Парадоксот на ДУИ (2): Различните форми за опструкција на судски процесирања за сторени воени злосторства, како повод
- Македонските хашки случаи директно ги инволвираат носителите на највисоките партиски функции во ДУИ, при што од страна на домашниот правосуден систем треба да се утврдат нивната одговорност и евентуални противправни поведенија. Според многу соговорници, правни експерти, постои многу повеќе од индиции или основи на сомневање дека функционерите на ДУИ (поранешна ОНА) се сторители на кривични дела што не застаруваат, инаку, според соговорниците, „зошто ДУИ со години инсистираше овие предмети да се затворат, да се забошотат, да се прогласат за ’политички мотивирани’ или едноставно да исчезнат“?!
Ова не е политичка позиција. Ова беше системско попречување на правдата, кое сега продолжува во некој вид граѓански протести за опструирање на правдата, велат нашите соговорници
Последните најави дека ДУИ повторно планира да организира или да учествува во протести, овој пат во Скопје, во врска со поддршката за поранешни припадници на ОВК обвинети за воени злосторства, наметнува прашања од јавен интерес што одамна требаше да бидат поставени:
1. Како е можно политичка партија што две децении учествуваше во власта во Македонија и која сè уште се обидува да се стави во обланда дека „поддржува и функционира во рамките на европските принципи“, истата таа партија, имено ДУИ, да прави опструкции, да создава тензии и притисок против најреномираната меѓународна правна институција во светот – Хашкиот трибунал, кој во врска со горенаведеното токму во моментов се обидува да расчисти случаи за евентуални воени злосторства извршени на Косово?
2. Како е можно ДУИ додека беше на власт, заедно со нејзиниот коалициски партнер во парламентот, да изгласа за македонските хашки случаи, кои беа вратени од Хаг (кои исто така се однесуваат на извршени воени злосторства и кои не застаруваат) за да бидат процесирани пред домашното правосудство (за да се тестира веродостојноста на судството), да бидат ставени ад акта, а политиката да се стави над владеењето на правото?!
Имено, како една политичка партија може истовремено да поддржува протести за поддршка на осомничени за воени злосторства за случаи што ги води меѓународен суд за злосторства извршени во Косово, а паралелно да блокира, да се обиде да ги згасне или да спречи процесирање на хашките предмети за злосторствата извршени од ОНА во Македонија?
Парадоксот на ДУИ е толку очигледен што станува речиси циничен
Во последно време неколкупати видовме како ДУИ се става во функција на организатор или поддржувач на протести за поддршка на осомничени за воени злосторства што беа одржани како настани во Приштина и во Тирана. Овие случаи не се под надлежност на Македонија, не се поврзани со македонските институции. Тие се водат од меѓународни судии пред специјализираниот хашки суд и не ги засегаат директно ниту македонските граѓани ниту македонската политика.
Но, сепак, очигледно е дека за ДУИ тие случаи се идеална алатка за етничка мобилизација, која би била во функција на партиско-политички профит и собирање поени на контото на својата рехабилитација и политичко рециклирање.
Но, само за потсетување, ДУИ со години блокираше, минираше или директно спречуваше процесирање на случаите за воени злосторства направени од припадници на ОНА во Македонија. Токму тие воени злосторства за кои има основани сомненија дека се извршени од ОНА (УЧК) на територијата на нашата држава имаат заеднички именител со актуелните процеси пред Хашкиот трибунал. Тие случаи кај нас се документирани. Тие се заведени како Хашки случаи пренесени на македонските институции и вклучуваат жртви Македонци и Албанци, а ги засегаат граѓаните на оваа држава. Во тој контекст се издвојува фактот дека македонските хашки случаи директно ги инволвираат носителите на највисоките партиски функции во ДУИ, при што од страна на домашниот правосуден систем треба да се утврдат нивната одговорност и евентуални противправни поведенија. Според многу соговорници, правни експерти, постои многу повеќе од индиции или основи на сомневање дека функционерите на ДУИ (поранешна ОНА) се сторители на кривични дела што не застаруваат, инаку, според соговорниците, „зошто ДУИ со години инсистираше овие предмети да се затворат, да се забошотат, да се прогласат за ’политички мотивирани’ или едноставно да исчезнат“?!
– Ова не е политичка позиција. Ова беше системско попречување на правдата, кое сега продолжува во некој вид граѓански протести за опструирање на правдата – велат тие.
И во регионот се чувствува безбедносно тлеење на жариште, предизвикано од масовни протести во 2+1 соседни земји против Меѓународниот суд на правдата
ДУИ и Али Ахмети активно учествуваа во масовните протести за поддршка на ветераните на УЧК што се во Хаг. ДУИ и Али Ахмети планираат протести против меѓународна судска институција, кои ќе се одржат наскоро во Скопје, на плоштадот „Скендербег“.
– ДУИ со најавите за протести ја загрозува регионалната стабилност, создава непотребна етничка напнатост, испраќа порака дека меѓународното право важи само кога им одговара, а кога не им одговара – се протестира против него. Тоа е опасна политика, антиевропска и антидемократска – децидни се нашите соговорници, при што додаваат дека исклучиво државата со своите институции треба да дејствува превентивно, па ако треба и репресивно, во врска со најавениот настан.
Во ниедна сериозна држава не е дозволиво да се случува вакво нешто. Зошто? Затоа што меѓународните судови се столб на мирот во Европа, тие постојат за да спречат етнички конфликти, нивната работа е неприкосновена, нивното оспорување создава ризик од ескалација, велат нашите соговорници, кои се упатени во оваа проблематика. П.Р.
Во каква ситуација се доведе политичката партија што се нарекува и демократска и интегративна?
Зошто ДУИ се доведе денес во ситуација да го брани недобранливото? Зошто организира протести за лица обвинети за најтешки кривични дела? Зошто на протестите отворено напаѓа меѓународни судии и реномирана судска меѓународна институција? Зошто создава тензии за случаи што не ги засегаат нашите институции? И, паралелно на тоа, зошто сѐ уште грчевито блокира правда за жртвите во сопствената држава?!
Нашите соговорници отвораат оваа низа прашања, наедно констатирајќи дека „тој нивни начин не е политика. Тоа е злоупотреба на политиката“.
– Македонија заслужува партии што го почитуваат правото — не партии што одбираат злосторства „што вреди да се бранат“. ДУИ одамна престана да биде модерна политичка сила. Партија што се бори против Хашкиот суд, брани обвинети за воени злосторства, ги блокира случаите што ја допираат лично и создава протести што можат да го загрозат мирот не може да се нарече ниту демократска, ниту европска, ниту модерна. Тоа е партија што го става сопствениот интерес пред правдата и пред граѓаните, а политичкиот опстанок пред мирот. А таква политика е опасна за секоја држава – и за Македонија и за регионот – поентираат нашите соговорници, правни експерти и универзитетски професори. П.Р.




































