Минатата седмица, во „Нин“, прочитав: „Петнаесетгодишен Белгиец докторирал по квантна физика“. Долу, во текстот стоеше дека со 11 години веќе имал диплома за основни студии по физика на Универзитетот во Антверпен, додека повеќето деца на негова возраст сè уште посетуваат основно училиште. Тој е, стоеше во текстот, најпознат „вундеркинд“ (чудо од дете) во Белгија.
На негови години, дури и оние што од мојата генерација беа сметани за „вундеркинди“ (и потоа навистина станаа некој и нешто) се движеа со многу помала брзина. Посетуваа часови по граматика, латински, физика, хемија, математика и биологија во гимназиите и на секој предмет од нив се бараше да бидат „доктори“ по тој предмет. Образованието беше енциклопедиско, а не специјалистичко, се инсистираше на секој предмет (како да е најважен) и затоа се случуваше дури и оние со сосема просечни оценки да имаат „широка општа култура“, како што се викаше тоа. Тогашните петнаесетгодишни деца наместо да бидат доктори по квантна физика, пишуваа љубовни песни, свиреа гитари, се возеа со градски автобуси низ градот надевајќи се дека во автобусот ќе се качи девојката во која се вљубени, а која секој ден во исто време се враќа од училиште. Собираа сликички од спортисти за албуми, разменуваа лонг-плејки. На 11 години, пак, кога Белгиецот бил дипломиран квантен физичар, ги читавме „Том Соер“ на Твен и „Островот со богатството“ на Стивенсон, игравме џамлии и „серва“ по малите улички, мачкавме маргарин врз кој ни ставаа шеќер и крадевме праски и малини по дворовите на Влае. И мислам дека бевме посреќни деца. Знаевме многу нешта, а не само (квантна) физика.
Немој да сфатите дека сум завидлив. Убаво е тоа што постојат „вундеркинди“. Постоеле, постојат и ќе постојат, и тоа е она за што народот вели „Господ го бакнал во умот“. За мене проблемот е во тоа што ние денес имаме многу повеќе зелени (а црвено бојадисани) цреши одошто вундеркинди, а се претставуваат како вундеркинди. Тоа се луѓе што не се гении, а сепак магистрираат, докторираат, се збогатуваат или стануваат врвни политички и државни фактори – на експресен начин. На начин што едноставно не е природен, како што е неприродно, на пример, жена да роди дете за три месеци бременост, а детето да биде живо, здраво и право. За таквите „вундеркинди“ што користат SHORTCUT во животот, сакам да кажам дека се лажат себеси, а го злоупотребуваат најскапоцениот извор на среќа во животот – времето. Сакаат да бидат побрзи од природното време што е потребно за нешто да биде ЗРЕЛО. Сакајќи да бидат побрзи од времето, се лишуваат од чекањето. А чекањето на она по што копнееш е извор на среќа во животот. За тоа сум пишувал сто пати и нема да повторувам.
Пред некоја година, еден монах од Света Гора ме убедуваше (при една моја визита таму) дека времето забрзало. Односно дека тече побрзо, секој ден, секој час, а дека тоа не се регистрира на стрелките од часовникот. Монахот што ми го кажуваше тоа ги изговори токму тие зборови („времето забрзува“), без да студирал физика или квантна физика и без да знае дека тоа го знаел и Алберт Ајнштајн – времето тече во зависност од брзината со која се движи оној што го мери. Така некако ние лаиците би го формулирале тоа. Но без да ги знае причините за забрзувањето на времето, монахот тврдеше дека тоа забрзување на времето ќе го уништи светот. Повторуваше дека сè си има свое време, „време кога се сее и време кога се жнее“ (книга Еклизијаст од Светото писмо) и дека не е нормално овошките за кои треба цело лето зреење – да созреат за една-две седмици, како што прават индустриските вештачки производители, кои зреат лубеници и зиме. Како клучен аргумент за тоа дека „времето забрзало“ монахот наведуваше лично искуство: маслото во кандилата, за кои беше задолжен да ги полни, од година на година горело сè побрзо и побрзо. Тој го увидел тоа според потрошувачката на маслото. А маслинките од кои се прави тоа масло се истите – истите дрвја се тука со децении и со векови: маслиновото дрво живее меѓу 300 и 500 години. Квалитетот и родот на маслинките не се опаднати, тврдеше тој, количеството масло од нив секоја година е исто. Но сега тоа количество се троши (односно гори) побрзо.
Дали времето навистина забрзало, па на 15 години имаме вистински доктори по квантна физика? Или само се лажеме, затоа што целосно сме ги уништиле вредностите на општествата распослани по целиот свет, а најмногу сме го уништиле поимот на знаењето? Односно, сме го скратиле времето за зрел докторат (тоа не траеше помалку од четири години), сме го скратиле времето потребно за зрела магистратура (тоа траеше две години студии и најмалку две години пишување, а сега е три-четири семестри), сме ги скратиле учебниците и часовите за зрело образование, сме им ги скратиле платите на даскалите и со тоа сме го скратиле и нивниот интерес за вистинското знаење?
Сум пишувал повеќе пати на оваа тема: денешнава цивилизација прави ужасна (но намерна) грешка. Знаењето го замени со поимот информација, која личи на знаење, ама не е. Денес е доволна информација за да бидеш успешен и да најдеш работа – шрафче во системот што знае некоја „вештина“. Знаењето, пак, е способност на личноста, со која таа преку процес на размислување самата си гради „структура“ и ХИЕРАРХИЈА од информациите. Наместо со знаење, личноста денес е соочена со поплава од ТОЧНИ информации, но тоа се само агломерации (куп точности), а не хиерархии. Не се знаење додека не ги поврзе жив човечки ум. Дури и вештачката интелигенција НЕ ЗНАЕ, таа е само одлично ИНФОРМИРАНА. Со син ми се забавувавме, прашувајќи ја: „Што е зелена боја?“, на што добивме одговор „Зелена боја е бојата на зелените предмети“. Или: „Што е лева рака?“, на што добивме сличен: „Лева рака е онаа која се наоѓа на левото рамо“. Тоа е информација, не е ни знаење, ни размислување. Да не говориме за тоа дека на тие дигитални и паметни уреди им недостига и емотивна интелигенција. И зрелост, и искуство и мудрост.
Во таа смисла, се прашувам: ако оној петнаесетгодишен Белгиец навистина е доктор по квантна физика, тој сигурно знае да направи атомска бомба. И дури и да го има тоа ЗНАЕЊЕ, ги има ли ТАА зрелост и емотивна стабилност да НЕ ГО НАПРАВИ тоа оружје? Знаењето е многу опасно кога не е придружено од емотивна зрелост и морална стабилност. Истиот научник му служеше на Хитлер за бомбардирањето на Лондон со проектили со голем дострел, а подоцна му служеше на човештвото, за човекот да се качи на Месечината. Сосема исто знаење, различна морална цел. И – дали е тоа нормално – некој со 15 години да има ЗНАЕЊЕ со кои може и да се уништи (но за среќа) – и да се спаси светот?! Што од двете ќе се избере? Зар не е тоа преголем товар за емотивната и моралната страна на личноста?! Зар не е тоа презревање на она што треба природно да зрее?
Често слушаме дека времето се сменило, дека „сега децата се раѓаат со дипломи“, дека порано зреат… Јас мислам дека не е така: и најзрелите меѓу нив се уште деца. Мислам дека никој и ништо (па дури ни роман што го пишувате или слика што ја сликате) не можат да „стасаат“ предвреме. Не треба да си квантен физичар за да сфатиш дека расолницата стасува за најмалку три седмици. Прераното зреење им е познато на оние што држат пластеници: а ние, купувачите, знаеме дека тие домати не мирисаат како вистински, изгледаат зрели, а не се, суви се наместо сочни.
А луѓето сепак не се домати. Тоа и не е некоја поента, ама така ја завршувам оваа колумна за зелено презреаните цреши. Не сме на добар пат со прераното зреење.

































