Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертски согледувања: Инвестициите во „Вардарска Долина“ не се некомплементарни со проектот за брзата железница

  • Она што во последно време се наметнува како дилема во македонската јавност е тоа дали трасата на брзата железница, чија изградба се најавува за следната година, на некој начин би можела да го загрози проектот „Вардарска Долина“ и така земјава да остане без важен капитален проект со кој би си обезбедила енергетска независност во иднина. Рапидниот развоен инвестициски процес стартуваше и тој треба сесрдно да се поддржи и да продолжи, а интегралноста и холистичкиот пристап се новата, наредна димензија на тие процеси. Според тоа, наредното повисоко инвестициско ниво е она во кое нема да постојат дилеми кој проект прв да се почне или, пак, недоумици дали еден развоен проект му пречи на друг…

Енергетската независност на една земја е клучен фактор, кој во голема мера влијае и врз заштитата на нејзиниот суверенитет, односно ја прави неподложна на туѓи влијанија и истовремено ја факторизира на геополитичката мапа. Од тие причини е исклучително важно Македонија како држава добро да ги осмисли сите проекти што ги планира, односно тие да бидат комплементарни со енергетската визија што ја има државава за да може да им одолее на предизвиците со кои повеќе од очигледно ќе се соочува целиот свет.

Утопија или реалност?

Со децении во Македонија одвреме-навреме се актуализира проектот „Вардарска Долина“, се отвораат дискусии, се анализираат изводливоста и оправданоста, но генералниот заклучок што произлегува од ваквите анализи е дека овој проект може да ја обезбеди енергетската независност на државата. Дополнително, онака како што е планиран, отвора можност за директна конекција со грчките пристаништа по воден пат, со што де факто земјава индиректно добива излез на море.
Она што во последно време се наметнува како дилема во македонската јавност е тоа дали трасата на брзата железница, чија изградба се најавува за следната година, на некој начин би можела да го загрози проектот „Вардарска Долина“ и така земјава да остане без важен капитален проект со кој би си обезбедила енергетска независност во иднина.
Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола смета дека на проектот „Вардарска Долина“ (интегрален пристап за коридорот 10, север-југ) мора да му се даде предност бидејќи тој, според неговите анализи, ќе носи стравотен бенефит поврзувајќи ултрастратешки правец и ќе биде во насока на енергетската независност на земјава.
– Проектот „Вардарска Долина“ со 12 хидроцентрали не само што е економски физибилен туку би ни донел и значителни добивки и импресивни стапки на принос на вложените пари – смета Трајковски.
Колку за потсетување, проектот „Вардарска Долина“ се состои од 12 хидроцентрали по текот на реката Вардар, од Скопје до Гевгелија. Од нив, две (ХЕ „Велес“ и ХЕ „Градец“) се акумулациски, а преостанатите 10 се проточни. Според податоците од ЕСМ, вкупната инсталирана моќност на централите изнесува 324,5 мегавати, а годишното производство на електрична енергија би требало да изнесува 1.309 гигават-часа, што претставува околу 20 отсто од годишниот бруто-консум на електрична енергија во Македонија.

Проектот „Вардарска Долина“ е клучен за стабилен енергетски сектор

Според професорот, иако во светот моментално 90 отсто од електричните централи во изградба се фотонапонски и ветерни, учеството на хидроцентралите е важно и речиси незаменливо во зима, во периодите кога нема доволно сонце и ветер.
– Цела Македонија би можела практично два месеца да функционира само со енергијата од Вардарска Долина, под услов да се вградат помоќни турбоагрегати (600 мегавати наместо 324 мегавати), иако вкупната енергија би останала иста.
Според студијата за оправданост на ЕСМ, цената на проектот би изнесувала 1.130 милиони евра, односно околу 3,5 милиони евра за еден мегават инсталирана моќност. Тоа е доста висока цена, но висока е поради многубројните странични брани (заштитни бедеми) за заштита на плодното земјиште од потопување. Земајќи ја предвид инфлацијата, како и евентуално посилни агрегати, цената ќе ја претпоставиме на ниво од 1.300 милиони евра.
Доаѓаме до предизвикот со железничката пруга, главниот камен на сопнување што досега ја попречувал изградбата, освен високата цена. Според студијата за оправданост за Вардарска Долина, ќе биде потребно изместување на трасата на девет сегменти со вкупна должина од 78,6 километри. Сметајќи со цена од околу 3-4 милиони евра за еден километар едноколосечна електрифицирана пруга, трошоците за изместување на пругата ги усвојуваме на ниво од 300 милиони евра, кои се додаваат на капиталните издатоци за Вардарска Долина. Пругата би била стандардна, за брзини до 100-120 километри на час, за да може максимално да ја следи топографијата на теренот, со минимум вијадукти и тунели. Хидроцентралите би ги покриле овие трошоци за околу две и пол години само од продажбата на електричната енергија – објаснува професорот Трајковски.
Понатаму тој додава дека вкупните капитални издатоци (ЦапЕкс), односно цената за изградба на хидроцентралите заедно со изместувањето на пругата би достигнале до 1.600 милиони евра.
– Од овој износ, сопственото учество на државата би изнесувало 15 отсто, односно 240 милиони евра. Остатокот од 1.360 милиони евра би бил заем од Европската инвестициска банка, со каматна стапка од 2 отсто. Ќе претпоставиме дека нема да добиеме грант, иако за ваков вид проекти Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, би можела да добие до 50 отсто грант (пореално е 35 отсто, односно околу 476 милиони евра) – прецизира Трајковски.

Приходи и трошоци

Очекувањата на професорот во неговата анализа се дека при моментална цена на електричната енергија од 110 евра за мегават-час, приспособена на македонските граѓани, и годишно производство од 1.309 гигават-часа, годишните бруто-приходи од продажбата на електрична енергија би изнесувале околу 144 милиони евра.
– Оперативните трошоци за овој вид хидроцентрали типично изнесуваат околу 15 отсто од приходите, односно околу 21,6 милион евра. Годишната добивка во нултата година (денес) би изнесувала 122,4 милиони евра и ќе претпоставиме дека ќе расте следејќи ја просечната стапка на инфлација од 2,5 отсто годишно. Простиот период на отплата (payback period) изнесува 1.600/122,4 = 13,1 година. Поради тоа усвојуваме период за отплата на кредитот од 20 години, со период на повлекување и грејс период од пет години. Годишниот ануитетот на заемот би изнесувал 112,37 милиони евра. За 17 години би требало да се вратат вкупно 1.685,5 милиони евра, а од тоа 325,5 милиони евра камати. Остаточната (резидуалната) вредност на проектот по 20 години изнесува 1.230,8 милиони денешни евра, а по 70 години (крајот на работниот век пред капитален ремонт) изнесува 80 милиони денешни евра – истакнува Трајковски во анализата.

Финансиска анализа

Гледано од финансиски аспект, професорот прогнозира кога би можеле да се очекуваат првите бенефити од целиот проект.
– Бараната (очекуваната) стапка на поврат на инвестицијата ја усвојуваме на ниво од шест отсто. Доколку внатрешната стапка на принос биде пониска, проектот би бил неисплатлив. Претпоставената стапка на инфлација изнесува 2,5 отсто.
По 20 години, нето-сегашна вредност: НПВ = 645,08 мил. денешни евра. Проектот не само што би ја остварил бараната стапка на поврат од шест отсто туку би остварил 645 мил. денешни евра дополнителна вредност.
Индекс на профитабилност: ПИ = 3,69. Освен бараната стапка на принос, проектот би заработил 3,69 денешни евра на секое вложено евро, како и враќање на целото почетно вложување.
Внатрешна стапка на поврат на инвестицијата: ИРР = 20,81 отсто. Вистинската стапка на поврат на инвестицијата е значително повисока од бараната (шест отсто).
Модифицирана внатрешна стапка на поврат (при стапка на принос на реинвестираните пари од пет отсто, т.е. 10-годишни американски државни обврзници): МИРР = 13,15 отсто.
Вкупна добивка (профит) од проектот, со отплатен кредит: 509,2 мил. идни евра.
Вкупен поврат на инвестицијата: РОИ = 112,8 отсто
По 70 години нето-сегашна вредност: НПВ = 1.308,4 мил. денешни евра, над бараната стапка на поврат, Индекс на профитабилност: ПИ = 6,45, внатрешна стапка на поврат на инвестицијата: ИРР = 19.39 отсто, Модифицирана внатрешна стапка на поврат: МИРР = 8,42 отсто, Вкупна добивка (профит) од проектот: 17,8 милијарди идни евра
Вкупен поврат на инвестицијата на сопствено вложување од 240 мил. евра: РОИ = 7.412,2 отсто. Погорните пресметки се правени при едно средно сценарио.
Доколку електричната енергија се продава само по пикова цена од 160 евра/мегават-час, а проектот е поддржан со 35 отсто грант од ЕУ, на што Македонија има право како земја кандидатка, тогаш показателите се уште подобри.
По 20 години:
– Внатрешна стапка на принос: 38,2 отсто
– Вкупен профит: 2.196,5 мил. евра
По 70 години:
– Внатрешна стапка на принос: 37,8 отсто
– Вкупен профит: 28.116,5 мил. евра

Опсервација во пакет: „Брза пруга“ и „Вардарска Долина“

Професорот Трајковски прави и споредбена анализа за тоа кои се придобивките од брзата пруга, а кои од реализацијата на проектот „Вардарска Долина“.
– На крајот останува да го споредиме проектот „Вардарска Долина“ со проектот за брзата пруга, што го делат заедничкиот простор во долината на Вардар.
Вардарска Долина за 20 години би ја вратила почетната инвестиција од 240 мил. евра, би го отплатила кредитот и би генерирала 509,2 милиони евра профит, кој до 70-тата година би пораснал на 17,8 милијарди евра. Тука не се земени предвид придобивките од регулацијата на реката Вардар и наводнувањето на Повардарието.
Од друга страна, брзата пруга тешко дека би го вратила почетното вложување од 300 милиони евра, не би го вратила кредитот, а според мои анализи и би генерирала загуба од 3,4 милијарди евра, за што државата би морала да се задолжува во недоглед – и никогаш не би можела да го врати поради буџетскиот дефицит.
Затоа, здраворазумски и научно одговорно опсервирано, би ја изградил Вардарска Долина, при што и пругата, но со нејзина релокација, би била исплатена од истиот проект.
Пругата би продолжила да функционира со брзини до 100-120 километри на час и би чекала подобри времиња, односно евентуално зачленување на Македонија во ЕУ и грантови до 85 отсто за изградба на нова, брза пруга. Приходите од транзит едноставно не се вредни за жртвување на „Вардарска Долина“ и заглавување во должничко ропство – ја заклучува својата анализа професорот Дејан Трајковски.