Карикатура: „Нова Македонија“

Европските политички елити пред завршен чин

  • Во новата американска стратегија за национална безбедност недвосмислено се посочува дека Европа мора сама да се потпре врз сопствените одбранбени капацитети наместо да очекува НАТО и натаму да биде единствената одбрана. Тоа, меѓу другото, е една од причините зошто актуелното европско водство панично го зголемува европскиот буџет за одбраната во ситуација кога реално и ги нема потребните близу милијарда евра, средства што европските земји тешко ќе ги обезбедат без тоа сериозно да ги погоди нивните економии
  • Иницијативата на конгресменот во американскиот Конгрес што поднесе предлог-закон за повлекување на САД од НАТО во никој случај не треба да се перцепира како чекор кон распаѓање на Алијансата, туку како еден вид негово внатрешно реструктурирање, во кое секој ќе преземе дел од одговорноста, вклучувајќи ги и финансиските издатоци, кои досега во најголем дел беа врз плеќите на САД. Затоа оваа нова иницијатива од САД има потенцијал да предизвика сериозни последици врз Европа, како од безбедносен аспект, имајќи го предвид фактот дека европските безбедносни сили се во почетна проектна фаза, така и од финансиски аспект, особено во делот на средствата што Европа вети дека ќе ги издвои за обнова на повоена Украина, кои далеку ги надминуваат европските можности

Исклучително сериозни предизвици ја очекуваат Европа во делот на безбедноста, особено ако се има предвид фактот дека САД сѐ повеќе ги притискаат европските партнери да почнат да градат независна безбедносна структура што нема да се потпира врз НАТО, туку ќе дејствува самостојно. Тоа го потврдуваат сите сигнали што во последно време пристигнуваат од Вашингтон, особено по објавувањето на новата американска стратегија за национална безбедност, во која меѓу приоритетите е истакнато и американското повлекување од европската одбрана.
Имено, во новата американска стратегија за национална безбедност недвосмислено се посочува дека Европа мора сама да се потпре врз сопствените одбранбени капацитети наместо да очекува НАТО и натаму да биде единствената одбрана.
Токму тука треба да се бара една од причините зошто актуелното европско водство панично го зголемува европскиот буџет за одбрана во ситуација кога реално и ги нема потребните близу милијарда евра, средства што европските земји тешко ќе ги обезбедат без тоа сериозно да ги погоди нивните економии.

Конгресмен во американскиот Конгрес поднесе предлог-закон за повлекување на САД од Алијансата

Вака или онака, Американците веќе почнаа да испраќаат и директни пораки дека одбраната на Европа треба да стане европско, а не американско прашање, па затоа во нивната нова стратегија за национална безбедност токму тоа е јасно истакнато.
Слични сигнали се наѕираат и во иницијативите преземени од Републиканскиот конгресмен Томас Маси, кој поднесе предлог-закон во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со кој се бара повлекување на земјата од НАТО.
– НАТО е реликт од Студената војна. Треба да се повлечеме од НАТО и да ги користиме тие пари за да ја одбраниме нашата земја, а не социјалистичките земји. НАТО беше создаден за да му се спротивстави на Советскиот Сојуз, кој се распадна пред повеќе од триесет години. Оттогаш, учеството на САД ги чинеше даночните обврзници билиони долари и продолжува да го ризикува вклучувањето на САД во странски војни. Нашиот устав не одобри трајни странски заплеткувања, нешто за што нашите татковци основачи експлицитно нè предупредија. Америка не треба да биде безбедносно ќебе на светот – особено кога богатите земји одбиваат да платат за сопствената одбрана – наведува конгресменот Маси во образложението на предлог-законот за повлекување на САД од Алијансата.
Тој појаснува уште и што предвидува законот за НАТО што го предлага:
– Бара претседателот формално да го извести НАТО за повлекувањето на САД според членот 13 од Северноатлантскиот договор.
– Заклучува дека првобитната цел на НАТО од Студената војна повеќе не се совпаѓа со сегашните интереси на националната безбедност на САД.
– Утврдува дека европските членки на НАТО имаат соодветен економски и воен капацитет да обезбедат сопствена одбрана.
– Спречува користење на средствата на даночните обврзници на САД за заедничките буџети на НАТО, вклучувајќи го неговиот цивилен буџет, воениот буџет и Програмата за инвестиции во безбедноста.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неколку наврати и самиот истакна дека САД би можеле да се повлечат од НАТО и дека Европа може и сама да се грижи за својата безбедност.

Реструктурирање на НАТО

Ваквите иницијативи во никој случај не треба да се перципираат како чекор кон распаѓање на НАТО, туку како еден вид негово внатрешно реструктурирање во кое секој ќе преземе дел од одговорноста, вклучувајќи ги и финансиските издатоци, кои досега во најголем дел беа врз плеќите на САД.
Затоа оваа нова американска иницијатива би можела да предизвика сериозни последици врз Европа, како од безбедносен аспект, имајќи го во предвид фактот дека европските безбедносни сили се во почетна проектна фаза, така и од финансиски аспект, особено во делот на средствата што Европа вети дека ќе ги издвои за обнова на повоена Украина, кои далеку ги надминуваат европските можности. Од една страна се потребите за финансирање на новата европска одбрана, од друга финансиските потреби на Украина. Европа не може да го издржи тоа. Обидите да се искористат замрзнатите руски средства за повторна изградба на Украина наидуваат на силен отпор меѓу европските банкарски институции, како и меѓу одделни земји членки што сметаат дека на тој начин се удира по финансискиот суверенитет и таквиот преседан утре може да стане пракса и за европските средства што би можеле да бидат замрзнати, а потоа искористени од трети страни.
– Една ваква итна ситуација несомнено ќе налага европските земји да мораат да вложат значително повеќе средства во одбраната од оние пет отсто што сега треба да ги даваат за НАТО, барем во првата фаза додека не се воспостават функционални европски безбедносни сили. Затоа се ова трошење на одбраната во Германија и во Франција, вооружувањето на балканските земји, враќањето на воените рокови, отворањето нови капацитети за воената индустрија, ревитализацијата на старите воени фабрики како онаа во Бугарија. Многу работи се поврзани и со мировниот план за Украина, кој ќе ги дава безбедносните гаранции, дали земјата ќе биде примена по скратена постапка во ЕУ, кој ќе ја прави обновата и слично. Низ таков контекст треба да се посматраат и прашањата што нѐ засегаат нас. Македонија меѓу првите го потпиша пристапувањето во европскиот безбедносен систем, а евентуалниот брз прием на Украина во ЕУ ќе значи и пакет прием на сите земји, за да се заокружи овој процес и на тој начин да се стават во функција сите воени капацитети и сите буџети на земјите членки за изградба на силен европски безбедносен систем. Затоа е клучно да влезат сите земји, за да нема веќе слаби точки каде што може да се јават безбедносни ризици – сметаат експертите за геополитички прашања.
Според нив, САД нема да се откажат и да се повлечат од Европа, но не се подготвени повеќе сами да го носат товарот на европската одбрана.
– Тие (Американците) ќе си ги гледаат своите интереси во Европа, ќе профитираат секаде каде што ќе можат, но Европа ќе мора сама да ја организира својата безбедност и да плаќа за неа. Видовме и сега, Европа испраќа бесплатно оружје во Украина што претходно скапо го купува од САД. Американците профитираат од таа војна, така што Европа треба добро да размисли дали ѝ се исплати продолжувањето на конфликтот.
Исто е и со енергентите. Европа го прекина дотокот на евтини енергенти од Русија, а се престрои кон поскапите американски енергенти. Нема никаква здрава логика во овие потези, но едно е сигурно, тоа ќе бидат идните американско-европски односи и тие се јасно напишани во новата американска безбедносна стратегија – оценуваат експертите.
„Нова Македонија“ и во наредните изданија ќе продолжи да ги анализира различните аспекти што произлегуваат од новонастанатата комплексна безбедносно-политичка состојба поврзана со американските предлози и нивното влијание врз Европската Унија и НАТО, а со тоа и врз Македонија како членка на Северноатлантската алијанса и како земја кандидатка за влез во ЕУ.