евтин убер преку телефон? Зошто да имаш секс кога можеш да го гледаш на Јутјуб?
Има и некои бенефиции од продолжената адолесценција бидејќи има помалку непланирани бремености, помалку се пие алкохол, се продолжува поголемата способност за паметење, што е вредна особина кај адолесцентите. Психолозите сметаат дека продолжувањето на адолесценцијата е многу корисно бидејќи ѝ дава на младата личност повеќе време да донесе важни одлуки за својот иден живот, вклучувајќи емоционална стабилност.